Дали сте слушнале за музичкиот талент на Џејмс Џојс?

Творештвото на Џејмс Џојс инспирирало многу музичари: од Џон Кејџ до Кејт Буш, од Лу Рид до ирскиот бенд Therapy?. Славниот ирски писател и самиот бил голем љубител на муззиката (неговата единствена збирка поезија се вика „Камерна музика“); повеќето читатели на Џојс знаат дека тој ги исполнувал своите раскази и романи со илјадници алузии и цитати од популарни и класични песни. Но, како што известува електронскиот портал „Отворена култура“ (Open Culture), малкумина знаат дека, доколку енциклопедискиот модернист не станел Џејмс Џојс, тешкаш меѓу авторите, можеби ќе го знаевме како Џејмс Џојс, пејач и композитор. Џојс еднаш ја делел сцената со оперскиот пејач Џон МекКормак и учел и изведувал музика во текот на целиот свој живот.

извор: Open Culture

Џојс како пејач најчесто е прикажан како „се наведнува над клавишите“ на пијано (како што го опишала Силвија Бич, основачката на книжарницата „Shakespeare and Company“). Но тој свирел и на гитара, како што може да се види од фотографијата погоре од 1915 година (направена во Трст од пријателот на Џојс, Отачаро Вајс). Малата гитара на Џојс се чувала во музејот „Кулата на Џојс“ во Даблин уште од од 1966 година, но истата со години не била баш во најдобра состојба, сѐ до 2013 година, кога Роберт Николсон, кустосот на музејот, и Френ О’Рурк, професор по филозофија на матичниот универзитет на Џојс, Универзитетскиот колеџ во Даблин, го замолиле англискиот реставратор на жичени инструменти, Гери Саутвел, да започне реставрација на инструментот. И самиот музичар, О’Рурк за време на „Блумсдеј“ истата година, изведувал ирски песни поврзани со Џојс за да ги покрие трошоците на проектот, придружуван на реставрираната гитара на Џојс од ирскиот класичен гитарист Џон Фили.

Лутиерот Саутвел ја опишува гитарата како „прилично стандарден инструмент за тој период… не од некој голем производител од минатото или нешто слично“. Во видеото што можете да го видите подолу, првично објавено од „Ајриш Тајмс“, Саутвел, професорот О’Рурк и џојсологот Теренс Килин зборуваат за состојбата на гитарата и нејзината историја.

А во продолжение слушнете ја единствената позната композиција на Џојс – меланхоличната „Bid Adieu to Girlish Days“, испеана од тенорот Кевин Мекдермот.

Извор: Open Culture.

Leave a comment