Разговор со Петре М. Андреевски: Нема мали и големи литератури, туку мали и големи писатели!

Петре М. Андреевски е еден од најзначајните македонски писатели и за него не се потребни многу најави. Со својата стихозбирка „Дениција“ и неговите романи како „Пиреј“, „Небеска Тимјановна“, „Последните селани“ и други, тој остави вечен печат врз македонската книжевност, култура и колективна меморија. Во чест на годишнината од неговото раѓање, 25 јуни 1934 година, денес на блогот можете да прочитате и да погледнете еден разговор со него од документарецот посветен на Петре М. Андреевски насловен како „Инспиративните врутоци од животот“, снимен во јануари 2004 година во продукција на ТВ „Кисс“.

„Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, вели, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“

Истакнатиот македонски поет, романсиер, раскажувач и драмски писател, Петре М. Андреевски, е роден 1934 година во Слоештица, Демир Хисар. Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола и студирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Работел како уредник во Македонската радио телевизија. Академик Петре Андреевски бил уредник на списанието „Разгледи“, член на Друштвото на писателите на Македонија од 1964 година и претседател на Македонската книжевна асоцијација во еден мандат. Член е на Македонскиот ПЕН центар. За член во МАНУ е избран во 2000 година.

Вака започнува оваа документарна програма за Петре М. Андреевски, со вовед за неговиот живот и куса биографија и се разбира со цитирање на една од неговите најпознати мисли од „Пиреј“, a потоа емисијата продолжува со раскажувањето на Петре М. Андреевски за неговото детство и образование:

Роден сум во 1934 година, во селото Слоештица, Демир Хисар. Името Слоештица е изведено од личното име Словен, односно Слове, а што се однесува пак до името Демир Хисар коешто означува еден поширок крај, односно целиот тој крај, тој е добиен од турското име, позајмено пак од арапскиот јазик, што значи „железна тврдина“ или „железна крепост“. Инаку, словенското име на овој крај е Железник, таму дури има едно село што се вика Железнец. Железник може да го сретнеме во многу записи кај Марко Цепенков. Селото има четири цркви и еден манастир. Тоа на извесен начин ми кажува дека моите предци имале богат духовен живот. Е сега можеби малку премногу се задржав на селото, но тоа сметам дека е најчистиот дел од мојата биографија.

Се запишав во тогашните таканаречени македонски прогимназии коишто беа со пола матура. Во тоа време, бидејќи беа во мода тие ѕидни весници на кои се изложуваше целата политичка ситуација, пропаганда, па и ученичките желби за наука и така натаму, јас бев многу добар цртач, па дури и оттогаш пишував, така што сите ѕидни весници ги пополнував со свои ликовни прилози, па и со текстови. Така, пак се појавува околискиот инспектор, кога ги виде моите цртежи и тие ѕидни весници, ме препорача образованието да го продолжам во средното уметничко училиште во Скопје, на сметка на владата, на, тогашната, барем тогаш така се викаше, Народна Република Македонија. Тоа беше бесплатно школување, сместени во интернат. Но, за моја несреќа, јас бев пријавен, но поканите од училиштето не можев да ги добијам, ми ги задржуваше општината, бидејќи учењето беше бесплатно, а татко ми беше прогласен за „кулак“. „Кулак“ значи голем земјопоседник, тоа „кулак“ е позајмено од рускиот јазик и кај нас се употребуваше во тоа време многу, и мојата голема љубов за сликање пропадна од причини што општината не ми ги доставуваше поканите да се јавам на приемен испит. А јас во тоа време, речиси деноноќно цртав, работев, сликав, тоа ми беше највозвишена радост, дури и во сѐ и сешто, во секој предмет, гледав некој недозавршен цртеж, недозавршена слика што чека само на мене да ја довршам. Кога не успеав во тоа, веќе бев принуден да се запишам во битолската гимназија и љубовта што ми беше при срце за сликарството да ја пренасочам, односно да ја врзам за зборот, се разбира за пишаниот збор. И тогаш сфатив дека зборот дава една поширока слика, една послободна слика која може секој човек да ја дополнува и да ја доцртува по свој избор и по свое наоѓање. Така една љубов се претвори во друга.

Тука разговорот паузира и нараторката ги навраќа гледачите на богатиот книжевен опус на Петре М. Андреевски.

