Нема потреба од премногу најави и зборови за Вилијам Шекспир. Тој дефинитивно е највлијателниот драматург на сите времиња. Неговите дела сѐ уште се изведуваат на театарските сцени ширум светот.

Но, тој не престанува да ги инспирира и другите уметници. Уметникот Никола Руже кој работи и живее во Чикаго претворил 154 сонети на Шекспир во графички потписи. Инаку, пред некое време пишував за уште еден негов интересен проект, во кој тој ги извади сите букви од најпознатите дела и ги остави само интерпукциските знаци.
Тој за својот процес на претворање на сонетите во потписи вели:
„Секоја линија на сонетот имаше точка којашто се координираше со одредена графа заснована на бројот на букви, со исклучок на интерпукциските знаци (x оска) и просечната вредност на буквите, со исклучок на интерпукциските знаци (y оска). Просечната вредност беше пресметана употребувајќи едноставна формула (a=1 + b=2 +c=3 +…) и потоа резултатот беше поделен со бројот на букви во стихот. Сите точки потоа беа поврзани со сеопфатен преувеличен потег кој беше заснован на редот на стихови во сонетот (1 до 2 до 3…).“
Секако, полесно е да се покаже, отколку да се објасни со зборови:

Веројатно нема да го препознаете омилениот сонет во оваа форма, но тој вели дека токму тоа е поентата: „Овие потписи немаат за цел да дадат некое значење, туку да ги инспирираат луѓето да размислуваат за нив на поинаков начин од претходно.“

На сликата можете да ги видите сите сонети, а тука можете да ги разгледате поединечно, а воедно и можете да си купите постер доколку некој премногу ви се допадне.
