Пред 123 години, во Баница загина еден од најзначајните македонски револуционери – Гоце Делчев. Во негова чест денес читаме стихови во негова чест.
Пред ковчегот на Гоце Делчев – Ванчо Николески
Свет излегол, улиците тежат,
народната војска во опрема бојна,
крај лафетот врви и почит му дава,
наоколу венци наредени лежат –
марш погребен свири музиката војна.
Ти пред нас си, Гоце, ко исполин стоиш,
пред нашите очи години се редат,
искрснува пред нас Баница во крвје,
илјадници борци патот твој го следат!
Аргатите – робје, рисјани и Турци,
овчарите Власи – под твоето раме,
народот го крена султан бесен
и поведе в борба под твоето знаме.
Во нашите срца ти живееш вечно,
во секое гратче, фабрика и село,
длабоко пред тебе симнуваат капа
и даваат почит на твоето дело.
Беласица, Малеш ти чуваат спомен,
на твојата лика и машката става,
орачи ти пеат благодарна песна:
„За бесмртно дело вечита ти слава!“
Ќе помине време во бескрајна вечност,
в полињата наши, каде жита зреат,
по фабрики, домој, училишта родни,
за подвиг и борби песни ќе ти пеат.
Почивај ти, Гоце, во слободна земја,
синовите твои со кренато чело
изградија она за кое ти падна,
Република цути, класи твое дело!
(По случај преносувањето на моштите на
Гоце Делчев во слободната и родна земја)

