Македонска поезија: „Безимена“ – Даница Ручигај

Даница Ручигај се смета за првата македонска современа поетеса, а многумина ја нарекуваат и македонската Силвија Плат. Даница Ручигај се родила на 5 мај 1934 година и по завршувањето на средното образование, се запишала на Филозофскиот факултет во Скопје и дипломирала на катедрата за југословенска книжевност. По дипломирањето се вработила во Министерството за култура на Македонија. 

Своите први песни ги објавила во 1955 година во познатите литературни списанија „Современост” и „Разгледи”, а нешто подоцна нејзиното име се појавува и во периодиката од другите јазични подрачја на некогашна Југославија, афирмирајќи ја преку нив младата македонска поезија.

Во текот на нејзиниот краток живот издала само една збирка поезија насловена како „Сребрени ноќни игри“ (1960 г.), и со тоа станала првата македонска поетеса со објавена книга. За жал, само три години подоцна, на 26 јули 1963 година, таа трагично го загубила својот живот во Скопскиот земјотрес, на само 29 години. Она што додава дополнителна болка во трагедијата е што, според порталот „Македонска нација“, неколку недели пред земјотресот, чекала одговор за тоа „дали е прифатена нејзината втора стихозбирка „Заробеници на ветрот”. За жал, не го дочека позитивниот одговор, па збирката беше објавена постхумно од истиот издавач, но онака како што самата авторка ја беше подготвила и предала за печатење непосредно пред својата смрт.“

Иако се објавени само две нејзини стихозбирки (една за време на нејзиниот живот, една постхумно), сепак нејзиното влијание врз македонската поезија се неспорни и затоа во нејзина чест, денес ги читаме нејзините стихови.

Безимена – Даница Ручигај

Се враќам да ја затворам вратата,
а јас влегувам убава со
сон прекршен на половина
со сонце изгубено на земјата,
се враќам да ја затворам вратата – вратата
на сите влегувања
и излегувања.

од „Заробеници на ветрот”

Извор: Медуза

Leave a comment