Вистинскиот „Гроф од Монте Кристо“ бил таткото на Александар Дима – револуционерен генерал кој испишал историја

Роден во ропство, Томас-Александар Дима станал првиот црномурест генерал на Франција: воен херој, борец за слобода и пионер на еднаквоста за време на Француските револуционерни војни. Но, падот на Дима од врвот бил брз. Неговиот соборец, генералот Наполеон Бонапарта, му завидувал и се плашел од него. Татковината го предала. А повеќе од еден век по неговата смрт во 1806 година, нацистите ја стопиле неговата бронзена статуа за да го искористат металот за воените потреби. Генералот починал кога неговиот син, идниот романсиер Александар Дима, имал само три години. Но неверојатниот живот на постариот Дима станал емоционалното јадро на најуспешниот роман на неговиот син Грофот од Монте Кристо.

(портрет на генералот Томас-Александар Дима, татко на романсиерот Александар Дима/
извор:Wikimedia Commons)

Кој бил Томас-Александар Дима?

Првично објавуван во продолженија меѓу 1844 и 1846 година, „Грофот од Монте Кристо“ ја раскажува приказната за младиот морнар Едмонд Данте, кому животот му ветува среќа. По успешното патување, тој е унапреден во капетан на брод и се подготвува да се ожени со жената што ја сака. Но љубоморните непријатели го пријавуваат како бонапартист, приврзаник на Наполеон по неговиот пад, и без судење е фрлен во затвор. Данте поминува долги години во самица во мрачната тврдина Шато д’Иф, сè додека еден затвореник од соседната ќелија, извонредно интелигентниот опат Фарија, не прокопува тунел до него. Со текот на времето, Фарија му помага на Данте да открие кој и како го предал. Освен тоа, му ги пренесува своите знаења по математика, физика, историја и странски јазици. Но најважното откритие е тајната за огромното скриено богатство на италијанскиот остров Монте Кристо. По смелото бегство од затворот, Дантес, тој се претставува како неверојатно богатиот гроф од Монте Кристо и го пронаоѓа богатството и ја користи новостекнатата моќ за да им се одмазди на своите непријатели.

Данте се соочува со речиси невозможни околности, но вистинската приказна што го инспирирала романот е уште поневеројатна. Во својата книга „Црниот гроф: Слава, револуција, предавство и вистинскиот Гроф од Монте Кристо“, добитник на Пулицеровата награда од 2012 година, историчарот Том Рајс, по десетгодишно истражување, го реконструирал животот на постариот Дима.

„’Грофот од Монте Кристо’ во голема мера зборува за корупцијата во срцето на француското општество“, вели Рајс за списанието Smithsonian. „Парите и моќта се нешто што романсиерот Александар Дима навистина го научил преку животот на својот татко и својот дедо.“

Томас-Александар е роден во 1762 година во Сен-Доминго, француска колонија на територијата на денешен Хаити. Негови родители биле обесчестениот благородник Александар-Антоан Дави де ла Пајетри и Мари-Сесет Дима, поробена жена. Во декември 1775 година, Антоан се вратил во Франција за да ја преземе титулата маркиз де ла Пајетри по смртта на својот татко и брат. За да го плати патувањето, продал три од своите деца и го заложил Томас-Александар, својот омилен син. Следната година, со новостекнатото богатство ја откупил неговата слобода и го довел тинејџерот да живее со него во Нормандија.

„Нема докази дека Антоан некогаш повторно помислил на своите други деца, но изгледа бил решен на својот преостанат син да му ги овозможи сите предности и да го претвори во угледен млад гроф“, пишува Рајс во „Црниот гроф“.

Статусот на црномурестите луѓе во Франција пред Револуцијата бил предмет на жестоки расправи. Просветителските филозофи, меѓу кои и Жан-Жак Русо, го осудувале ропството, иако тоа сè уште било легално во француските прекуморски колонии. Уште во 1691 година, францускиот крал воспоставил правен преседан според кој поробените луѓе станувале слободни веднаш штом ќе стапеле на француска почва. Но, до крајот на XVIII век, расистичките реакции сè повеќе настојувале да ги ограничат правата на црномурестите жители на Франција.

Како син на маркиз, Томас-Александар Дима се движел во круговите на француската елита и многумина од неговите врсници го прифаќале. Сепак, како што пишува историчарот Џон Г. Галахер во неговата биографија за Дима од 1997 година, „Стариот режим не му бил наклонет. Иако законски не бил дискриминиран, тој секогаш бил ‘мулат’ – слободен човек со темна боја на кожата и вонбрачен син на благородник од понизок ранг.“ Дима израснал во впечатлив млад човек, висок повеќе од 183 сантиметри, во време кога просечната висина изнесувала околу 168 сантиметри. Се приклучил на армијата, но ја одбил вообичаената патека за луѓето од неговото потекло – наместо веднаш да стане офицер, се пријавил како обичен војник.

