Македонска поезија: „Бродолом“ од Лилјана Дирјан!

Денес е петок, одличен ден за споделување прекрасни стихови, а со оглед на тоа дека утре се одбележува годишнина од смртта на македонската поетеса Лилјана Дирјан (13 ноември 2017 година), денес ги читаме нејзините стихови.

Бродолом – Лилјана Дирјан

Се насукувам на твојот ‘рт на добрата надеж
прска бродскиот клун, вреска кормилото
откажуваат мерните инструменти, барометарот
полудува, илјада атмосфери
вода во часовниците, компасите се лепат
за твојот магнет север па север
СОС емитирам СОС безуспешно
илјадити дел од секундата
продира
вода-вода-вода
ранети места
бродски тајни, исцртани графикони на патувањето
поплава-пооплава
земјата од настанот се тресе
релјефот на морето се преобразува
и котвата, ах котвата
имам време да погледнам небо само
да потурам запалив озон
да го подметнам љубовното месо
да се свртам кон пејзажот
да ослепам од прекрасната експлозија
пред да потонам

Leave a comment