Пет фасцинантни факти за Гете!

Јохан Волфганг фон Гете е една од оние личности во историјата на книжевноста што тешко можат да се сместат во само една категорија. Поет, романсиер, драматург, мислител и научник, тој оставил трага далеку надвор од границите на книжевноста. Од славата што му ја донела „Страдањата на младиот Вертер“ и повеќедецениската работа на „Фауст“, до неговата необична опседнатост со боите и научните истражувања, животот и делото на Гете кријат многу помалку познати приказни. Ви издвојуваме пет интересни факти за него, според Interesting Literature.

Една од првите песни што Гете некогаш ги напишал била на англиски јазик

Иако Јохан Волфганг фон Гете (1749 – 1832) бил германски поет, романсиер и филозоф, уште од рана возраст почнал да пишува поезија на англиски јазик. Еден од неговите најрани обиди, сосема соодветно, зборува токму за желбата да стане поет:

„А секоја друга мисла е несреќа,
за мене е смрт и ноќ;
не можам ни пристојна мелодија да потпевнувам,
не можам поет да бидам.“

Но, сепак станал поет, иако не на англиски јазик.

Гете планирал да напише роман на шест различни јазици

Според описите на Гете, книгата требало да биде епистоларен роман, составен од бројни писма напишани на различни јазици, меѓу кои англиски, германски и француски. Сепак, Гете уште на почетокот се откажал од проектот. Како што покажува и неговото познавање на повеќе јазици, Гете бил вистински полимат. Неговото име дури се споменува во фуснотите на Дарвиновото дело „За потеклото на видовите“, поради неговото откритие на меѓувиличната коска кај човечки фетуси.

Се смета дека „Страдањата на младиот Вертер“ предизвикале „бран на самоубиства“ низ Европа

Романот на Гете, „Страдањата на младиот Вертер“, напишан за само шест недели, кога Гете имал само 24 години, бил едно од најзначајните дела на движењето Sturm und Drang („Бура и натиск“) и практично преку ноќ го направил неговото име познато насекаде. Популарноста на романот била толку голема што мажите низ Европа биле зафатени од таканаречената „Вертерова треска“, облекувајќи се како главниот јунак на романот. За жал, одреден број млади мажи го имитирале и самоубиството на Вертер. Во романот, тој се застрелува поради очајот и љубовната болка предизвикани од несреќниот љубовен триаголник во кој се нашол. Стравот од нови самоубиства по примерот на книжевниот лик бил толку голем што „Страдањата на младиот Вертер“ бил забранет во неколку земји, меѓу кои Италија и Данска.

На Гете му бил потребен речиси целиот негов возрасен живот за да го заврши „Фауст“

Приказната за Фауст кој склучува договор со Ѓаволот во замена за моќ и знаење, има долга историја, а една од нејзините најпознати книжевни обработки е елизабетанската драма „Доктор Фауст“ на Кристофер Марлоу. Делото на Гете првично се појавило како „фрагмент“ во 1787 година, додека едно „меѓучиние“ следувало околу 37 години подоцна. Последниот дел од драмата бил објавен дури по смртта на Гете, речиси 60 години откако тој првпат започнал да работи на својата фаустовска драма. Во драмата се појавува и бајроновски лик, син на Фауст и Елена од Троја – она „лице поради кое испловија илјада бродови“, според познатиот стих на Марлоу. Гете бил голем почитувач на творештвото на Бајрон. Гете исто така се обидел, безуспешно, да напише либрето за продолжение на масонската опера на Моцарт „Волшебната флејта“, кое требало да го носи насловот „Волшебната харфа“. Неговиот интерес за спојувањето на спектаклот, музиката, епската поезија и популарната култура најјасно и највеличествено може да се види токму во „Фауст“.

Гете верувал дека делото по кое ќе остане запаметен е неговата научна книга за начинот на кој ги восприемаме и доживуваме боите

Витгенштајн сметал дека она што Гете навистина го барал не била физиолошка, туку психолошка теорија на боите. Сепак, во „Теорија на боите“ всушност не се појавува некаква јасно оформена теорија – книгата повеќе претставува фрустрирачка, но истовремено интригантна мешавина од набљудувања. Вистинското влијание на книгата не било во физиката, туку во една област многу поблиска до самиот Гете – уметноста. Голем број уметници, од прерафаелитите во 19 век до Кандински во 20 век, биле длабоко инспирирани од неа. Кога „Теорија на боите“ била преведена на англиски јазик во 1840 година, Џ. М. В. Тарнер ја прочитал со огромен ентузијазам. Насловите на неколку негови слики директно упатуваат на идеите на Гете. Дури се претпоставува дека дизајнот на знамињата на неколку латиноамерикански земји бил инспириран од книгата на Гете. Германскиот филозоф Шопенхауер, исто така, ги истражувал последиците од неговите идеи во своето дело „За видот и боите“.

Автор: д-р Оливер Тирл, Универзитет Лафборо
Извор: Interesting Literature

Leave a comment