Бурниот живот на Толстој како благородник, војник и духовен трагач непосредно го инспирирал реализмот во неговите книжевни ремек-дела. Вирџинија Вулф еднаш за него рекла дека е „најголемиот од сите романсиери“, а Лав Толстој со своите дела „Војна и мир“ и „Ана Каренина“ одамна стана дел од светското книжевно наследство. Меѓутоа, книжевното творештво на Толстој, кое опфаќа неколку десетици дела, од романи до филозофска нефикционална проза, може вистински да се разбере само ако се разгледува паралелно со неговата бурна животна приказна. Роден во благородничко руско семејство, Толстој уште рано го отфрлил животот на припадник на високото општество и се свртел кон потрагата по духовноста и вистинското значење на христијанството, а денес на блогот можете да го прочитате овој кус осврт на неговиот живот и творештво, напишан од д-р Стефан Пајовиќ за електронскиот портал The Collector.

(извор: The Collector)
Лав Николаевич Толстој е роден на 9 септември 1828 година на семејниот имот Јасна Полјана, во близина на Тула, околу 200 километри јужно од Москва. Неговиот татко, Николај Илич Толстој, бил гроф и ветеран од Наполеоновите војни. Неговата мајка, Марија Николаевна Толстаја (родена Волконскаја), била грофица од аристократско семејство. Толстоеви биле познато благородничко семејство чие потекло се проследувало сè до 14 век, кога нивните предци пристигнале или од Германија или од Литванија.
За жал, родителите на Толстој починале додека тој бил уште мало момче, па тој и неговите четири браќа и сестри биле одгледани од роднини. И покрај трагедијата, Јасна Полјана била идилично место за растење, опкружено со градини, шуми и села. Селаните што живееле таму биле крепостни селани, потчинети на руската земјопоседничка аристократија, а во овој случај, на семејството Толстој. Младиот Лав уште од рана возраст ја почувствувал оваа општествена нееднаквост, која подоцна силно ќе влијае врз неговото пишување.
Толстој се образовал дома, а уште од најрана возраст покажувал дарба за јазици и книжевност. Меѓутоа, по смртта на неговата тетка Татјана Ерголскаја, друг роднина станал старател на децата и семејството се преселило во Казањ. Познат денес како „третата престолнина на Русија“, по Москва и Санкт Петербург, Казањ бил значаен културен и индустриски центар и во времето на Толстој. На само 16 години, тој се запишал на тамошниот универзитет, каде што започнал да студира ориентални јазици.
Во втората година од студиите, Толстој се префрлил на право и политика, но никогаш не го завршил факултетот. По вкупно шест години поминати во Казањ, од кои три на тамошниот универзитет, се вратил во Јасна Полјана. Во тој период почнал да води дневник, кој открива човек што настојувал да живее морално, но честопати тешко успевал во тоа. Се обидувал да го подобри животот на своите крепостни селани, а истовремено, при посетите на високото московско општество, водел разуздан живот. На 23 години, Толстој решил да се приклучи на руската војска, служејќи заедно со својот постар брат Николај, кој бил стациониран на Кавказ. Одлуката имала длабоко влијание врз него: од неодлучен млад благородник постепено се претворал во дисциплиниран војник и, уште поважно, во писател.
Во тоа време Кавказ бил погранична област, па таму често доаѓало до судири со локалните староседелски народи, меѓу кои и Чеченците. Толстој од прва рака ги искусил тешкотиите на воениот живот, но и неправдите нанесувани врз цивилното население. Освен тоа, постојано бил опкружен со природа. Овие искуства подоцна ќе станат важни мотиви во неговото книжевно творештво. „Детство“ (1852) била неговата прва објавена повест, а во следните години следувале „Момчештво“ и „Младост“. По оваа низа автобиографски раскажувања следувале „Севастополските раскази“, во кои Толстој ги опишал своите искуства за време на опсадата на Севастопол, каде што неговата единица била распоредена во текот на Кримската војна (1853- 1856). Делото било своевидна најава за едно од најголемите дела на светската книжевност, романот „Војна и мир“.
Откако на 27 години ја напуштил војската, Толстој ја поминал следната деценија од својот живот обидувајќи се дополнително да ги подобри условите за живот на своите селани и патувајќи низ Европа. Очигледно, овие искуства биле доволно инспиративни за во 1863 година да започне да пишува роман кој ќе стане неговото најзначајно дело. Самата широчина на дејството во „Војна и мир“ е доволна за романот да се смета за класика: низ четири дела се појавуваат неколку стотици ликови, а на Толстој му биле потребни околу шест години за да го напише. Приказната се сосредоточува на четири аристократски семејства: Болконскиј, Курагин, Ростов и Безуков, и на нивната судбина за време на инвазијата на Наполеон на почетокот на 19 век.
