Од 21 до 23 август, Велестово и Охрид повторно ќе станат место за средба на поезијата, музиката и визуелната уметност. Годинава ќе се одржи 38. издание на „Поетска ноќ во Велестово“, една од најдолговечните поетски манифестации во Македонија, со учество на дваесетина поети, музичари и уметници од Македонија и повеќе европски земји. Во фокусот на годинешното издание е Јовица Ивановски, кому ќе му биде посветен традиционалниот поетски портрет на отворањето на фестивалот.
„Поетска ноќ во Велестово“ ќе започне во петок, 21 август, во 21 часот, на сретсело во Велестово, со кус музички концерт на Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија, на кавал и електрична гитара. Во 21.20 часот следува „Поетски портрет на Јовица Ивановски“, со поетско читање и разговор што ќе го води Јулијана Величковска. Првата фестивалска вечер ќе продолжи со „Имаго“, меѓународно поетско читање со гости од странство, а во 22.30 часот, на тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, ќе биде отворена изложбата на акварели „Флора“ на Ивана Настески.
Во сабота, 22 август, фестивалот се сели во Лапидариумот, во дворот на Куќата на Робевци во Охрид. Од 20 часот ќе се одржи „Диптих #7“, посветен на поетите Павле Горановиќ од Црна Гора и Томица Бајсиќ од Хрватска. Ќе бидат промовирани нивните поетски книги „Република на тишината“, избор песни од Павле Горановиќ, и „Собирачи на коски“, избор песни од Томица Бајсиќ. Двете книги се во препев на Славе Ѓорѓо Димоски и во издание на „ПНВ Публикации“, а разговорот ќе го модерира Јулијана Величковска. Вечерта ќе продолжи со меѓународното поетски читање „Мозаик“ на кое ќе учествуваат поети од повеќе земји.
Последниот фестивалски ден, 23 август, поезијата повторно се враќа во Велестово, на тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Во 19 часот ќе биде промовирана стихозбирката „Удут“ од Вероника Димоска, во издание на „Култура Бета“. Во 20 часот следува „Диптих #8“, посветен на Ѕвонко Карановиќ од Србија и Маја Ручевиќ Карановиќ од Хрватска. Ќе бидат претставени книгите „Најубавите години од нашиот живот“, избор песни од Ѕвонко Карановиќ во препев на Јовица Ивановски, и „Утре ќе правиме ангели во пад“ од Маја Ручевиќ Карановиќ, во препев на Јулијана Величковска. Фестивалот ќе заврши во 21 часот со второто Меѓународно поетско читање „Мозаик #2“.
Основана од поетот Славе Ѓорѓо Димоски, „Поетска ноќ во Велестово“ веќе речиси четири децении создава простор во кој поезијата се среќава со музиката и визуелната уметност. А особеноста на фестивалот останува токму неговиот амбиент – поезијата овде излегува од книжевните сали и се чита под отворено небо, меѓу старите велестовски куќи и цркви.
Целосната програма можете да ја погледнете на официјалниот настан на Фејсбук.