За време на Француските револуционерни војни, Дима се истакнал со исклучителна храброст и физичка сила, напредувајќи до чин генерал и командувајќи со илјадници војници. Но неговата нагла природа и силниот идеализам истовремено ги посеале семињата на судирот со еден исто толку експлозивен противник – Наполеон Бонапарта. Откако еден од аѓутантите на Наполеон ја омаловажил улогата на Дима во Опсадата на Мантова во 1797 година, таткото на романсиерот му испратил писмо на генералот, во кое со остри зборови го обвинил човекот за кукавичлук.

„Дознав дека магарето чија задача е да ве известува за битката… рекло дека јас само набљудував за време на целата битка“, напишал Дима. „Не му посакувам такво набљудување, бидејќи ќе се пос****e во панталоните.“

Наполеон не бил воодушевен. Кога го составил својот извештај за битката, пишува Том Рајс, Наполеон ги пофалил сите други офицери кои учествувале во завршувањето на Опсадата на Мантова. Името на генералот Дима не било спомнато ниту еднаш.

Дима учествувал и во египетската кампања на Наполеон (1798–1801), каде што се соочил со сурови услови и катастрофални пропусти во военото планирање. Поради недостиг од вода и коњи, војниците умирале од жештина, исцрпеност и очај. Во такви околности, незадоволството почнало да расте, а Дима отворено го довел во прашање раководењето на Наполеон. За време на заеднички оброк со лубеници во неговиот шатор, тој ги споделил своите сомнежи со двајца генерали и еден коњички офицер. Разговорот добил политичка димензија, бидејќи Дима и неговите соговорници се прашувале дали нивното присуство во Египет служи за нешто повеќе од политичките амбиции на Наполеон. Кога веста за разговорот стигнала до Наполеон, тој збеснал и се заканил дека ќе го стрела Дима поради бунт. Одговорот на Дима совршено ги покажал неговите идеали, но и причината поради која претставувал закана за Наполеон.

„Сметам дека интересите на Франција треба да бидат пред интересите на кој било поединец, без разлика колку е голем тој човек“, рекол Дима, според сведоштво што подоцна го пренел неговиот син. „Не мислам дека судбината на една нација треба да биде потчинета на судбината на еден човек.“

Дима побарал дозвола да се врати во Франција при првата можност – барање што Наполеон, очигледно, со задоволство го одобрил. Во необјавените записи на главниот лекар на експедицијата е забележана следната изјава на Наполеон:

„Нека оди на друго место со своите републикански заблуди и своите минливи бесови.“

Државниот удар на Наполеон и заробеништвото на Дима

На 7 март 1799 година, Дима отпловил од Александрија со бродот „Бел Мелтез“ кој се покажал како опасно оштетен. Додека бурата го фрлала бродот по морето, патниците и екипажот успевале да преживеат само благодарение на итните поправки и на тоа што морале да фрлат речиси сè што имале во морето. Меѓу изгубените работи биле околу две тони арапско кафе што Дима планирал да го продаде во Франција, како и девет од единаесетте арапски коњи што ги носел со себе. И покрај сите напори, бродот продолжил да прима вода и екипажот сфатил дека ќе потоне за неколку дена. Единственото решение било да се упатат кон најблиското пристаниште во Тарентскиот Залив, на југот од Италијанскиот Полуостров.

Дима и неговите сопатници верувале дека Таранто е пријателска територија. Претходно истата година, локалните про-француски сили ја собориле власта на Фердинанд IV Неаполски и ја прогласиле Партенопејската Република. Но непосредно пред пристигнувањето на бродот, контрареволуционерите повторно ја освоиле областа. Така, Дима и неговите сопатници се нашле во рацете на антифранцуската милиција. На почетокот француските патници биле задржани под изговор дека мора да поминат карантин поради чума. Наскоро, претставници на Кралството Неапол му соопштиле на Дима дека тој и уште еден француски генерал ќе бидат задржани како воени заробеници. Откако преговорите за размена на заробеници пропаднале, Дима бил префрлен во тврдината во Таранто, каде што неговото здравје нагло се влошило. Со месеци неговата сопруга, Мари-Луиз Лабуре, очајнички се обидувала да дознае што се случило со него, но француските власти биле преокупирани со војните на границите. Кога конечно бил ослободен, во 1801 година, светот веќе бил сосема поинаков. Додека тој бил во затвор, Наполеон ја напуштил египетската кампања, се вратил во Франција и ја соборил револуционерната власт.

„Сигурно се чувствувал како Рип ван Винкл кога се вратил дома“, пишува Рајс. „Само што Рип ван Винкл затекнал револуција наместо крал, а Дима затекнал нешто што личело на нов крал наместо револуција. И тоа бил токму човекот од кого сакал да избега кога ја напуштил египетската експедиција.“

Подемот на Наполеон и падот на Дима

Како црномурест човек кој во XVIII век се издигнал до самиот врв на военото раководство, Томас-Александар Дима живеел, како што вели Том Рајс, „неверојатно среќен живот“. Неговата животна приказна се одвивала во единствениот краток историски период меѓу Француската револуција и првото укинување на ропството во француските колонии во 1794 година.

