Да му помогнеме на „Антолог“ да застане на нозе и да создаде ново поглавје во нивната приказна

Постојат денови кога една природна непогода не уништува само ѕидови, магацини и инвентар. Постојат денови кога страда и нешто многу потешко да се измери – години љубов, труд и посветеност вложени во создавањето на книжевна заедница. Токму тоа им ѝ се случи на издавачката куќа и книжевен центар „Антолог“. По силното невреме што го зафати Скопје пред неколку дена, нивните магацински простории целосно се поплавиле. Уништени се десетици илјади книги, возило, опрема, инвентар и речиси сè што со години било создавано. За „Антолог“ ова не е само материјална загуба, туку удар врз 27 години работа, визија и љубов кон книгата.

(Извор: Види Вака)

Но, секоја книга нè учи дека и по најтемното поглавје може да следува нов почеток. Денес на „Антолог“ не му е потребно само сочувство, туку потребна му е и солидарност и поддршка. Електронскиот портал „Арно“ прв го покрена ова прашање и објавија неколку точки и предлози за тоа како може да ѝ се помогне на издавачката куќа која речиси 30 години веќе е дел од книжевната сцена и секогаш нуди квалитетни и одлични изданија. „Види Вака“ истиот ден веднаш објави прилог за овој немил настан и дополнително соопштија дека најголема помош во тој момент им е потребна за механизација и работна рака за да се отстранат уништените книги и останатиот шут.

Македонската јавност веднаш брзо реагираше и се придружи на повиците за солидарност, а вчера и „Антолог“ објавија неколку предлози за тоа како може да се помогне. Подолу можете да и да го погледнете инфографикот објавен од „Антолог“.

Како може да помогнете?

Доколку сте прашувате дали и како можете да помогнете, тоа можете да го сторите на неколку начини.

Најпрво, со купување на моменталните резерви на изданијата на „Антолог“ достапни во книжарниците, но и преку нарачување на книги преку нивната веб-страница. Како што велат од „Антолог“, во моментов не се во можност да ги доставуваат книгите што се нарачани или што се нарачуваат преку веб-страницата, но работат на решение и навремено ќе ја известат јавноста за доставувањето.

Понатаму, со оглед на обемноста на штетата и уништените книги, потребна им е помош околу расчистување на просторот и со механизација, но и со работна рака. Некаде на социјалните мрежи се појави и предлог за помош и поддршка околу привремен магацински простор.

Доколку не сте во можност да купите директно книга, можете и директно да донирате на нивната денарска или девизна сметка.

Денарска сметка

(со цел на дознака: Донација):
– Комерцијална банка АД Скопје: 300000003674784
– НЛБ Тутунска банка АД Скопје: 210069242710158

Девизна сметка

Комерцијална банка
IBAN: MK07300701003070696
S.W.I.F.Т. KOBSMK2X

Иако рано е да зборува и за настани, сепак и книжевната заедница може да придонесе преку организирање хуманитарни книжевни вечери, промоции, разговори со автори, донаторски акции и продажба на потпишани книги, со што заеднички ќе се помогне во обновата.

„Антолог“ со години е едно од најважните места каде што македонските читатели ги откриваат домашните и светските книжевни гласови. Нивната мисија отсекогаш била преку книгите да внесуваат повеќе светлина, знаење и убавина во секојдневието. Токму затоа, сега е време ние да им ја вратиме таа светлина.

Книгите преживуваат затоа што секогаш има луѓе кои не се откажуваат од нив. Да покажеме дека македонската книжевна и читателска заедница знае да биде заедница и кога е најтешко.

Секоја подадена рака, секое споделување, секоја купена книга и секој гест на солидарност значат уште еден чекор поблиску до денот кога „Антолог“ повторно ќе продолжи да го прави она што најдобро го знае – да создава нови читател(к)и, нови приказни и нови светови.

Во продолжение погледнете го и второто видео што „Види Вака“ го направи за случајот:

Leave a comment