Романот започнува во Санкт Петербург, каде што ги запознаваме ликовите како Пјер Безуков, млад благородник кој неодамна наследил големо богатство; Андреј Болконскиј, храбар офицер кој се подготвува за претстојната војна; и Наташа Ростова, млада и темпераментна благородничка која подоцна се свршува со Андреј. Во вториот дел овие ликови дополнително се развиваат, а пред читателот се откриваат нивниот внатрешен свет и општествените борби со кои се соочуваат. Третиот дел содржи бројни воени сцени, меѓу кои особено се издвојува Бородинската битка, додека Наполеон ја напаѓа Русија во 1812 година. Пожарот во Москва ја создава сцената на која обичните луѓе и војниците покажуваат храброст – мотив што често се повторува во творештвото на Толстој. На крајот, Пјер паѓа во француско заробеништво, што предизвикува длабока духовна преобразба кај него, додека Андреј умира со Наташа покрај себе. Во епилогот дознаваме дека, по враќањето во Москва, Пјер се оженил со Наташа.
Духовната потрага по смислата на животот
„Војна и мир“ има дури 361 поглавје, од кои 24 не го придвижуваат дејството напред, туку ги претставуваат коментарите и филозофските ставови на авторот. На пример, преку ликот на генералот Кутузов се одразува ставот на Толстој за историјата: неа ја обликуваат колективните маси, а не големите водачи. До ваквите погледи писателот дошол по длабока потрага по смислата на животот. Ги читал делата на големите филозофи, меѓу кои Шопенхауер и Русо, а го проучувал и Евангелието. Но ниту едното ниту другото не му понудило конечни одговори, бидејќи и филозофијата и практиките на Православната црква му изгледале премногу сложени.
Децениите по завршувањето на „Војна и мир“ биле обележани со релативно идиличен семеен живот на Толстој на имотот Јасна Полјана. Тој и неговата сопруга Софија имале вкупно тринаесет деца. Сепак, Толстој забележувал дека неговите селани, кои претежно биле сиромашни и необразовани, покажувале непоколеблива вера во Бога. Тоа го навело на сознанието дека „едноставноста“ е клучниот поим во неговата лична потрага по духовност.
Околу 1873 година Толстој започнал да го пишува својот следен голем роман, „Ана Каренина“. Голем дел од неговите размислувања за смислата на животот наскоро ќе добијат книжевна форма. Романот најпрво излегувал во продолженија во списанието „Руски весник“ од 1875 до 1877 година. Потоа, во 1878 година, Толстој го објавил како книга. „Ана Каренина“ пред сè е психолошки роман, но истовремено и општествена критика; воениот мотив, толку присутен во неговите претходни дела, овде се повлекува во втор план. Главното дејство се сосредоточува на Ана Каренина, аристократка која на железничка станица го запознава грофот Алексеј Вронски – сцена што претставува одличен пример за книжевно навестување на идните настани. Вронски набргу станува нејзин љубовник, но Ана не може законски да го напушти својот сопруг, Алексеј Александрович Каренин. Нивната врска прераснува во скандал, а руското високо општество ја отфрла Ана поради нејзината прељубничка врска. Бидејќи единствено на Вронски може да му се довери, нејзината психичка состојба брзо се влошува, што на крајот ја доведува до тоа да се фрли под воз – една од најпознатите смртни сцени во историјата на книжевноста.
Споредното дејство во романот се сосредоточува на обидите на Константин Левин да ја освои Кити Шчербацкаја, која на почетокот е занесена од грофот Вронски. Откако тој ја одбива, Кити созрева како личност и на крајот се мажи за Левин. Нивната духовна поврзаност е поставена како спротивност на бурната љубовна врска на главните протагонисти. Критичарите сметаат дека Толстој го создал ликот на Константин Левин, земјопоседник кој постојано трага по морална и духовна смисла, според самиот себе. Неговиот брак на крајот од романот претставува своевидно философско заокружување, кон какво што и самиот Толстој се стремел во реалниот живот.
Четиригодишниот период во кој Толстој ја пишувал „Смртта на Иван Илич“ се совпаднал со длабока духовна криза во неговиот живот. Толстој постепено се оддалечил од официјалното учење на Православната црква и прифатил облик на христијанство што проповедал ненасилство и скромност. Овие ставови се одразиле и во самата форма на делото од 1886 година. „Смртта на Иван Илич“ е новела, односно краток роман, во кој нема широка општествена панорама ниту мноштво паралелни заплети и ликови какви што ги одбележувале неговите претходни романи.
