Книга на летото: „Одисеја“ од Хомер!

Одисеја“ е можеби една од најпознатите приказни на сите времиња. Приказната на Одисеј и неговото трнливо враќање дома е дел од задолжителните лектири во средно училиште, но е и приказна која со милениуми инспирира академски дебати, екранизации, други книжевни дела и еден куп дебати. Летово „Одисеја“ стекна новостекната неверојатна популарност благодарение на екранизацијата на Кристофер Нолан која моментално се прикажува во кино-салите ширум светот.

Медиумите ширум светот објавуваат дека преводите на „Одисеја“ моментално се на врвот на топ-листите на најпродавани книги и самиот контекст и приказна се врати во дебатите и дискусиите, па затоа и сметав дека е време за препрочитување на ова неверојатно и величествено дело, таман пред да го гледам филмот и сфатив дека на возрасни години уште поубаво легнува книгата и се воодушевив од приказната на еден нов и позрел начин и токму поради тоа, ја прогласувам за моја „Книга на летото“.

Изданието на македонски јазик е на „Полица“, според препев на Михаил Д. Петрушевски.

За што се работи во книгата?

Поемата го следи долгото патување на Одисеј по завршувањето на Тројанската војна кон својата родна Итака. Тој е речиси 20 години далеку од островот, а дома го чекаат неговата верна Пенелопа и неговиот син Телемах. Неговото патување е опасно, непредвидливо и не му е загарантирана безбедноста на неговиот пат кон домот. Секако, во неговото патешествие се вмешани и боговите кои внимателно следат што се случува, ги има оние кои навиваат за него и се трудат да му помогнат, но од друга страна, Посејдон му е ужасно лут и сака да го уништи. Далеку од дома, Пенелопа и Телемах живеат во мизерија. Нивниот дом е запоседнат од додворувачи кои сакаат да ја убедат Пенелопа да се омажи за нив и кои ги минуваат деновите јадејќи и пиејќи од нивната трпеза. Телемах е многу млад, но решава да се обиде да дознае што се случило со неговиот татко.

Зошто треба да ја прочитате книгата?

Затоа што се работи за неверојатно дело, кое иако е создадено пред речиси три илјади години, сепак ги надминува и вековите и милениумите и уште длабоко се поврзува и со современиот читател. Во оваа епска поема ние заедно со Одисеј влегуваме во една авантура во која има богови, чудовишта и митски суштества, но и навлегуваме во теми што се блиски до човекот, без оглед во која ера живее: приказната за копнежот, за носталгијата по домот и желбата човекот да се врати дома. Особено восхитувачка е издржливоста и упорноста на човекот кога тој има цел пред себе и дека дури и во најголемата болка човек може да најде сила да продолжи напред.

Одисеј е херој, но тој не е типичен херој. Неговата гордост и импулсивност некогаш го водат по опасни патеки и му носат огромни загуби, но сепак тој поседува мудрост и итрост и вештини што му помагаат да преживее, а воедно поседува и една човечка ранливост што прави едноставно човек да навива за него и да навива да успее. Во една приказна со неверојатни сцени, еден од највпечатливите делови е кога Одисеј оди во Адот и таму се сретнува со неговата мајка, со Агамемнон, и секако со еден од најголемите херои на сите времиња – Ахил. Кога на Ахил му посочува дека сега е херој со слава во подземјето, Ахил вели:

Не спомнувај ми ја повеќе смртта, Одисеју светел.
Порадо, зар, би сакал да работам јас како аргат,
кај некој сиромав маж, којшто нема ни богата земја,
одошто, заре, над сите да умрени мртовци царвам.

Ахил ги отфрла сите епитети и слава, потврдувајќи дека е подобро да се биде жив и непознат, отколку да се биде славен мртовец, потврдувајќи ја вредноста на животот. Сцените што се одвиваат во Адот се толку впечатливи што можете и да ги почувствувате како и вие да сте таму заедно со Одисеј. Со денови по завршување на книгата размислував на тој дел. Сцената кога Одисеј се среќава со неговата мајка во Адот е неверојатно трогателна и ранлива, на тој начин Одисеј дознава дека неговата мајка не е повеќе жива и тоа уште повеќе ја зголемува неговата свесност за тоа што загубил и неговата желба да се врати дома.

Кога Одисеј стигнува на Итака, веќе на читателот му е јасно кон што води приказната, но неверојатна е тензијата и градењето на приказната до моментот кога Одисеј се соочува со сите додворувачи и мрзливци кои му ја запоседнале трпезата и го злоупотребувале неговото гостопримство, особено откако претходно сите го гледаат со презир кога мислат дека се работи само за еден беден питач. Како што се напоменува и во епот:

Оту блажените бози не милуат неарни дела,
туку си правина честат и човешки праведни дела.

Без оглед дали веќе сте ја прочитале оваа приказна или не, дефинитивно треба да ја прочитате. Самото читање на „Одисеја“ е еден вид на авантура, кога ние како читатели навигираме во сите комплексности на јазикот, но и самото ткаење на приказната. Но, ние длабоко се поврзуваме со приказната на Одисеј. Го чувствуваме стравот кога се соочува со киклопи и опасни суштества, страдаме со него кога гледа како неговите содружници умираат, ја разбираме неговата болка кога Калипсо го држи на островот против своја волја и рони солзи на брегот, ние сме со него на секој чекор и ги чувствуваме сите тие нешта, а воедно и ги преиспитуваме и темите и паралелите со нашите животи. Сите понекогаш копнееме да се вратиме дома, дури и кога тоа „дома“ е метафоричко место, а не реално.

Освен тоа, морам и да го нагласам величествениот превод на Михаил Д. Петрушевски. Се работи за еден од најдобрите преводи што сум ги прочитала, неверојатно искуство е преводот самиот по себе. Бара фокус и трпение, имајќи предвид дека има многу архаизми и дијалектни зборови, но кога еднаш ќе се навикнете на стилот, ќе се чувствувате како да сте и временски и просторно префрлени во друго време. Доколку се решите да ја читате, дефинитивно треба да ја прочитате на македонски јазик и дефинитивно овој превод. Последно бев олку воодушевена од превод е преводот на Огнен Чемерски на „Моби Дик или Китот“ на Херман Мелвил.

Може да се пишуваат уште многу нешта и да се кажат уште многу зборови, но „Одисеја“ е дело што дефинитивно заслужува да се чита и препрочитува, а ова лето е сосема соодветно време за тоа.

*мислите се преземени од Хомер, „Одисеја“. Скопје: Полица, 2026.
препрев на: Михаил Д. Петрушевски

Leave a comment