Да се биде писател воопшто не е едноставна работа. Часови и часови посветени на пишување, размислување, создавање. Додека се создаде крајниот производ може да поминат и години.
Поголемиот дел од писателите не можат да си дозволат да седат дома и само да пишуваат и мораат да најдат и друга работа за да се издржуваат себеси и својата фамилија.
Во денешниот инфографик ќе видите кои работи ги работеле некои од најславните писатели на светот. Се разбира, по добивањето на признанието и продавањето милиони изданија од своите книги, сите комплетно се посветуваат само на пишување.

Во инфографикот се претставени следните писатели:
~ Џејмс Џојс кој е најпознат по своето изворедно дело, „Улис“, работел цела палета интересни работи пред да стане познат писател. Покрај пишувањето која била негова најголема љубов, тој се занимавал и со компонирање песни, свирење на гитара, малку пеел и свирел на пијано.
~ Чак Паланик, човекот кој направи вистински бум со своето дело „Боречки клуб“, книга според која се направи истоимениот филм и кој стана омилен филм на неколку генерации, долго време ја чекал својата шанса за пробив на книжевната сцена, а во меѓувреме морал да живее од нешто, па така работел најразлични работи: мијач на садови, разнесувач на пратки, механичар и пуштал филмови во кино.
~ Вилијам Фокнер, добитник на Нобелова и Пулицерова награда, еден од најславните американски писатели на сите времиња, исто така морал да работи и други работи пред да се етаблира како талентиран писател. Тој бил директор на универзитетската пошта на Универзитетот во Мисисипи.

Вилијам Фолкнер
~ Кен Кејси, авторот на „Лет над кукавичјото гнездо“, книгата која е можеби најпозната по својата филмска екранизација каде што главната улога ја игра Џек Николсон, едно време работел како хигиеничар во болница за психички растроени луѓе. Она што е интересен факт е и дека бил волонтер за истражување на ЦИА за што исто така бил платен.
~ Курт Вонегат, авторот на „Кланица пет“ и еден навистина исклучителен и брилијантен писател работел како продавач на автомобили за шведски производител на автомобили пред да си ја лансира својата писателска кариера.
~ Стивен Кинг, кралот на страшните хорор книги, автор на „Сјаење“, „Кери“ и уште многу, многу други успешни книги бил навистина на работ на егзистенцијата. Тој и својата сопруга живееле во приколка и едвај сврзувале крај со крај. Во еден момент работел како хигиеничар во средно училиште.
~ Џ. Д. Селинџер, американскиот писател најпознат по „Игра во ‘ржта“, која во времето кога излегла станала инстатен хит, но и книга која кренала многу прашина и дури била забранувана во некои држави во САД. Сепак, пред да стане познат писател, работел неколку работи од која највпечатлива е неговата позиција како директор за забава на еден шведски брод за крстарење.
~ Харпер Ли, која ја напиша „Да се подбивната птицата подбивница“ која стана вистински класик, денес е повторно актуелна со продолжението на својата единствена објавена книга. Изданието се вика “Оди, постави стражар!“ и е прилично контроверзно затоа што еден од омилените татковци во историјата на книжевноста излезе сосема поинаква личност од првиот дел. Пред да стекне планетарен успех, таа работела како службеник за резервирање карти во една авионска компанија.

~ Ф. Скот Фицџералд е еден од вистинските бисери во американската книжевност, најпознат по класикот „Големиот Гетсби“ се здобил со популарност уште на релативно млади години. Тој уживал во вниманието и заедно со својата сопруга биле присутни на сите важни забави и гала-вечери. Но, пред да ја добие својата прва шанса, тој работел во една компанија за маркетинг и пишувал слогани за плакати и флаери за колички за бебиња.
~ Џек Лондон, познат по своите исклучителни дела, особено „Повикот на дивината“, пред да стане познат работел како „пират за остриги“, т.е ги собирал и ги продавал подоцна.
~ Зар треба посебна најава за Чарлс Дикенс? „Оливер Твист“, „Големите очекувања“, „Приказна за двата града“, „Дејвид Коперфилд“ и уште ред други дела се наследството кое тој го оставил зад себе. Сепак, пред да се пробие, морал да живее од нешто, па така работел во една фабрика за производство на средство за полирање на чевли и ставал етикети на теглите.
Мора да признаете, некои од нив имале сосема обични работи, но голем дел од нив работеле и необични работи. Но, сметките и долговите мораат да се подмират, па така преку ден ги работеле своите дневни работи, а навечер ја оставале својата магија на хартија, внесувајќи се и губејќи се во световите кои самите тие ги создавале. Се разбира тука недостасуваат и други автори како на пример Чарлс Буковски кој својата слава ја стекнува на подоцнежна возраст и всушност главниот пробив го прави со книгата „Пошта“ во која го опишува своето искуство како поштар во главната Пошта на САД.
Но, да не должам многу, погледнете го инфографикот:


bas interesno 😀
LikeLiked by 1 person