Писмо на младиот Хемингвеј до Ф. Скот Фицџералд!

Ернест Хемингвеј и Ф. Скот Фицџералд се едни од најпознатите автори во светот на книжевноста. Имаат напишано класици кои и ден денес се омилени четива на милиони луѓе ширум светот. „Старецот и морето“ на Хемингвеј и „Големиот Гетсби“ на Фицџералд се сметаат за безвременски дела.

Покрај тоа што биле талентирани писатели и живееле во истата ера, Хемингвеј и Фицџералд биле пријатели кои се запознале во 20-тигодини на 20 век. Како што пишував во една претходна објава, двајцата биле дел од дружината наречена „Изгубената генерација“.

Иако тие постојано имале конфликти и сосема различни погледи кон светот и имале сосема различни избори во животот, сепак имале огромна почит еден за друг, постојано комуницирале и биле добри пријатели. Хемингвеј дури во неколку наврати му се налутил на Фицџералд велејќи дека го распродава својот талент и дека може да биде многу подобар, обвинувајќи го дека пишува само за слава и пари.

Фицџералд бил три години постар од Хемингвеј, а нивните кариери се движеле паралелно и двајцата се стекнале со светска слава на 30 години.

Во книгата „Писма на векот: Америка 1900-1999“, збирка на писма од 20 век од познати личности, но и обични граѓани, има и едно писмо кое Ернест му го пратил на Фицџералд, кога имал 26 години. Во писмото кое ќе го прочитате подолу, Хемингвеј зборува и за неговата идеја за пеколот и рајот. Целото писмо е карактеристично за карактерот на Хемингвеј и неговата осцилација помеѓу хуморот и сериозноста и војната меѓу идеализмот и пороците.

Во продолжение следува целосното писмо.

Бургете, Навера,
1 јули [1925]

Драг Скот,

Утре заминуваме за Памплона. Малку се занимавав со рибарење тука. Ти како си? Како е Зелда?

Се чувствувам подобро од кога било – немам пиено ништо освен вино откако заминав од Париз. Господе, прекрасно е селово. Ама ти го мразиш селото. Во ред, тргни ги описите за селото. Се прашувам каква би била твојата идеја за рај – прекрасен вакум полн со богати моногамисти. Сите моќни и членови на најдобрите фамилии кои се опијануваат до смрт. А пеколот најверојатно би бил грд вакум од сиромашни полигамисти кои не се способни да најдат пиење или се со хронични стомачни проблеми кои тие ги нарекуваат тајни тагувања.

За мене рајот би бил голем биковски ринг со мене во него, каде држам две барера столчиња и мирен поток надвор од него каде никој друг нема да смее да рибари и две прекрасни куќи во градот; една во која ќе живеат мојата жена и децата и ќе бидам моногамен и ќе ги сакам многу и другата каде ќе живеат моите девет прекрасни љубовници на девет различни спратови.

Едната куќа ќе биде полна со специјални примероци од Dial испринтани на меки листови и во секој тоалет, на секој спрат, ќе има примерок од нив. Во другата куќа ќе има примероци од American Mercury и New Republic. Исто така би имало добра црква во Памплона каде би можел да одам и би одел на исповед додека одам од едната до другата куќа и би се качувал на мојот коњ да јавам заедно со мојот син на мојот ранч за бикови кој ќе го наречам Хациенда Хедли и ќе им фрлам парички на сите мои вонбрачни деца кои ќе бидат наредени на патот.

Би пишувал таму на хациендата и би го праќал син ми да ги заклучува појасите за невиност на моите љубовници затоа што некој само што ми ги донел новостите дека озогласениот моногамист познат како Фицџералд е виден како јава кон градот и предводи група на тешки пијачи.

Како и да е, ние утре рано наутро одиме за градот. Можеш да ми пишеш на адресата на Хотел Квинтана, Памплона, Шпанија.

Или ти не сакаш да пишуваш писма. Јас сакам затоа што е одличен начин да не работиш, а да се чувствуваш како да си направил нешто.

Поздрав и прати ѝ љубов на Зелда од нас двајцата.

Твој,
Ернест

3 comments

  1. […] Гламурот, дивите забави, богатството и расипништвото – се е тоа дел од светот кој ни го претставува Фитцџералд, кој и во приватниот живот многу бил љубопитен и заинтересиран за овој свет и заедно со својата сопруга Зелда биле познати ко страствени обожаватели на забави и гламур, дури и Хемингвеј, кој бил негов пријател, се шегува за тоа во своите писма до него. […]

    Like

  2. Da vi pratam eden srdecen pozdrav, i dokolku ste vo moznost bi sakala da napishete i po neshto za J.D. Salinger, avtorot na Catcher in The Rye, isklucitelna lichnost, so interesna biografija, i eden od najmarkantnite amerikanski pisateli.

    Liked by 1 person

    • Секако дека може. Џ.Д Селинџер е еден од најистактнатите американски писатели и секако ќе има и статија за него и во иднина, т.е во наредниот период. 🙂 Поздрав, имајте убав ден. 🙂

      Like

Leave a reply to Што го поттикнало Фитцџералд да ја напише “Големиот Гетсби“? | Кафе и книги Cancel reply