Четири начини преку кои книгите ни го збогатуваат животот!

„Писателите ги отвораат нашите срца и умови и ни даваат мапи кои водат до нас самите.“

Велат дека книгите се најдобрата инвестиција која човек може да ја направи за себе. Книжевноста ни го збогатува животот, нѐ запознава со други светови, светови кои за нас се туѓи, а некогаш дава сосема поинаков преглед и за оној во кој ние живееме. Често ги користиме за бегство од реалноста, за одмор, за да си дадеме себеси одишка од секојдневниот стрес и динамиката и брзината на секојдневниот живот.

ЈуТуб каналот The School of Life направи едно кратко и симпатично видео во кое зборува за што служи книжевноста и зошто е таа важна за нас. Како книжевноста го збогатува нашиот живот и нѐ прави побогати?

Како книгите ги збогатуваат нашите животи?

1. Заштедуваат време

Со помош на книгите, успеваме да искусиме настани и чувства за кои би ни требале години, децении, векови, па и милениуми за да ги доживееме. Книгите се како временска машина која во секој момент може да нѐ одведе на кое било место, кој било град, кој било период во историјата или пак во иднината. Преку книгите поинтензивно доживуваме многу настани и емоции, многу повеќе отколку што ние можеме директно да преживееме. Книгите ни го даваат клучот до замоци и безброј спални соби и преку нив може да си го оцениме сопствениот живот во споредба со оној на другите, т.е ликовите во книгите. Нѐ запознава со фасцинантни луѓе: римски генерал, француска принцеза од 11 век, руска мајка од средната класа.

Книжевноста, речиси без никаква цена, нѐ претвора во граѓани на светот.

2. Нѐ прават пофини и подобри луѓе

Книжевноста ја прави основната магија да ни покаже како изгледаат работите од туѓа перспектива; ни овозможува да размислиме какви се последиците од нашите дејствувања и како влијаат нашите постапки врз другите од агол од кој никогаш не би погледнале; ни дава примери за љубезни, сочувствителни и дарежливи луѓе.

book-2-1-1

3. Лек за осаменост

Како човечки суштества, ние сме почудни отколку што сакаме да признаеме. Многу често не можеме да го кажеме она што ни е на ум. Но, во книгите, наоѓаме описи во кои се пронаоѓаме себеси и она што навистина сме и настани кои се опишани со поголема искреност од онаа која е дозволена во секојдневниот разговор. Во најдобрите книги, се чини дека авторот нѐ познава подобро од нас самите – тие ги наоѓаат зборовите за да ги опишат кревките, чудни, специјални искуства на нашите внатрешни животи. Со зборовите на Емерсон: „Во делата на големите автори, ние ги наоѓаме нашите заборавени мисли.“

4. Нѐ подготвуваат за неуспех

Еден од најголемите стравови на човекот е неуспехот. Луѓето постојано се плашат од тоа да прават грешки или да станат она што таблоидите го нарекуваат – губитник. Медиумите постојано ни покажуваат вести за луѓе кои доживеале неуспех. Интересно, многу честа тематика во книжевноста е токму неуспехот. На еден или на друг начин, голем број книги, драми и поеми се за луѓе кои направиле грешки и доживеале неуспеси. Сепак, кнгите не судат толку строго или еднодимензионално како медиумите. Тие поттикнуваат емпатија за главниот лик, ни даваат и подлога за размислување за сопствените животи и анализирање на нашите грешки.

~~~~~~~

Книгите се еден вид терапија. Многу често ги третираме како забава, како нешто кое ни го одвлекува вниманието од секојдневните грижи. Но, книгите се многу повеќе од тоа. Книгите, многу често несвесно нѐ потресуваат, сосема незабележливо нѐ променуваат, ни даваат сосема нови перспективи и нѐ прават побогати. Кога читаме книга, живееме неколку животи одеднаш. Има една причина која е над сите други, заради која книгите заслужуваат престиж, а тоа е дека книгите се алатка која ни помага да живееме и да умреме со малку повеќе мудрост, добрина и здраворазумност.

Да живеат книгите!

3 comments

  1. […] Читањето, покрај тоа што е вистинска љубов и страст за љубителите на книги, истовремено е и прекрасна навика. Веќе во неколку наврати зборував за дополнителни причини зошто треба да читаме (барем според науката) и за тоа на кој начин читањето ни’ го збогатува животот. […]

    Like

  2. […] Читањето, покрај тоа што е вистинска љубов и страст за љубителите на книги, истовремено е и прекрасна навика. Веќе во неколку наврати зборував за дополнителни причини зошто треба да читаме (барем според науката) и за тоа на кој начин читањето ни’ го збогатува животот. […]

    Like

Leave a comment