Што читаше Кафе и книги во јули?

Без оглед на тоа дали веќе бевте на одмор или ќе одите во следниот период, ова е совршен период за читање книги, без оглед дали е тоа на плажа, на планина или во удобноста на домот, сокриени од жешките денови. Бидејќи сме на почетокот на нов месец, денес на блогот ги читаме најновите препораки за читање составени од книгите што ги читав претходниот месец.

Еден живот“ – Ги де Мопасан

Издавачка куќа: СЛОВО
Оцена: 5/5
Осврт
: Не сум читала премногу дела од Ги де Мопасан, но ова беше дело за кое воопшто немав чуено и сосема случајно го најдов на Саем на книга и решив да го прочитам, особено бидејќи многу ми се допаѓа стилот на пишување на Ги де Мопасан. Оваа книга ме воодушеви, ме разнежни и ме расплака. Прекрасно напишана, прекрасни описи и прекрасен развој на приказната и ликовите. На почетокот на приказната, се среќаваме со младата Жана, чиј живот само што започнува. Таа има само 18 години и по години минати во манастир, нејзиниот татко ја носи дома за таа вистински да почне да живее. Жана мечтае за љубов, за природа и слобода и со нетрпение ја исчекува нејзината иднина.

Таа набрзо се заљубува и добива понуда за брак и смета дека убавите денови и благосостојбата се само на чекор до неа. Но, тоа не е баш така едноставно како што изгледа и набргу, младешките илузии на Жана се распрснуваат и еден облак од тага и разочарувања надвиснува над нејзината глава. Ова е приказна, која иако изобилува со тага, ја покажува и решеноста и издрживоста на еден млад дух, една млада жена, да ги издржи многубројните перипетија и сепак да ја задржи љубовта кон животот. Неверојатна книга, прекрасна проза, роман кој зборува за едноставноста и комплицираноста на секојдневниот и обичен живот, за тоа дека и има убавина и во обичното, има вредност и во секојдневното. Со цело срце ви препорачувам да ја прочитате оваа книга и штета е што ова дело на Мопасан е малку подзаборавено и заслужива многу повеќе внимание според мене.

„Годините“ – Ани Ерно

Издавачка куќа: ИЛИКА
Оцена: 5/5
Осврт:
Доколку сте љубители на приказни за растењето, созревањето, дефинирањето на една цела генерација, заедно со радостите, но и негативностите, ова ќе биде одлична книга за вас. Се разбира, Ани Ерно е одлична писателка, која пишува многу интимно и меланхолично, на моменти нејзината анализа може да делува отуѓено, но сепак топло и блиско. Таа е многу специфична писателка, но успева одлично да дефинира одреден специфичен временски период и како времеплов да ве поведе на патување со неа. Има причина поради која таа ја доби Нобеловата награда за книжевност во 2022 година.

„Годините“ во голема мера е автобиографска книга, која го прикажува созревањето на Ерно и живеењето во повоена Франција, во која децата речиси и не се сеќаваат на војната, но постојано ги слушаат возрасните за тоа каква била војната. Повоениот период е тежок, мачен и исполнет со сиромаштија, а потоа следуваат нови случувања, нови генерации и нови моди. Ерно го анализира сопствениот живот, но од одредена дистанца, односно преку нејзиниот живот ние гледаме како нејзината генерација се справувала и се градела, каде грешела, како се забавувала, како опстанала. Прекрасна книга и ја препорачувам со цело срце.

Писма до Отла“ – Франц Кафка

Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 4/5
Осврт
: Франц Кафка е еден од најпознатите писатели на 20 век, човек кој напиша некои од најпознатите дела во книжевноста како „Процес“, „Замок“ и „Преобразба“. Неговите дела и по децении од нивното објавување предизвикуваат полемики, анализи и дискусии, а предмет на тие дискусии и љубопитство е и самиот живот на Франц Кафка, кој бил специфичен и многу интересен. Па така, доколку сакате да навлезете подлабоко во животот и размислувањата на Франц Кафка, ова е одлична книга за вас. Се работи за збирка на писма што Кафка ги напишал и испратил на својата сестра Отла со која бил мошне близок.

Писмата се пишувани во период околу 15 години и даваат многу интересен увид во душата и умот на Кафка, неговиот однос со неговата сестра, но и неговата семејна динамика, имајќи предвид дека имал комплициран однос со своите родители, особено со својот татко. Честопати се насетува и гледа и невротичноста и нервозата кај Кафка, но и неговата смисла за хумор. Гледаме и како пати и не е среќен на неговото работно место и како болеста го истоштува, но сепак не се предава и покрај налетите на очај и чемер во неговата душа. Одлична книга доколку сте го читале Кафка и другите негови дневници, писма, ова четиво ќе ви открие и еден поинаков Кафка и неговиот однос со сестра му и како истиот влијаел и на него.

Рани јадови“ – Данило Киш

Издавачка куќа: ПРОЗАРТ МЕДИА
Оцена: 4/5
Осврт:
Данило Киш е еден од оние балкански автори што откако еднаш ќе ги прочитате, ќе посакате да им се навраќате, особено ако сакате пишување со длабочина и меланхолична зрелост. Во ова дело ќе најдете кратки раскази, но сите тие собрани заедно се еден вид на лирски роман што се фокусира првенствено на детството и раната младост на Андреас Сам, лик што во голема мера е самиот Данило Киш.

Оваа книга се фокусира на детството, на тоа како еден свет се гледа низ очите на едно дете, во тешки воени околности, губењето на невиноста и влегувањето во светот на возрасните, без оглед на тоа дали тоа дете е подготвено за тоа или не. Дете кое постојано поставува прашања и размислува, има сериозна моќ да ги забележува и анализира работите околу себе. И покрај тешките околности, голем број од темите обработени во оваа книга се сосема секојдневни и едноставно, но носат во себе една посебна длабочина и поставуваат подлога за понатамошно размислување.

Тонот на повеќето раскази е сериозен и меланхоличен, има одреден вид на свеченост во тонот, иако не во онаа класична смисла на зборот и на крај ќе останете со едно чувство на копнеж и желба за потрага и ќе се поврзете силно со напишаните редови иако можеби не се дел и од вашето доживеано искуство.

Нештата што не ги преболевме“ – Луси Скор

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 3/5
Осврт:
Доколку сакате романтични комедии и барате нешто лесно за на плажа, ова би било добра книга за вас. Напишана е на многу лесен стил и страниците летаат додека читаат, а главниот лик е интересно напишан и ве тера да навивате за неа. Наоми е жена која целиот живот живее според план и правила, за разлика од нејзината проблематична сестра-близначка за која не слушнала со години. Но, Наоми во последен момент решава да побегне од својата свадба и тоа најверојатно е најбунтовното нешто што го направила во животот.

Истовремено додека се случува ова, таа добива повик од својата сестра-близначка дека е во неволја и додека се труди да ја пронајде во малото градче Нокмаут, налетува на намуртениот и повлечен Нокс Морган, кој во прв момент ја меша со нејзината близначка Тина, која постојано прави проблеми во градот. Но, откако го решаваат недоразбирањето, сфаќаат дека нејзината сестра ѝ ја оставила својата ќерка на чување и дека Наоми треба да најде начин да се грижи за дете за кое до вчера не ни знаела дека постои. Додека ова се случува, тие двајца развиваат нетрпеливост, но и привлечност и јасно е дека на крај едното мора да надвладее над другото. Интересна приказна, на моменти главниот машки лик сметам дека е прегруб и препосесивен на еден чуден начин, но сосема е забавна приказната.

One comment

Leave a comment