Среќен роденден Кафе и книги!
На денешен ден, 2015 година, беше напишан првиот пост на Кафе и книги. Само еден обичен блог на една девојка која сакаше да ја сподели љубовта кон читањето и литературата со другите луѓе кои исто така ја сака литературата, како и оние кои сакаа да прочитаат нешто ново и интересно од светот на литературата.
Книгите секогаш биле мој свет. Секогаш. Тие биле мои придружници и во добри и во лоши времиња. Нем пријател кој не зборува, а толку многу помага. Верувам дека ова важи и за сите останати кои го сакаат пишаниот збор.
Само со книгата можеш да пропатуваш низ целиот свет, а да не се мрднеш ни сантиметар. Можеш да патуваш во времето, можеш да запознаваш различни култури. Книгата е учител, ги крши сите правила и ги поставува најнезгодните прашања.
Заради таа љубов кон книгите се роди и овој блог, чија цел беше да пишува за прекрасните книги, за писателите, за нивните мислења и најразлични занимливости поврзани со книгата. Како што поминуваше времето, така повеќе растеше етнузијазмот и посветеноста.
Најголемото изненадување за мене се случи кога во декември Кафе и книги ја доби наградата за најдобар блог во доменот на културни работи (литература и сл.) на Твитер и блогираме наградите организирани од блогираме.мк. Изненадувањето беше огромно, но и задоволството дека има луѓе на кои им се допаѓа содржината на блогот. Благодарноста беше и се уште е уште поголема!

Во текот на оваа година, „Кафе и книги“ си доби своја публика која го чита блогот и неговите содржини. И за тоа ми е навистина драго. Секој коментар, секое споделување искрено ми значи, бидејќи знам дека сум допрела до некого со одреден пост. Во текот на овие 365 дена, Кафе и книги имаше 14.618 прегледи и 9.608 посетители, што барем за мене е навистина одлична бројка.

Додека го пишував овој текст и додека ги пишував статистики за тоа колку посетители и посети имаше блогот, ми текна да проверам и кои постови биле најчитани за изминатава година. Направив една листа со 20 најчитани постови, па можете да видите кои содржини биле и најпривлечни и најинтересни за читање.
Во продолжение погледнете ги 20-те најчитани постови. Напишани се по редослед на читаност, од најчитаниот пост па надолу:
1 . Дојран ќе ја добие првата Библиотека на плажа!
2. Не се заљубувај во жена која чита…“
3. Интересни и малку познати факти за книгата „1984“
4. 10 книги за кои луѓето најчесто лажат дека ги прочитале
5. Кои се најдобрите книги во британската литература?
6. Македонска поезија: „Љубов“ од Гане Тодоровски
7. Прекрасни домашни библиотеки!
8. Креативни реклами поврзани со читање, книги и литература!
9. Цитати од писатели кои ја доловуваат магијата на читањето!
10. Објавен датумот за овогодинешниот Саем на книга!

11. Омилените книги на Дејвид Боуви!
12.Македонска поезија: „Небиднина“ од Ацо Шопов!
13. Најнова мода: Боенка за возрасни!
14.Од утре зимски саем на книга во „Сити Мол“!
15. Кои биле најголемите љубови на Достоевски?
16. [Видео] Моќта на зборовите: Како читањето може да ни го промени животот?
17. Вино и книга: Најубавите цитати за виното!
18. Инфографик: 24 книги кои можат да се прочитаат за помалку од еден час!
19. ТВ серии кои можеби не сте знаеле дека се базирани на книги!
20. 5 начини како да си го направите читањето уште попријатно!
Како што можете да видите, најразлични теми се најчитани, нема одредена тема која доминира. Но, драго ми е што има содржини кои им се допаѓаат на луѓето.
Љубовта кон книгите секогаш ќе биде најдобрата мотивација за мене и тие ќе продолжат да бидат мој двигател.
Среќен роденден Кафе и книги!

Sreken rodenden Kafe i Knigi! 🙂
LikeLike
Фалааа! ❤ ^_^
LikeLike