Излезе поетската книга „Процвет” на поетесата Цветанка Невчева – добитничка на наградата „Душата на чаршијата”

Излезе од печат поетската книга „Процвет” на поетесата Цветанка Невчева во издание на „Дата песнопој“ од Битола. Делото е дел од Современата македонска книжевност и едицијата „Книжевни меридијани“ и е носител на наградата „Душата на чаршијата“, добиена на конкурсот распишан од издавачката куќа „Дата песнопој“ од Битола.

Како што наведува Илија Мерковски, главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Дата песнопој“ во својата рецензија, „песните во стихозбирката „Процвет“ поетесата ги врамила во четири циклуси исполнети со книжевни и стилски изградени композиции нешто што соодветствува на современите текови во поезијата. Таа нема време да опишува, присутно е само емотивното ткаење на версот, за поцелосно ослободување на трепетот преку кој се дава нова силна и цврста димензија на зборот. На преслапот е желбата за љубов, најсилна и вечна во потрагата на поетесата. Цветот не е само убавината, кој доаѓа од лабораторијата на поетесата, во него е естетската порака за димензијата на животот, чистотата на зборот, па и моќта за проследување на боите на животот. Ништо не ме прашувај, препушти се на мигот зашто надежта е сон на будните, за да го зграбиме здивот на животот во ѕвездената ноќ.“

Дизајнот на корицата е направен од страна на нашиот голем хуманист и сликар, Живко Поповски-Цветин, а низ страниците од книгата се проткаени уметнички дела, слики-масла на платно, насликани од вештите раце на познатиот хирург, д-р Јордан Невчев, а дел од нив можете да погледнете и подолу.

Како што се наведува во соопштението, „нераскинливиот спој на поетската и ликовната уметност преточени во стихозбирка која ќе остави трајни вредности и ќе ги освои срцата на читателите е основната цел на „Процвет“!“

„Вазна со полско цвеќе“ – Јордан Невчев

„Дрво без крошна“- Јордан Невчев

Leave a comment