15 најочекувани книги кои ќе бидат издадени во март!

Март, месец на пролетта, на појавувањето на првите убави сончеви зраци и секако месецот во кој се очекуваат изданија на многу нови книги. Иако бројот на издадени книги и книги кои се очекуваат е голем, тука се издвоени 15-те книги од кои најмногу се очекува и за кои се предвидува дека ќе бидат одлично четиво за периодот кој следува.

Биографии, мемоари, белетристика, трилери, има за секого по нешто. Веб сајтот Reading Room се обиде да издвои најдобри 15 книги кои излегуваат овој месец, а јас ви ги пренесувам тука.

1. „Продавачката на книги” – Синтија Свонсон (The Bookseller – Cynthia Swanson)

Дејството се одвива околу Кити Милер, сопственичка на книжарница. Линиите помеѓу реалноста и фантазијата ќе почнат да се замаглуваат кога Кити ќе заспие и ќе почне да сонува сосема поинаков живот како Катерин Андерсон. Иако Кити мисли дека нејзиниот живот како сама жена и нејзината секојдневна животна рутина се сосема во ред и добро функционира, сепак сопругот на Катерин, елегантниот дом и добрите пријатели стануваат се попривлечни со секој нареден сон.

Датум на издавање: 3 март 2015

2. „Закопаниот џин“ – Казуо Ишигуро (The Buried Giant – Kazuo Ishiguro)


Авторот на бестселерите „Никогаш не ме пуштај“ (Never Let Me Go) и „На крајот на денот“ (The Remains of The Day) се враќа со фантастична нова книга, „Закопаниот џин“. Приказната го следи патувањето на еден брачен пар низ една проблематична земја со магла и дожд додека го бараат својот син кој го немаат видено со години.

Датум на издавање: 3 март 2015

3. „Предавникот“ – Пол Бити (The Sellout – Paul Beatty)

Духовитоста на Пол Бити носи со себе хумор во инаку мошне сериозна ситуација, додека тој во својата книга отвора прашања за расите, урбаниот живот, односот „татко-син“ и други контроверзни теми. Резултатот на сето тоа е сатира која е смешна исто толку колку што е и мрачна.

Датум на издавање: 3 март 2015

4. „Несаканите“ – Дебора Леви (The Unloved – Deborah Levy)

Откако група на туристи од различни држави се собираат во еден француски замок на одмор, една жена е брутално убиена. Едно девојче по име Татјана тврди дека кој го направил тоа и понатаму книгата се развива во истрага на нешто што е многу повеќе од смрт – истовремено навлегување и во природата на идентитетот, љубовта, бесот и желбата.

Датум на издавање: 3 март 2015

5. „Мал живот“ – Ханија Јанагихара (A Little Life – Hanya Yanagihara)

Новата приказна на Јанагихара се движи околу 4 колеги од колеџот во Масачусетс и нивните животи откако ќе започнат заеднички живот во Њујорк. Секој од нив има свои маки и тешкотии, но набргу сфаќаат дека нивниот најголем предизвик е токму еден од нив – Џад.  Иако Џад има одлична кариера, сепак е исплашен заради неговото тешко детство и е прогонуван од страв кој можеби никогаш нема да го надмине.

Датум на издавање: 10 март 2015

6. „Сите стари ножеви“ – Олен Стејнхауер (All The Old Knives – Olen Steinhauer)

Стејнхауер ги носи читателите во светот на ЦИА во оваа возбудлива приказна за двајца агенти кои пред 6 години во Виена преживуваат тешка загуба на заложници. Другата причина која допринесува за тензијата? Тие двајца биле љубовници во времето кога тоа се случило. Никој не знае што ќе донесе првата средба по инцидентот, но само едно нешто е сигурно: и двајцата не веруваат никому.

Датум на издавање: 10 март 2015

7. „Исчезнатите девојки“ – Лорен Оливер ( Vanishing Girls – Lauren Oliver)

Оваа возбудлива книга, која е делумно мистерија, а делумно приказна за сестринска љубов, е книга која според критиките, нема да може да ја пуштите од раце. Дара и Ник се неразделни се до несреќата која ја остава Дара со трајна лузна на лицето. Кога Дара исчезува, Ник се пушта во потрага по неа и во процесот открива мистерии и лаги.

