Што читаше Кафе и книги во декември?

Среќна Нова 2018 година! Кафе и книги ви посакува многу љубов, здравје, среќа и уште многу прочитани книги. Претстојните празници се одлично време за читање, а традиционалната листа со книги прочитани во изминатиот месец можеби ќе ви помогне да ја изберете вашата следна книга за читање.

original

„Таму каде што припаѓаме“ – Емили Гифин

104_54_1_11__5__7_2017capture

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Книга која се чита навистина брзо. Интересна приказна, интересни ликови и навистина за миг ќе заборавите на вашите проблеми и вистинскиот живот.

Мериен е успешна жена, со прекрасен дечко и убав живот во Њујорк. Но, никој освен Мериен и нејзината мајка не ја знаат болната тајна која таа 18 години ја чува од светот. Но, кога таа тајна во форма на 18-годишна ќерка која таа ја дала на посвојување ќе се појави на нејзината врата, Мериен мора да се соочи со своето минато, сегашност и иднина. Истовремено, Кирби, нејзината ќерка, мора да се избори со своите чувства, фатена помеѓу желбата подобро да ја запознае својата биолошка мајка (и татко) и да не ги повреди родителите кои ја посвоиле и ја сакаат како биолошка ќерка.

Приказната напоредно се раскажува и од гледната точка на Мериен и од гледната точка на Кирби, па така во одреден дел, Мериен е нараторката, а во друг дел нараторка е Кирби. Емили Гифин ја нарекуваат и модерна Џејн Остин. Споредбата со Џејн Остин е малку повеќе претерана, но книгата е навистина интересна.

Госпоѓа Даловеј“ – Вирџинија Вулф

Издавачка куќа: АД ВЕРБУМ
Оцена: 4/5
Осврт: „Госпоѓа Даловеј“ е класик, кој мора да го прочитате. Вирџинија Вулф е генијалка кога станува збор за опишување на чувствата на своите ликови. Има прекрасен стил на пишување кој ќе направи да посакате да знаете повеќе за сите луѓе за кои пишува.

Станува збор за Клариса Даловеј, жена во поодминати години, која се подготвува за забава која треба да ја приреди во својот дом. Дејството во книгата се случува во текот на еден ден. Во тој еден ден ја гледаме Клариса, но и други ликови кои меѓусебно се поврзуваат, како прават рекапитулација на својот живот. Гледаме како се потсеќаат на младоста, како се чувствуваат, како се навраќаат на своите одлуки и каења.

Одлична книга, во која навистина уживав. Имаше една реченица која сѐ уште ми се врти во главата: „Љубовта го прави човека осамен.“ Топло препорачувам да ја прочитате.

„Еден ден“ –  Дејвид Николс

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Приказна која ретко ќе остави некого рамнодушен, пред сѐ затоа е напишана на начин кој прави читателот искрено да се поврзе со приказната. Приказната која прави читателот да се наврати во некои дамнешни денови, приказна која повторно ќе оживее некои ваши спомени.

Дејството на приказната се врти околу Ема и Декстер, кои површно се познаваат од факултет, но никогаш не се дружеле, пред сѐ затоа што се комплетно различни карактери. Ема се грижи за сѐ и сака да го смени светот, а Декстер едноставно сака да ужива во животот. На 15 јули 1988 година, тие заедно поминуваат една вечер и оттогаш тие стануваат најдобри другари. Потоа ние всушност ја следиме нивната приказна, нивните животи и пријателство кое трае со години и кое е пропратено со подеми и падови.

Одлична книга, топла и полна со чувства, сигурно нема да ве остави рамнодушни.

Даблинци“ – Џејмс Џојс

853_27_14_10__4__5_2017korica20dablinici-predna

Издавачка куќа: НАМПРЕС
Оцена: 3/5
Осврт: Џејмс Џојс е еден од најважните писатели на 20 век. Иако најмногу е познат по книгата „Улис“, сепак зад себе има оставено и други дела кои го заслужуваат нашето внимание. „Даблинци“ е всушност збирка раскази и секој расказ се врти околу различни ликови, но сите се поврзани преку тоа што се случуваат во Даблин, оттаму и името на книгата.

Познато е тоа дека Џојс бил заљубен во Даблин и затоа и голем дел од неговото творештво е поврзано со овој град. Всушност и дел од замислата на Џојс за оваа збирка е да даде и своевиден приказ за тоа како Даблин се развивал, заедно со луѓето во него.

Доколку планирате во иднина да ги читате и другите дела на Џојс, интересно би било доколку почнете со оваа книга.

Leave a comment