Инфографик: Писателите кои стојат позади псевдонимите!

Нема ништо невообичаено во тоа писателите да користат псевдоним под кој ги објавуваат своите книги. Некои го прават тоа за да си ја зачуваат приватноста, некои за да го прилагодат своето име да биде попримамливо и поприфатливо за јавноста, а некои затоа што им се допаѓа тоа име.

Има писатели кои ги знаеме исклучиво по нивниот псевдоним, додека пак има писатели кои се многу попопуларни со своето вистинско име, но сепак понекогаш решаваат да објават книга под псевдоним. Во еден од претходните постови веќе ја обработував таа тема.

За денес пронајдов еден многу интересен инфографик кој содржии 20 псевдоними и ги открива писателите кои стојат зад тие псевдоними. Инфографикот е направен на начин што прво го кажува псевдонимот, потоа следува вистинското име и најпознатото дело кое е издадено под тој псевдоним. Под овие информации следува интересна анегдота во врска со псевдонимот на писателот.

Некои од нив ќе ве изненадат, некои можеби ги знаете, а за некои веќе имам пишувано во линкот кој е поставен погоре. Но, во секој случај се работи за интересни информации кои можеби не сте ги прочитале претходно. Најпрво следи преводот на македонски, а најдолу можете да го видете целиот инфографик.

writer20typewriter

Псевдоним: А.М. Бернард
Вистинско име: Луиза Меј Алкот
Најпознато дело:  Најразлични статии (Под најпознато дело се мисли на делото кое е објавено под псевдонимот, инаку најпознатото дело под нејзиното вистинско име е „Малите жени“)

Псевдонимот на Луиза Меј Алкот излегол на виделина дури во 70-тите години на 20-тиот век, кога некои историчари откриле писма кои припаѓале на писателот потпишан како А.М. Бернард. Благодарејќи на писмата, тие успеале да дознаат дека овој со псевдоним, таа објавила неколку различни статии во некое списание.

Псевдоним: Актон, Елис и Курер Бел
Вистинско име: Ен, Емили и Шарлот Бронте
Најпознато дело: „Станарот од Вилдфил хол“, „Оркански височини“, „Џејн Ер

Предрасудите од тоа време наложувале дека поезијата е за мажи, па така сестрите Бронте морале да ги издаваат своите поеми под своите машки псевдоними. За среќа, денес нивните имиња се познати насекаде во светот.

Псевдоним: Ејн Ренд
Вистинско име: Алиса Зиновјевна Росенбаум
Најпознато дело: „Рамнодушниот атлас

Причината зад псевдонимот Ејн Ренд не е докрај позната. Некои велат дека го зела овој псевдоним за да го заштити своето семејство во Русија, други велат дека сакала да звучи поамерикански. За презимето Ренд велат дека е кратенка од нејзиното презиме, додека други велат дека инспирацијата лежела во нејзината машина за пишување која била од брендот „Ремингтон Ренд“.

ayn-rand
(Ејн Ренд)

Псевдоним: Барбара Вајн
Вистинско име: Рут Рендел
Најпознато дело: „Обоеното црно око

Писателката која го создаде инспектор Вексфорд го создала својот псевдоним како комбинација од нејзиното средно име и моминското презиме на нејзината прабаба. Под овој псевдоним таа има објавено 14 книги кои продолжуваат по истата патека која ја направи позната: крими-романи и трилери.

Псевдоним: Боз
Вистинско име: Чарлс Дикенс
Најпознато дело: „Оливер Твист

Малкумина знаат дека Чарлс Дикенс пишувал под псевдоним, а се претпоставува дека овој псевдоним потекнува од прекарот кој Дикенс му го дал на својот брат Аугустус. Прекарот бил „Мозес“, кој ако го кажувате додека имате настинка се претвора во „Бозез“, па Боз најверојатно е кратенка од тоа.

Она што не е познато за многу луѓе е дека токму „Оливер Твист“ првично била издадена под псевдонимот Боз, но Чарлс Дикенс се премислил додека книгата била пуштена да се печати, па така има само мал број примероци каде Боз е авторот на книгата, додека пак  на сите изданија испечатени по првата недела од продажбата, Дикенс си стои како автор со неговото вистинско презиме.