„Неверојатно е што се нашол на вистинското место, во вистинското време, со сите тие таленти, за да стане омилен национален херој токму во тој многу краток период кога тоа било можно“, вели Рајс за Smithsonian. „А потоа завесата нагло се спуштила.“

Со доаѓањето на Наполеон на власт, сè се променило. Во замена за поддршката од моќните интереси поврзани со индустријата за шеќер, новиот прв конзул повторно го вовел ропството и ги ограничил правата на црномурестите граѓани на Франција. Дури донел закон со кој на црномурестите офицери и војници што биле пензионирани или отпуштени од армијата им било забрането да живеат во Париз и неговата околина. Нарушеното здравје, последица на долгото заточеништво, никогаш не му се подобрило. Томас-Александар Дима починал речиси пет години по враќањето од Таранто. Француската држава одбила да ѝ ја исплати пензијата што ѝ следувала на неговата вдовица, па таа на крајот била принудена да работи во продавница за тутун за да го издржува семејството. По смртта на таткото, младиот Александар Дима израснал во сиромаштија.

„Тој навистина растел во крајна беда“, вели Рајс. „Му било ускратено образованието бидејќи неговото семејство било намерно прогонувано од Наполеон. Тој бил извонредно интелигентно момче, но во првите дваесет години од животот ги имал речиси сите можни тешкотии. А токму тие околности, како што знаат да направат од некои луѓе вистински борци, го направиле неверојатно издржлив. Веројатно токму тоа ја поттикнало и неговата огромна желба да стане литературен великан на Франција.“

Иако бил само мало дете кога неговиот татко починал, Александар Дима никогаш не го заборавил, ниту неправдата што му била нанесена. Токму тие искуства силно се чувствуваат во „Грофот од Монте Кристо“.

Како што вели Рајс:

„Ова е роман за предавството, за одмаздата, за цената што ја плаќа човекот кога се одмаздува и за тоа како се живее со тие последици.“

Наследството на „Грофот од Монте Кристо“

Книжевната научничка Амелита Маринети уште во 1976 година тврдела дека неговата моќ, желбата за одмазда и постепеното морално пропаѓање јасно потсетуваат на начинот на кој современиците го гледале политичкиот развој на Наполеон, а ааплетот на романот бил инспириран и од вистински француски криминален случај. Франсоа Пико, француски чевлар, во 1807 година бил лажно обвинет дека е шпион и поминал седум години во затвор. По бегството, систематски им се одмаздувал на луѓето што ги сметал за виновни за својата несреќа, убивајќи ги еден по еден. Во белешка од изданието на „Грофот од Монте Кристо“ од 1888 година стои дека токму неговата приказна претставува основа за романот. Но Том Рајс смета дека, иако заплетот навистина е инспириран од случајот на Пико, самиот лик на грофот многу повеќе произлегува од семејната историја на Александар Дима.

„Пико бил социопат и мрачен сериски убиец“, вели Рајс. „Не гледам ништо такво кај „Грофот од Монте Кристо“. За мене, неговата внатрешна морална и психолошка борба многу повеќе произлегува од начинот на кој Александар Дима ја доживувал судбината на својот татко, а можеби и од неговите сопствени фантазии за одмазда.“

Наследството на генералот Дима

Том Рајс се надева дека еден ден вистинската приказна за Томас-Александар Дима ќе биде подеднакво позната како измислените херои што ги создал неговиот син.

„Откако го истражував животот на таткото на Александар Дима, уште повеќе го засакав „Грофот од Монте Кристо““, вели тој.

Кога Рајс ја објавил книгата „Црниот гроф“, во Париз веќе немало статуа на генералот Дима. Иако една била поставена во 1913 година, нацистичките сили ја уништиле во текот на зимата 1941–1942 година, топејќи ја бронзата за потребите на воената индустрија. Денес, француското здружение Société des Amis d’Alexandre Dumas собира средства за повторно да ја изгради статуата на истото место. Претседателката на здружението, Жослин Фјорина, вели дека новата статуа нема да биде само споменик на еден херој на Француската Република, туку и на човекот кој го инспирирал својот син да ги напише „Тројцата мускетари“ и „Грофот од Монте Кристо“.

„Тоа е исправување на една неправда“, вели Фјорина. „И, воедно, повторно враќање во срцето на Париз на симболот на човечките вредности.“

Извор: Smithsonian Magazine

Доколку ве интересираат повеќе детали, погледнете го и ова одлично видео кое го опишува животот на Томас-Александар Дима:

Leave a comment