Видео: Кои се разликите помеѓу книгата „Сјаење“ и истоимениот филм?

Сјаење“ е најпознатата книга на Стивен Кинг, издадена во 1977 година. „Сјаење“ е еден од најпознатите филмови на легендарниот режисер Стенли Кјубрик кој излезе во 1980 година. Како и во секоја прилика кога се прави филм врз основа на книга, се создава многу прашина и дебата околу тоа дали филмот е верен на книгата и дали филмот успеал да ги исполни очекувањата на оние кои ја прочитале книгата.

Најчесто, мислењето кое преовладува е дека филмот никогаш нема да може да биде како книгата и дека книгата секогаш ќе има предност пред филмската екранизација.

Во примерот на „Сјаење“ има многу поделени мислења. Филмот „Сјаење“ се смета за еден од најдобрите хорор филмови на сите времиња, а овој филм му даде на Џек Николсон легендарно место во историјата на кинематографијата.

Сепак, книгата и филмот имaат прилично големи разлики. Кјубрик направил некои намерни измени коишто повеќе му одговарале на неговата замисла и ниедна промена не е направена случајно.

Но, Стивен Кинг бил многу разочаран од тоа како излегол филмот. Тој се нервирал затоа што сметал дека Џек Николсон го глуми Џек Торенс како да е луд, а во суштина Стивен Кинг сметал дека Џек Торенс е човек кој се борел со алкохолизмот, кој сакал да создаде подобар живот за себеси и своето семејство, но гори од желбата да биде исклучителен и неговата пропаст се случува полека, постепено, а тој се бори против тоа. Секој човек може да биде Џек Торенс, според Кинг, но за него, Џек Николсон уште од самиот почеток го претставува како да е луд. Покрај тоа, според Кинг, улогата на алкохолизмот во пропаста на Џек е многу потценета во филмот.

Во едно интервју со списанието „Ролинг Стоун“, Стивен Кинг изјави:

„Книгата е жешка, филмот е студен; книгата завршува во пламен, а филмот во мраз. Во книгата, постои одреден дел каде можете да видите како Џек Торенс се обидува да биде добар и со тек на време полудува сосема. Што се однесува до мене, кога го видов филмот, Џек беше луд уште од првата сцена. Но, морав да молчам затоа што го гледавме заедно со Џек Николсон. И цело време мислев: „О, го знам овој човек. Го имам гледано во 5 моторџиски филмови каде ја играше истата улога.“. Плус, навистина е шовинистички. Венди Торенс е прикажана како хистерична крпа. Но, тоа сум само јас и јас сум тоа што сум.“

И во друга прилика има изјавено дека ликот на Венди е најшовинистички лик кој некогаш е напишан. Тој има кажано дека во филмот Венди е таму само за да се дере, да биде хистерична и глупава, а тоа не е жената за којашто пишувал.

Кинг има отидено толку далеку, што дури во 1997 година бил продуцент на мини-серија „Сјаење“ која според него е поверна на книгата.

Тие што ја прочитале книгата, но и го гледале филмот, сигурно веќе ги знаат конкретните разлики, но за тие што пропуштиле да ја прочитаат книгата или да го гледаат филмот, еве им одлична прилика да видат. Тие што и гледале и прочитале, сепак ќе дознаат некои интересни детали кои можеби не ги знаеле.

Погледнете го видеото, навистина е одлично направено.

One comment

  1. […] Јавна тајна е дека Стивен Кинг воопшто не можел да го поднесе пристапот на Кјубрик при создавање на екранизацијата за „Сјаење“. Кинг не можел да го поднесе слабиот карактер на Шели Дувал од типот на „вришти и бегај“, како и пребрзото полудување на Џек Николсон наспроти ликот Џек Торенс од книгата, кој искусува побавно и поболно губење на умот. Ако самите писатели не седат покрај нив, режисерите се оставени да си играат со материјалот од книгата. Тие самите создаваат слики за она што писателот го напишал и го вртат на начин кој им одговара на нив. А како што сите знаеме, има повеќе начини да се интерпретира книга. […]

    Like

Leave a comment