Џејн Остин е една од најславните писателки во историјата на книжевноста. Нејзиниот хумор, прекрасен стил на пишување и интересни приказни продолжуваат да ги восхитуваат и новите генерации. Нејзините книги се секогаш актуелни, а „Гордост и предрасуди“ се смета за врвно ремек-дело.

(Ен Хетевеј како Џејн Остин во „Станувајќи Џејн“)
Доколку не сте многу запознаени со творештвото на Џејн Остин, денешното видео ќе ви помогне да се запознаете подобро со Џејн и нејзиниот книжевен свет. Видеото е дело на видео каналот „School of life“, кое прави навистина интересни видеа од најразлични области од животот. Претходно на блогот беше поставено видео (заедно со интерпретација) посветено на животот и делото на Марсел Пруст.
Што вели авторот на видеото?
Џејн Остин најчесто е омилена и сакана поради тоа што на еден начин нејзините дела се како водич за модерниот начин на живеење во 18-ти и 19-ти век. Но, нејзината сопствена визија за тоа каква е нејзината задача е прилично различна. Таа била амбициозна и цврста моралистка. Таа била многу свесна за слабостите на луѓето и сакала преку своите книги да ги направи луѓето помалку себични и помудри и повеќе да се грижат за потребите на другите.
Таа се родила во 1775 година. Таа пораснала во мало село во Хемпшир. Татко ѝ бил учител и семејството имало висок општествен статус, иако немале многу пари. Таа пишувала на малечка маса. Никогаш не се омажила, иако имала неколку додворувачи. Таа најчесто живеела во селото заедно со сестра ѝ Касандра.
Пишувањето за неа било оружје во нејзината борба да го промени човештвото. Во нејзиниот релативно краток живот, таа успеала да напише шест книги: „Разум и чувствителност“, „Гордост и предрасуди“, „Ема“, „Паркот Менсфилд“, „Опатијата Нортангер“ и „Убедување“.
Ова се работите кои Џејн Остин сакала луѓето да ги научат:
1. Дозволете му на вашиот партнер да ве научи по нешто
На почетокот од „Гордост и предрасуди“, Елизабет Бенет и господин Дарси не можат да се поднесат, но како што поминува времето се заљубуваат еден во друг. Тие се еден од најпознатите и најсаканите парови во историјата на книжевноста. Но, зошто тие двајца се совршени еден за друг?
Џејн Остин е многу јасна. Тоа е поради една причина која денес често не ја земаме предвид: И двајцата патнери можат меѓусебно да се подучуваат и да се подобруваат. На почетокот од книгата, Дарси се однесува како сноб заради тоа што има висок општествен статус и пари, и во еден клучен момент, Елизабет му ја кажува целата вистина во лице и му вели дека неговата гордост и ароганција се неприфатливи. Иако тоа звучи грубо, самиот Дарси при крајот на книгата ѝ признава дека таа му дала една добра лекција, тешка, но многу корисна.
Тие си одговараат бидејќи од нејзината смиреност и жив дух, неговиот ум може да стане помек, а неговите манири подобрени. А благодарение на неговите проценки, информации и познавање на светот, таа може да добие многу значајно знаење. Со други зборови, тие се балансираат еден со друг.
Ние најчесто мислиме дека љубовта значи прифаќање на човекот таков каков што е, но Остин вели дека вистинската личност треба да ни помогне да ги надминеме наште слабости и да станеме позрели, поискрени и пољубезни, а и ние треба направиме нешто слично за нив. Дарси и Елизабет меѓусебно се подобруваат и тогаш Остин дозволува да го добијат својот среќен крај. Приказната ги наградува на крај, затоа што и тие се развиле во процесот.
Затоа книгата е толку прекрасно развиена и дава прекрасна порака, а тоа е дека бракот мора да се заснова на зрелост и развој.
2. Не треба да престанеме да ги оценуваме луѓето, едноставно треба повнимателно да ги оценуваме
„Паркот Менсфилд“ започнува кога тивката и срамежлива Фани Прајс се преселува кај своите богати роднини Бертамови. Во општествена смисла, Бертамови се ѕвезди, а Фани е тотално незначаен лик. Но, Остин оценува според сосема поинакви стандарди. Таа ги заменува нормалните „очила“ преку кои луѓето биле набљудувани во општеството, „очила“ кои се воодушевуваат на богатството и моќта, со морални „очила“ кои го препознаваат квалитетот на личноста.