Датум на издавање: 10 март 2015

8. „Домаќинка“ – Џил Александер Есбаум ( Hausfrau – Jill Alexander Essbaum)

Оваа дебитанска книга на Џил Александер Есбаум е реална и интензивна. Иако животот на Ана во Цирих изгледа совршено, сепак таа внатрешно се распаѓа и се вплекува во серија афери од кои не може да се оттргне. Кога нејзините лаги почнуваат да излегуваат од контрола, таа мора да се соочи со прашањето каде да оди кога веќе нема назад.

Датум на издавање:  17 март 2015

9. „Некомплициран живот“ – Пол Доерти ( An Uncomplicated Life – Paul Daugherty)

Инспиративниот мемоар на Пол Доерти за неговата ќерка со Даунов синдром дава надеж на читателот. Доерти не сака неговата ќерка да порасне и да биде премногу зависна, наместо тоа ѝ помага да живее прекрасен и нормален живот потсетувајќи нè дека родителите можат да научат од децата исто како што децата учат од своите родители.

Датум на издавање: 17 март 2015

10. „Низ ѕидот“ – Ана Блеј (Through The Wall – Anna Bligh)

Како прва жена-премиер на австралиска држава, Ана има преживеано многу. Откако ја води Квинсленд низ една од најголемите природни катастрофи на Австралија, нејзината партија губи на изборите во 2012 година и наскоро ѝ е дијагностициран рак. Таа се прикажува себеси преку искреност и хумор во овој интересен мемоар.

Датум на издавање: 23 март 2015

11. „Илуминациите“ – Ендрју О’Хаган (The Illuminations – Andrew O’Hagan)

Оваа прекрасна книга ги анализира приказните и лагите кои сами си ги кажуваме за да продолжиме понатаму. Ен Квирк си има кажано себеси многу измислени приказни за да преживее. Нејзиниот внук, Лук, капетан во Британската армија, ја има наследено нејзината способност да ја искривува реалноста.

Кога една мисија се претвора во катастрофа, тој е приморан да го гледа светот поинаку. Откако ќе се врати во Шкотска, тајни и лаги избиваат на површина и Ен се соочува со мистерија од нејзиното минато во Blackpool Illuminations – светлата кои го осветлуваат градот во зима.

Датум на издавање: 24 март 2015

12. „Сите погледнавме нагоре“ – Том Валак ( We All Looked Up – Tom Wallach)

Средното училиште е доволно тешко и без астероид кој ита да ве удри. Четири матуранти ги напуштаат своите планови за иднината и одлучуваат како ќе ги поминат своите последни денови пред да удри астероид со потенцијал да ја уништи целата планета Земја. Интересен поглед за тоа како да се соочиме со сегашноста.

Датум на издавање: 24 март 2015 

13. „Што следува и како да ни се допадне тоа“ – Абигејл Томас (What Comes Next and How To Like It – Abigail Thomas )

Мемоарите на Абигејл Томас објаснуваат што следело за неа откако нејзиниот сопруг починал  и како треба да продолжи да ужива во животот. Со помош од нејзината долгогодишна пријателка, таа успева да одговори многу прашања за животот, љубовта, трагедијата.

Датум на издавање: 24 март 2015

14. „Hissing cousins” – Marc Peyser and Timothy Dwyer

Оваа книга претставува двојна биографија која дава преглед на две сосема различни жени од фамилијата Рузвелт: Алис и Еленор. Алис, убавата и отворена ќерка на Теодор Рузвелт имала сосема поинаква агенда од Еленор, Прва дама и жена која постојано ја правела правилната работа. Авторите на книгата даваат преглед како нивните карактери и политика се судруваат .

Датум на издавање: 31 март 2015

15. „Значи си бил јавно посрамен?“ – Џон Ронсон ( So you’ve been publicly shamed? – Jon Ronson)

Каков би бил светот кога би немале некого кого постојано би го обвинувале? Тоа е она што Ронсон го истражува во својата книга за јавното посрамување и обвнинување. Зборува за познати обвинувачи и обвинети, за луѓе кои посрамуваат и кои биле посрамотени и резултатот на тоа е книга која поттикнува размислување на темата.

Датум на издавање: 31 март 2015 година

~~~~~~~~~~~

Тука некаде завршува листата за овој месец. Се надевам дека некој од насловите ви фати око и дека овој месец во секое време ќе имате некое четиво кое ќе ви го задржува вниманието и во кое ќе уживате заедно со вашето кафе.

Пријатно читање!

One comment

Leave a reply to Нова пролет, нови книги: Книги кои излегуваат во април! | Кафе и книги Cancel reply