Псевдоним: Брунјолф Бјарм
Вистинско име: Хенрик Ибзен
Најпознато дело: „Каталина“

Еден од најпознатите драматурзи на сите времиња ја создал својата прва драма „Каталина“ кога имал 22 години и тогаш го искористил својот псевдоним. Подоцна го отфрлил псевдонимот и почнал да создава под своето вистинско име, а најпознати дела му се „Домот на куклата“ и „Хеда Габлер“.

Псевдоним: Клер Морган
Вистинско име: Патриша Хајсмит
Најпознато дело: „Цената на солта

2 години откако ја издала книгата „Странци во возот“, Хајсмит ја напишала „Цената на солта“ под псевдоним. Книгата предизвикала огромна љубопитност за нејзиниот личен живот и воедно добила огромни пофалби за нејзиното нестереотипно претставување на лејзбејките. Хајсмит решила да ја објави книгата под своето име дури во 1990 година, кога била преименувана во „Карол“. Големи се шансите оваа книга да ја знаете токму под името „Карол“, особено откако во 2015 година излезе истоимениот филм со Кејт Бланшет во главната улога.

Псевдоним: Клајв Хамилтон
Вистинско име: К.С. Луис
Најпознато дело: „Оковани духови

Во 1919 година, К.С. Луис го издал своето прво дело „Оковани духови“ под псевдонимот Клајв Хамилтон, кој бил комбинација од неговото вистинско име и моминското презиме на неговата мајка. По смртта на неговата жена Џој во 1960 година, Луис објавил една анализа и истражување на тагата, наречена „Набљудувана тага“, која ја објавил под името Н.В. Клерк, затоа што не сакал луѓето да го идентификуваат како авторот на тоа дело.

cslewis
(К.С. Луис)

Псевдоним: Ден Каван
Вистинско име: Џулијан Барнс
Најпознато дело: „Дафи

Добитникот на наградата „Букер“, авторот на „Папагалот на Флобер“ и „Расправа во тројка“ е многу попознат под своето вистинско име отколку под својот псевдоним. Тој почнал да пишува под овој псевдоним во во 80-тите години на 20-тиот век. Неговиот псеводним дури имал и своја приказна. Бил роден во округот Слиго во 1946 година (истата година како и Барнс). Неговите книги ја раскажуваат приказната на детективот Дафи кој е и бисексуалец.

Псевдоним: Др. Сус и Тео ЛеСиг
Вистинско име
: Теодор Сус Гејзел
Најпознато дело: Мачката во капата

Со потекло од Германија, Сус (оригинално Seuss) треба да се изговара така што ќе се римува со англискиот збор за глас (voice). Но, тој го сменил ова и го изговарал како Сус, за да звучи поблиску до англискиот јазик. Ја додал титулата Др., затоа што животна желба на неговиот татко била тој да студира медицина. За делата кои ги пишувал, но кои не биле илустрирани, тој го користел псевдонимот Тео ЛеСиг, што е всушност неговото презиме напишано одназад (LeSieg = Geisel).

Псевдоним: Џорџ Елиот
Вистинско име: Мери Ен Еванс
Најпознато дело: „Мидлмарч

Иако во времето во коешто творела не било необично жените да пишуваат книги, Еванс решила да користи машки псевдоним затоа што сакала нејзините книги да бидат сериозно сфатени. Сепак, псевдонимот не бил доволен за да го залаже Чарлс Дикенс, кој откако прочитал едно од нејзините дела и напишал писмо во која ја искажува својата почит, додавајќи: „Ќе ми беше многу драго, ако ја имав можноста да му се обратам на авторот како на жена.“

Псевдоним: Џорџ Орвел
Вистинско име: Ерик Артур Блер
Најпознато дело: „1984

Кога дошло времето да се издаде неговата прва книга „Отфрлен и на дното во Париз и Лондон“ во која тој зборува за времето кога живеел во тешка сиромаштија, стравувајќи дека ќе го посрамоти своето семејство, го замолил неговиот издавач да ја објави книгата под псевдоним. На крајот самиот си го смислил псевдонимот Џорџ Орвел, велејќи дека е „добро англиско име“.