Фани нема елегантни фустани, ниту пак пари, а не знае ниту да зборува француски јазик, но на крајот на книгата се гледа дека таа е најдобра личност од сите таму, додека пак Бертамови и покрај нивните титули и достигнувања паѓаат во морални забуни.
3. Парите треба да се сфаќаат сериозно
Остин е прилично искрена кога станува збор за парите. Во „Гордост и предрасуди“, таа кажува дека господин Бингли има богатство од 4000 фунти годишно (што е многу за тој период), а Дарси има речиси дупло повеќе од него.
Наместо да мисли дека е некултурно да се зборува за пари, таа мисли дека парите се соодветна тема за секоја квалитетна книжевност, затоа што начинот преку кој се справуваме со нашите финансии има многу влијание врз нашиот живот.
Таа вели дека луѓето најчесто прават две големи грешки кога станува збор за парите. Првата е кога премногу се фасцинирани од парите. Во „Паркот Менсфилд“, Џулија Бертрам се мажи со господин Рашворт, најбогатиот лик од сите ликови во книгите на Џејн Остин, но тие се несреќни и набргу бракот им се распаѓа.
Но, Остин вели дека подеднакво голема грешка е да се венчаат без воопшто пари. Во еден момент во „Разум и чувствителност“, изгледа дека Елинор Дашвуд и Едвард Фарис, на кои им оди добро во животот, нема да можат да се венчаат. Таа вели: „Ни двајцата не беа толку многу заљубени за да мислат дека 350 фунти годишно ќе им бидат доволни за удобен живот.“ Елинор вели дека среќата е поврзана со парите, но таа под пари не подразбира луксузен живот, туку доволно за удобен и нормален живот.
Остин вели дека за одредени работи парите се важни, но за одредени работи и не се. Не може да се гледа црно-бело и едноставно да се биде „за“ или „против“.
4. Не бидете снобови
Во книгата „Ема“, главната хероина Ема ја зема сиромашната Хариет Смит под своја закрила. Таа сака да ја спои со господин Елиот, кој е угледен свештеник. Хариет е заслепена од убедувачката моќ на Ема и ја одбива понудата за брак од еден фармер, затоа што таа мисли дека тој не е доволно добар за неа, иако момчето е добродушно и има потенцијал.
Но, излегува дека господин Елиот е ужаснат од помислата да се венча со Хариет Смит и ја остава Хариет со скршено срце. Главната поента е дека Ема несвесно, но сурово, е сноб. Таа е посветена на погрешниот вид хиеархија. Фармерот е многу подобра личност од господин Елиот, но општествените норми и манирите ги заслепуваат луѓето.
Џејн Остин е многу внимателна кога ѝ го доделува овој недостаток на Ема, која во суштина е многу шармантна личност. Со други зборови, Џејн Остин не ја исмева снобовштината како однесување на ужасни и лоши луѓе, туку таа го гледа снобот со сожалување, како човек кому му требаат насоки, помош и промени. А на сите нас ни се потребни во одреден период од животот, на различни начини.
Џејн Остин не ни кажува зошто ѝ се толку важни одредени работи, наместо тоа ни покажува преку приказни кои ќе не насмеат и ќе нè навлечат толку што ќе посакаме да вечераме порано за да можеме подолго да читаме пред спиење.
Кога ќе завршиме некоја книга, ние сме поканети да се вратиме назад во светот и да реагираме на основа на нејзните поуки. Да се ослободиме од гордоста, алчноста и арогантноста и да нè привлекува добрината во нас и во другите. За жал, моралниот аспект на нејзините книги има исчезнато во модерниот свет, а тоа е најдоброто нешто што една книга може да го направи.
Задоволството што го чувствуваме додека ја читаме Џејн Остин произлегува од тоа дека таа сака светот да изгледа на одреден начин, начин кој ни е многу привлечен. Тоа е тајната, потценета причина поради која таа е толку сакана писателка.
*Се обидов да ги прикажам сите главни поенти на видеото и да ги преведам на македонски јазик, а видеото можете да го видите во продолжение. Навистина е интересно и ќе ве привлече кон творештвото на Џејн Остин.
