Совети за читање поезија!

Поезијата е една од најценетите и најпрекрасните уметнички форми на изразување. Се чини дека целата болка, љубов, тага, среќа се наоѓа во тие напишани стихови. Но, поезијата е истовремено и малку специфична и не секому легнува од прва. Доколку и вие понекогаш се мачите со читањето поезија, денес можете да ги прочитате советите на Вил Флојд кој пишува за неколку американски веб-страници посветени на книгите и читањето.

Во продолжение прочитајте ја статијата на македонски јазик.

person-in-striped-shirt-reading-a-book

Дури и најпосветените читатели и писатели имаат свои слаби точки. Може да се работи за класик кој не можат никако да го завршат или едноставно да влезат во период во кој не им се погодуваат книгите. Сите имаме некои слаби точки. Се трудиме да имаме отворен ум, но една од вистините е дека не може секој да сака сѐ. Разликите во вкусови се неизбежни, но изгледа дека голем дел од читателскиот свет ја има дадено својата пресуда, а тоа е дека не ја сфаќаат баш поезијата.

Но, нема причина за загриженост. И јас порано се мачев со поезија. И сѐ уште се мачам. Барем поголемиот дел од времето. Но, сакам да верувам дека сум научил нешто со текот на времето. Затоа денес ви давам неколку совети за пробивање на мистериите на поезијата.

1. Не правете пауза по секој стих

Не ви изгледа природно и логично? Да, тоа беше истата моја мисла кога мојот професор ми го даде овој совет. Но, всушност е сосема логично, особено кога се чита јамбски пентамтер или кој и да е друг традиционален шаблон. Пред да го прифатам овој совет, сѐ што читав звучеше чудно. Ако има една работа која можете да ја научите од ова правило, тоа е дека шаблонот на римата никогаш не е толку важен како што вие мислите. Правењето паузи по секој стих може само да ви го одземе вниманието и на крајот да завршите со потенцирање и концентирање на погрешните делови од поемата.

2. Првото читање е брзо читање

Обидувањето да се искуси релативно подолга поема во едно читање е како да очекувате да изедете четири оброци со еден залак. Колку и да сте искусни во ова поле, ќе треба да ја прочитате минимум три пати за барем површно да почнете да ја разбирате. Како и да е, не треба да си создавате притисок кога првпат ја читате. Едноставно „фрлете се во ладната вода“ и почнете да читате. Трудете се да го фатите ритамот ако можете. Поезијата е поразговорна од прозата, па така можете да си замислите како некој ги изговара напишаните стихови.

Исто така треба да запомните дека поголемиот дел од поезијата е заснована на расположение и тон, па треба да знаете дека вашата потсвест прави и повеќе отколку што мислите. Еднаш имав професор кој велеше дека секој би ја разбрал „Пустелија“ кога би го слушнал Т. С. Елиот како ја чита поемата во темна соба.

person-reading-red-covered-book-near-grass

3. Фаќајте забелешки

Да, да. Забелешки. Како на пример пишување на маргините. Исто како во училиште. Знам дека читањето во слободно време треба да биде забавно и опуштено и тоа е супер. Но, добрата книжевност сепак си бара „загревање“ на умствените мускули и знае дека ќе бидете благодарни за тој труд. Фаќањето забелешки при читање поезија е особено корисно кога имате проблем со јазикот или стилот на оној што ја напишал поемата. По неколку читања и неколку кратки забелешки, ветувам дека ќе почне да ви изгледа поразбирливо. Гледајте го тоа како пребарување низ опуштен разговор со цел подобро да запознаете некого.

4. Читајте наутро

Иако овде се работи за лично задоволство, сепак знам многу луѓе кои ќе ви го потврдат овој метод. Многу писатели претпочитаат да пишуваат наутро, затоа што веруваат дека се поблиску до својата потсвест. Во златната ера на психоанализата, поезијата, соновите и потсвеста биле најдобри другари. Фројд има кажано: „Поетите и филозофите пред мене ја откриле потсвеста. Она што јас го открив беше научниот метод со кој потсвеста може да биде анализирана.“

Без да навлегуваме во псевдонаука, мислам дека е фер да се каже дека има нешто во онаа сирова состојба во која човек се наоѓа по пробудувањето и го прави неговиот ум поприемчив за поезија. Пред вашиот ум да го почувствува притисокот на дневните обврски, обидете се да прочитате по некоја поема. Тоа е исто како да земате витамини во вид на зборови.

5. Читајте на глас

Ова можеби веќе го знаевте. За ова ви е потребна приватност и ова е најверојатно најдобриот совет кој може да му биде даден на човек кој се мачи со поезијата. Како што кажав погоре, поезијата е најразговорна форма на изразување и неизбежно поврзана со кажаниот збор. Додека ја пишувал „Завивање“, Ален Гинсберг наводно правел транскрипти од разговори со пријатели и странци, за да може да го долови она што тој го нарекувал „искрен разговор“ – уникатниот јазик на бит-генерацијата. Езра Паунд еднаш изјавил дека никогаш не напишал нешто што не би го кажал додека разговара. Читањето поезија на глас е најдобриот начин да добиете пристап до животната енергија и сила на поезијата која често ни бега.

 

One comment

Leave a reply to hulahopka Cancel reply