Псевдоним: Луис Карол
Вистинско име: Чарлс Лутвиџ Доџсон
Најпознато дело: „Алиса во Земјата на чудата

Авторот на „Алиса во Земјата на чудата“ го добил својот псевдоним со играње јазични игри. „Чарлс Лутвиџ“ на латински е „Каролус Лудовикус“. Кога тоа потоа ќе се преведе на англиски е „Карол Луис“, а потоа тој само ги заменил местата на имињата.

dl-portrait-npg-lewis-carroll
(Луис Карол)

Псевдоним: Човекот без слезина и Антоша Чехонте
Вистинско име: Антон Чехов
Најпознато дело: Најразлични статии

Чехов има користено над 40 псевдоними кои најчесто ги користел за неговите сатирични статии. Најчесто го има користено псевдонимот Човекот без слезина, кое било референца за неговото познавање на медицината и под тој псевдоним издал 119 кратки раскази.

Псевдоним: Марк Твен
Вистинско име: Семјуел Лангхорн Клемeнс
Најпознато дело: „Хаклбери Фин

Пред конечно да го присвои псевдонимот Марк Твен, тој пробувал неколку различни имиња, а се до 1863 година го користел псевдонимот Џош. Тој објаснил дека се сетил токму на тој псевдоним, бидејќи кога работел на бродовите во Мисисипи, рибарите постојано викале „Марк Твен“ секогаш кога ја мереле длабочината на реката.

Псевдоним: Мери Вестмакот
Вистинско име: Агата Кристи
Најпознато дело: „Лебот на џинот

Псевдонимот на Агата Криста е комбинација од нејзиното средно име (Мери) и презимето на некои нејзини далечни роднини. Таа го присвоила овој псевдоним за да може да пишува книги кои се разликуваат од нејзиниот препознатлив стил на пишување. Сепак и овие дела биле одлично прифатени кај публиката, а речиси 20 години таа успеала да остане неоткриена со својот псевдоним.

Псевдоним: Ричард Бахман
Вистинско име: Стивен Кинг
Најпознато дело: „Бес

Почнувајќи од 1977 година, Стивен Кинг има објавено 7 книги под својот псевдоним. Псевдонимот настанал додека Стивен Кинг зборувал по телефон со својот издавач. На неговото биро имало книга од Ричард Старк, додека во позадина одела песна од бендот Бахман Тарнер Овердрајв и тоа било доволно за инспирација.

Псевдоним: Роберт Галбрејт
Вистинско име: Џ. К. Роулинг
Најпознато дело: „Повикот на кукавицата

„Повикот на кукавицата“ беше објавена во 2013 и тоа под псевдоним, затоа што Роулинг сакала да ја избегне еуфоријата и очекувањата кои се поврзуваат со нејзините книги. Сепак, само неколку недели по издавање на книгата се открило кој стои позади псевдонимот и продажбата на книгата скокнала до небо.

Псевдоним: Розамунд Смит
Вистинско име: Џојс Карол Оутс
Најпознато дело: „Животите на близнаците

Псевдонимот на Џојс Карол Оутс е женска верзија на името на нејзиниот сопруг Рејмонд Смит. Таа тврди дека го искористила псевдонимот за да избега од нејзиниот сопствен идентитет и да ја објави „Животите на близнаците“, која е кратка психолошка мистерија. Сепак нејзиниот идентитет бил откриен уште пред објавувањето.

Псевдоним: Волтер
Вистинско име: Франсоа-Мари Аруе
Најпознато дело: „Кандид

Потеклото на псевдонимот по кој сите ние го познаваме Франсоа-Мари Аруе е непознато. Најпознатата и најприфатена теорија е дека Волтер е латинска верзија на неговото презиме. Но, постои уште една, посентиментална теорија, според која псевдонимот Волтер е инспирација од прекарот кој го имал како мал. Кога бил дете често му велеле „le petit volontaire“, што во превод значи „самоволното малечко“.

Во продолжение погледнете го и интересниот инфографик.

infographic

Leave a comment