Ведрана Рудан замина во подрачје без сигнал…

„Ведрана замина во подрачје без сигнал.

Вака беше соопштена веста за смртта на Ведрана Рудан на 76-годишна возраст.. Реченица што тешко дека можеше да биде посоодветна за неа. Без патетика, без големи зборови, без обид смртта да се направи повозвишена отколку што е. Само малку црн хумор како последно збогум. Ведрана Рудан беше една од најпрепознатливите, најострите и најбескомпромисните книжевни гласови на овие простори. Рудан беше необична, директна, искрена до срж, со јазик што често шокираше и провоцираше реакции, но секогаш погодуваше директно во центарот.

Родена е во Опатија во 1949 година. Работела како новинарка и радиоводителка, а книжевната публика пошироко ја освои со романот Уво, грло, нож“, објавен во 2002 година. Потоа следуваа книги како Љубов на последен поглед“, „Костурите на округот Медисон“, „Зошто пцујам и други. Таа често привлекуваше внимание и со своите колумни. Ретко што можеше да побегне од нејзиното остро перо каде отворено зборуваше за животот, смртта, капитализмот, општеството, политиката и животот како жена. Таа никогаш не ги романтизираше работите, а во нејзините животни искуства како жена се препознаваа милиони жени ширум регионот. Никогаш не ги разубавуваше работите, често зборуваше и ги критикуваше општествените норми кои им се наметнати на жените, секогаш да се фини, добри, средени, да се грижат, а како во целиот тој процес тие често се губат самите себе. Но, и покрај нејзиниот остар и директен јазик, таа гласно зборуваше и за љубовта, за среќата, за смеата, за како да се живее животот со полни гради.

Во 2024 година објави дека боледува од рак на жолчните канали. И тогаш направи нешто што беше целосно во нејзин стил – почна да пишува и за ракот. За борбата со ракот зборуваше отворено, директно и без разубавување. Онака како што, всушност, зборуваше за сè.

Имав можност да ја запознаам во 2019 година, при едно гостување на тогашниот Саем на книга, каде ја промовираше својата книга „Костурите на округот Медисон“. И тоа ми е еден од омилените моменти на моето одење на Саем на книга, ми остави одличен впечаток. Таа навистина беше извонредна жена и иако, како што се вели во објавата, таа замина во подрачје без сигнал, нејзиниот глас ќе одекнува уште долго, а нејзините есеи, колумни и книги ќе се читаат и ќе останат за генерациите што доаѓаат.

Leave a comment