Дејството започнува по смртта на главниот лик, Иван Илич Головин, судија кој водел општествено прифатлив, но прилично обичен живот. Неговите проблеми започнуваат откако се повредува додека се обидува да закачи завеси. Болеста, која на почетокот изгледа безопасно, постепено од физичка болка се претвора во егзистенцијална криза. Лекарите не успеваат да ја утврдат причината, но станува јасно дека Иван Илич е смртно болен. Неговото семејство на неговото пропаѓање гледа речиси како на непријатност, што го принудува сериозно да размисли за сопствениот живот и искрено да се запраша: „Што ако целиот мој живот бил погрешен?“ До тој момент, Иван Илич цврсто верувал дека неговиот живот е успешен. Но приближувањето на смртта го тера да преиспита сè во што верувал, додека неговиот побожен селски слуга Герасим изгледа е единствениот кој му покажува вистинско сочувство. На смртната постела, Иван Илич конечно се помирува со ужасот на смртта и покажува сочувство кон својата сопруга и својот син. Крајот на приказната ѝ дава застрашувачка современост: Толстој го тера читателот да се запраша дали неговиот живот би имал смисла ако мора да заврши токму во тој миг.
Подоцнежниот живот и смртта
Последните две децении од животот на Лав Толстој биле обележани со остар контраст. Од една страна, тој бил еден од најпочитуваните писатели во светот, а од друга, самиот веќе не се сметал за романсиер, туку за христијански проповедник. Настојувал, колку што можел, да живее според моралните идеали изразени во „Смртта на Иван Илич“ и во неговиот последен роман „Воскресение“ (1899), што го довело во судир со семејството, Црквата и општеството во целина. Во 1901 година, Светиот синод конечно го исклучил Толстој од Руската православна црква. Писателот, сепак, не бил потресен од тоа, бидејќи тврдел дека му е верен на Христос, а не на организираната религија, за која сметал дека ја предала самата суштина на христијанството.
Надвор од неговиот јавен лик, и бракот на Толстој страдал поради неговите силни религиозни убедувања. Неговата сопруга, Софија Толстаја, била загрижена поради неговата желба да го распродаде својот имот и да се откаже од авторските права врз своите дела. Тоа можело неа и нивните осум деца кои доживеале зрелост да ги остави без средства за живот. Иако Толстој одбивал да прима хонорари за своите подоцнежни дела, сепак се грижел за финансиската сигурност на своето семејство. (Види и: Брачните драми на Лав Толстој)
Раскинат меѓу семејните обврски и своите христијански идеали, Толстој тајно ја напуштил Јасна Полјана во октомври 1910 година. Намерата му била остатокот од животот да го помине во духовна осаменост, но неговото влошено здравје го спречило во тоа. Додека патувал, се разболел од воспаление на белите дробови и завршил на малата железничка станица Астапово, околу сто километри оддалечена од неговиот дом. Починал во куќата на началникот на станицата на 20 ноември 1910 година, на 82-годишна возраст. (Повеќе за последните денови од неговиот живот, прочитајте го текстот: Како Толстој ги поминал последните две недели од животот?)
Наследството на Лав Толстој
Осум години по смртта на Толстој, властите го преименувале селото во Липецката Област, каде што тој починал, во чест на големиот книжевник – „Лав Толстој“. Во Русија, Толстој нашироко се смета за еден од столбовите на руската книжевност, заедно со Пушкин и Достоевски. Неговите дела станале задолжителна лектира во училиштата, а неговиот семеен имот во Јасна Полјана е прогласен за државен меморијален комплекс. Речиси секој град во Русија има улица што го носи името „Толстој“, а низ целата земја има безброј негови споменици и бисти.
Книжевното наследство на Толстој далеку ги надминува границите на неговата татковина. Неговите дела се преведени на повеќе од сто јазици ширум светот. Темите со кои се занимавал биле универзални, а Толстој го преобликувал самиот формат на романот, прикажувајќи ги историските настани од мноштво индивидуални перспективи.
Неговите современици, меѓу кои Хенри Џејмс, Вирџинија Вулф и Томас Ман, ја фалеле психолошката проникливост и реалистичноста на неговите книжевни ликови, иако честопати не се согласувале со неговата морална непопустливост. Во 20 век, влијанието на Толстој се проширило и надвор од книжевноста: Махатма Ганди и Мартин Лутер Кинг Џуниор црпеле инспирација од рускиот писател за своите принципи на ненасилен отпор. (Види и: Луѓето кои толку многу го сакаа Толстој што создадоа култ!)
