Македонска поезија: „Ми фали човек“ од Тихомир Јанчовски!

Денес на блогот читаме прекрасни стихови од прерано починатиот Тихомир Јанчовски!

Ми фали човек – Тихомир Јанчовски

Ми фали човек
да си седиме
и да си молчиме
секој со своето
Ми фали човек
да ме нервира
што ги оставил
чевлите на сред ходник
да се сопнувам од нив
Ми фали човек
да ме тера да се искапам
или да се потстрижам
или да си купам нешто
да се подновам
Ми фали човек
не за друго,
колку да знам дека дише
тука некаде, блиску
Ми фали човек
да се потскараме
онака, малку
па после да се насмееме
за причината
Ми фали жив човек
оти просторот ми е преполн
со души од оној свет
често ги мислам
Ми фали човек
да ме поднови

Leave a comment