Хауард Филипс Лавкрафт е еден од оние писатели чија вистинска слава започнува дури по нивната смрт. Денес неговото име е речиси синоним за космичкиот хорор: свет на древни сили, заборавени богови, забранети книги и луѓе кои одеднаш сфаќаат дека човештвото е само безначаен дел од една огромна и застрашувачка вселена. Денес на блогот прочитајте повеќе за неговото творештво и погледнето го одличното видео на TED.

Таинствени книги со забранети знаења, вознемирувачки тајни скриени во семејната крвна линија и ужаси толку неискажливи што самата помисла на нив може да ве доведе до лудило. Денес, овие елементи се стандардни во многу современи хорор-приказни. Но, тие во голема мера биле популаризирани од еден единствен автор – човек чие име станало придавка за посебниот вид ужас што го инспирирал.
Роден во Провиденс, во сојузната држава Род Ајленд, во 1890 година, Хауард Филипс Лавкрафт израснал восхитувајќи им се на готските хорор-приказни на Едгар Алан По и Роберт Чемберс. Но, кога почнал да пишува во 1917 година, Првата светска војна веќе фрлила долга сенка врз уметноста. Луѓето виделе вистински ужаси и повеќе не се плашеле од фантастичниот фолклор. Лавкрафт се обидел да создаде нов вид ужас, кој ќе одговори на брзиот научен напредок на неговото време.
Неговите приказни често користеле научни елементи за да им дадат морничава веродостојност. Во „Бојата од вселената“, необичен метеор паѓа во близина на една фарма и ја претвора во кошмарен пеколен пејзаж. Во други дела, научната методологија е вградена во самата форма на раскажувањето. „Во планините на лудилото“ е напишана како извештај од антарктичка експедиција која открива нешта што подобро би било никогаш да не бидат пронајдени.
Во некои приказни, дури и математиката станува извор на ужас, бидејќи невозможни геометриски облици ги разоруваат умовите на сите што ќе ги погледнат. Како тогашните нови откритија на субатомските честички или Х-зраците, силите во прозата на Лавкрафт се моќни, но честопати невидливи и неопишливи. Наместо препознатливи чудовишта, експлицитно насилство или ненадејни шокови, ужасот на „лавкрафтовскиот“ хорор лежи токму во она што не е директно прикажано, туку е оставено на мрачните длабочини на нашата имагинација.
Десетиците раскази, романи и песни на Лавкрафт често се одвиваат во ист историјат на измислен свет, со повторувачки ликови, места и митологии. На прв поглед, тие изгледаат како да се сместени во Нова Англија од времето на самиот автор. Но под површината на таа навидум позната реалност демнат темни господари за кои жителите на Земјата се само играчки.
Повеќе налик на праисконски сили отколку на обични божества, Големите Стари на Лавкрафт се кријат на рабовите на нашата стварност. Меѓу нив е Јог-Сотот, „кој клокоти како првобитна слуз во нуклеарниот хаос зад најоддалечените граници на просторот и времето“. Тука е и слепиот, идиотски бог Азатот, чии разорни импулси се задржуваат само од „полудувачкото удирање на одвратни тапани и тенкото еднолично пискање на проколнати флејти“.
Овие суштества постојат надвор од нашите поими за реалноста, а нивните вистински облици се исто толку несфатливи колку и нивните мотиви. Протагонистите на Лавкрафт, најчесто истражувачи, антрополози или антиквари, случајно наидуваат на траги од нивното постоење. Но дури и овие посредни погледи се доволни за да ги оттурнат кон лудило. Ако успеат да преживеат, читателот не останува со чувство на победа, туку со чувство на космичка рамнодушност и со ужасното спознание дека сме само безначајни зрнца прашина препуштени на милост и немилост на несфатливи сили.
Но можеби најголемата моќ на овие суштества била нивната привлечност за современиците на Лавкрафт. За време на својот живот, тој водел обемна преписка со други писатели и ги охрабрувал да користат елементи и ликови од неговите дела во сопствените приказни. Референци кон лавкрафтовските богови или мистичните древни книги можат да се најдат во многу дела на неговите пријатели-писатели, како Роберт Е. Хауард и Роберт Блох. Денес, овој заеднички книжевен универзум е познат како Митологијата на Ктулу, именувана по најпознатото суштество на Лавкрафт- чудовишниот спој на змеј и октопод, Ктулху.
За жал, стравот на Лавкрафт од непознатото добил и помалку прифатлив израз во неговите лични ставови. Авторот имал силно расистички убедувања, а некои од неговите дела содржат груби стереотипи и навредливи квалификации. Сепак, богатиот свет што го создал ги надживеал неговите лични предрасуди.
По смртта на Лавкрафт, Митологијата на Ктулху била прифатена и развивана од бројни автори, кои честопати ја преосмислувале од различни перспективи што ги надминуваат ограничувањата и предрасудите на нејзиниот творец. И покрај неговото книжевно наследство, Лавкрафт никогаш не успеал да постигне финансиски успех. Починал непознат и сиромашен на само 46 години – уште една жртва на космичката рамнодушност на универзумот.
Но неговото творештво инспирирало безброј раскази, романи, друштвени игри и културни икони. И сè додека луѓето чувствуваат страв од неизвесната иднина, лавкрафтовскиот ужас ќе има свое место во најмрачните агли на нашата имагинација.
Во продолжение погледнете го видеото:
