Необјавените раскази на Фицџералд ќе бидат објавени во април!

Ретко кој може да остане рамнодушен на прекрасните зборови и приказни на Фицџералд, кој со својата меланхолија и длабоки мисли за животот допира до срцето и умот на секој што ќе прочита барем една негова книга.

Оние коишто се големи обожаватели веројатно веќе прочитале речиси се, па за нив доаѓаат убави новости – наскоро ќе бидат објавени раскази кои досега беа непознати за јавноста и кои се напишани некаде во средината на 30-тите години на 20 век.

Средината и крајот на 30-тите години од 20 век биле тешко и мрачно време за Фицџералд и таа мрачнина се рефлектирала врз неговите дела. Повеќето од работите кои ги напишал тогаш останале необјавени, барем досега. Луѓето од издавачката куќа „Скрибнер“ решија да ги израдуваат љубителите на литературата и делата на Фицџералд и решија да објават збирка од неговите необјавени приказни. Тие велат дека тој не можел да ги продаде своите приказни, затоа што темите и стилот на пишување прилично се разликувале од очекувањата на уредниците во 30-тите години на 20 век.

Ф. Скот Фицџералд се соочувал со големи тешкотии при крајот на неговата кариера. Неговата жена Зелда била примена во санаториум поради нејзината шизофренија. Фицџералд се преселил за да биде во нејзина близина, живеејќи повлечен и осамен живот опкружувајќи се само со алкохол и тага. Потоа, 3 години пред неговата смрт, се преселил во Холивуд.

article55311

„Би умрел за тебе“, водечката приказна на збирката, го истражува времето на Фицџералд во Северна Каролина (таму бил санаториумот на Зелда). Збирката ја покажува неговата флексибилност и мајсторство во областа на кратките раскази. Таа е исто така тестамент на неговата посветеност на уметноста, бидејќи голем дел од неговите приказни останале необјавени поради тоа што тој не сакал да ги менува, ниту пак да ги цензурира.

Издавачката куќа во своето соопштение вели:

„Наместо да дозволи неговите уредници да ги променуваат и да ги прочистуваат неговите текстови, Фицџералд претпочитал неговите дела да останат необјавени, дури и во времињата кога навистина му биле потребни пари и внимание.“

Сите љубители на кратките приказни, пишаниот збор и Фицџералд, ќе мораат да имаат трпение до април 2017 година, кога ќе биде издадена збирката.

Leave a comment