Предлог – листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда (1)

Денешната објава е посветена на неколку книги – добитници на Пулицеровата награда во областа на белетристиката. Многу малку имиња во книжевноста успеале да ја добијат оваа награда, која се доделува секоја година во областа на новинарството, книжевни достигнувања и музичка композиција. Пулицеровата награда е именувана по Џозеф Пулицер, унгарско-американски новинар и првите награди се доделени во 1917 година.

Овојпат решив да издвојам неколку книги кои ја добиле оваа престижна награда. Доколку немате нешто конкретно за читање, погледнете го овој избор, па можеби и ќе се инспирирате и ќе одлучите да прочитате некоја од наведените книги. Ова е само првиот дел. Секоја недела ќе издвојувам неколку книги добитници на Пулицерова награда. Иако дел од овие книги во денешната објава се прилично популарни, сепак во наредните објави на оваа тема ќе се задржам и на неколку добитници на Пулицеровата награда, кои и не се многу комерцијално познати, барем не на нашата публика.

1. Доба на невиност – Едит Вартон

~ „Вистинската осаменост е да се живее меѓу сите овие луѓе што бараат човек да се преправа!“ ~

Едит Вартон за своето дело „Доба на невиност“ ја доби Пулицеровата награда во 1921 година. Ова ремек-дело е одличен портрет на желбата, страста и предавството за време на Златното доба на стариот Њујорк, време кога луѓето кои се движеле во општествените кругови „повеќе се плашеле и се ужаснувале од скандал отколку од зараза“. Вартон ни го доловува светот на Њујланд Арчер додека тој се подготвува да се ожени со прекрасната и сосема конвенционална Меј Веланд. Во меѓувреме, мистериозната контеса Елен Оленска се враќа во Њујорк по распадот на нејзиниот ужасен брак, а Арчер лудо се заљубува во неа. Растргнат помеѓу должноста и страста, Арчер мора да донесе одлука која ќе ја дефинира неговата судбина и текот на неговиот живот.

2. „Одвеано со виорот“ – Маргарет Мичел

~ „Најпосле, утре е нов ден!“ ~

Една од најславните и најпознатите книги во американската книжевност, „Одвеано со виорот“ ја добила Пулицеровата награда во 1937 година. Единствениот роман на Маргарет Мичел го опфаќа периодот на Граѓанската војна во Америка и Реконструкцијата на Југот по завршување на војната, кој е длабоко уништен и разорен. Главна хероина е разгалената Скарлет О’Хара која се наоѓа во средиштето на сите овие настани и мора да најде начин да се снајде и да го надмине тој период. Главната романса во книгата е комплицираниот однос помеѓу Скарлет и Ред Батлер. Инаку, „Одвеано со виорот“ има свое филмско остварување, кое денес се смета за еден од најдобрите филмски класици на сите времиња, а главните улоги ги толкуваат Кларк Гејбл и Вивиен Ли. Речиси и нема човек кој не слушнал за легендарната реплика: „Frankly my dear, I don’t give a damn.“

3. „Старецот и морето “- Ернест Хемингвеј

~ „Не го кажа гласно зашто знаеше дека кога гласно кажуваш оти ќе се случи нешто добро, можеби нема да се случи.“ ~

Добитникот на Пулицеровата награда во 1953 година, Ернест Хемингвеј и неговото дело „Старецот и морето“. „Старецот и морето“ е неговото најкратко дело, но има добиено најмногу слава и признанија. Покрај Пулицеровата награда, ова дело директно му помогнало да ја добие Нобеловата награда за книжевност во 1954 година, која со срце ја прифатил, иако има кажано дека „ниту еден човек кој ја има добиено Нобеловата награда, нема напишано нешто што е вредно да се прочита.“ „Старецот и морето“ е книга за кубанскиот рибар Сантијаго кој оди на отворено море за да лови риба. Одеднаш налетува на огромна риба и тогаш започнува борбата на Сантијаго со рибата. Преку битката на Сантијаго со рибата, Хемингвеј навлага во моралните и физичките предизвици со кои се соочува човекот во текот на неговиот живот. Хемингвеј тврди дека човекот е суштество кое не познава пораз. Како што вели во еден дел од книгата: „Човек може да биде уништен, но не и поразен“.

4. „Да се убие птицата подбивница“ – Харпер Ли

961_11_13_15__19__3_2014da20se20ubie20pticata

„Тие секако имаат право да го мислат тоа и тие заслужуваат целосна почит за нивните ставови. Но, пред да можам да живеам со другите луѓе, треба да живеам сам со себеси. Единствената работа која не се води според мнозинството е совеста на човекот.“

Харпер Ли и нејзиното ремек дело „Да се убие подбивната птицa” ја добиле Пулицеровата награда во 1961 година. Оваа книга се здоби со огромна популарност и стана вистински миленик и на критичарите и на читателската публика. Преведена е на повеќе од 40 јазици и се продале повеќе од 30 милиони примероци. Снимен е и филм според книгата кој исто така се вбројува меѓу филмските класици. Книга за честа и неправдата на југот од Америка и херојството на еден човек да се соочи со слепата омраза. Приказната за локален адвокат кој ризикува сè за да му помогне и да брани пред суд Афроамериканец кој е обвинет за тешко кривично дело е приказна која никого не остава рамнодушен. Книгата навлага во длабоките предрасуди всадени кај луѓето, но и зборува за тоа дека секогаш ќе има луѓе кои ќе гледаат над слепите предрасуди и омраза и за кои вистински императив во животот ќе биде правдата.

5. „Часови“ – Мајкл Канингам

~ „Земи ме со себе. Сакам кобна љубов. Сакам улици ноќе, ветар и дожд, никој да не се прашува каде сум.“ ~

Добитник на Пулицеровата награда во 1999 година, „Часови“ на Мајкл Канингам е всушност брилијантен роман кој му дава ново светло на животот на Клариса Даловеј, хероината од романот „Госпоѓа Даловеј“ на Вирџинија Вулф. Мајкл Канингам тоа го прави преку три жени, навидувам тотално различни една од друга. Една од нив е самата писателка Вирџинија Вулф, втората е Лаура Браун, сопруга, мајка и домаќинка, која книгата „Госпоѓа Даловеј“ ја гледа како спас од својот секојдневен живот и монотонијата која тој ја носи со себе, а третата жена е Клариса Вон која се грижи за нејзината долга и вечна љубов Ричард Браун, поет кој боледува од СИДА. Оваа книга постојано не пренесува преку декади и преку океани од Британија до САД, на многу лесен и едноставен начин и покажува комплексен сет на карактери на три жени. Секоја од нив со своето бреме и тежина во животот, на свој начин се справува со предизвиците и тестовите на животот.

~~~~~~~~~~~~~~~~~

Тука некаде завршува првиот дел од предлог книгите за читање. Се надевам дека некоја ќе ви фати око или пак ако сте ги прочитале, ќе ве инспирира уште еднаш да пролистате некоја од нив и да се потсетите на овие прекрасни литературни дела.

12 comments

Leave a reply to Предлог – листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда (трет дел) | Кафе и книги Cancel reply