Пишува поезија, раскази, романи, драми и филмски сценарија. Ги објавил збирките поезија: „Јазли“ „И на небо и на земја“, „Дениција“, „Дални наковални“, „Пофалби и поплаки“„Вечна куќа“, „Лакримариј“. Објавил и неколку книги раскази „Седмиот ден“, „Неверни години“, „Сите лица на смртта“, како и романите „Пиреј“, „Скакулци“, „Небеска Тимјановна“, „Последните селани“ и „Тунел“. Во 1984 година ја објави книгата „Драми“ во која влегуваат: „Време за пеење“ и Богунемили“. Петре М. Андреевски објави и две збирки стихови за деца под наслов „Шарам-барам“ и „Касни-порасни“. Од неговиот книжевен опус, досега му се печатени повеќе избори, а во 1984 година му беа објавени избрани дела во пет томови. Академикот Петре М. Андреевски е застапуван во сите анталогии на македонската поезија објавувани кај нас и во светот. Неговите дела се преведени на неколку светски јазици и беа предизвик за читателската публика.

Понатаму, Андреевски се навраќа на неговите почетоци:

Моите посериозни објави секако доаѓаат после, при крајот на 50. години (на 20 век, м.з), кога дојдов овде на студии, кога почнав да соработувам во списанието „Млада литература“, па потоа во списанието „Млад борец“, коешто имаше многу добар подлисток за литература и култура. Потоа во списанието, прво беше весник, па потоа списание, „Разгледи“, кое едно време го уредуваше Коле Чашуле, потоа Димитар Солев, и на крајот ние како трета генерација што нѐ нарекуваа, кога израснавме веќе како поафирмирани автори, се врзувавме за тоа списание и нѐ нарекуваа модернисти, додека оние од другата страна што соработуваа во „Современост“ ги нарекуваа реалисти. А кој беше реалист, а кој беше модернист… тешко може да се каже бидејќи и едните и другите пишуваа и вака и онака, но такви ни беа имињата, односно определбите, барем за тоа време.

Првите збирки ги објавив…првата книга поезија ја објавив во 1960, а втората во 1962 година. Но тие мои песни, сакав преку нив да изразам она што е наше традиционално и богато наследство и коешто бараше поголем опит и една послоевита изразна форма, не беа толку разбрани во тогашната критика, па не допираа и не комуницираа толку и со читателите. Тоа мене многу ме нервираше и затоа подоцна, како реакција на тој однос, го сменив мојот поетски израз и ја напишав збирката „Дениција“ за која добив две високи признанија, едното е „Браќа Миладиновци“, а другата „11 Октомври“.

Следниот дел е разговор со академик Матеја Матевски, во кој се осврнува на творештвото на Петре М. Андреевски:

Петре Андреевски и по обемноста на своето дело, а пред сѐ по вредностите на својата литература е во самиот врв на нашиот современ белетристички исказ. Неговата поезија е лирика на еден модерен поет, чии стихови се вкоренети во земјата, во фолклорот, во битот, во судбината, во здивот нејзин. Непосредна, непатетична, чиста, спонтана и медитерански озрачена, оваа лирика за мене секогаш претставуваше празник на сликите, богатство на јазикот, раскош на исказот и распеаност на чувството, каква што беше онаа негова прекрасна книга за Дениција. Превасходно лиричен, но едновремено рефлексивен, мисловен, обдарен со мудра опсервација и мисла, Петре М. Андреевски донесе исклучителна свежина во современата македонска поезија, во нејзиниот пат кон модерниот израз и кон искажувањето на модерниот сензибилитет.

По оваа изјава на Матеја Матевски, следи еден сегмент со рецитирање на една од најпознатите песни на Петре М. Андреевски, „Кога ја љубев Дениција“, рецитирана од страна на Славко Нинов.

Кога ја љубев Дениција

Кога ја љубев Дениција,
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот.

Кога ја љубев Дениција,
како да му пронајдував брзина и на каменот,
како да ја одделував душата од телото,
како да го палев барутот,
на тилот од смилот и трендафилот.

Кога ја љубев Дениција,
како да внесував летен воздух во воздухот зимен,
како да ги откривав сите рудници на злато,
како да добивав телефонска врска со сонот
од сите успани работници.

Оти ја љубев Дениција,
како што ги отворав пролетните аптеки,
сместени во гласот од славејот,
како што славејот ги спријателуваше
небото и земјата,
како што таа ми ја одземаше тежината,
додека трчав кон неа,
како што не можев да видам ништо освен неа,
како што таа живееше додека јас умирав,
како што и јас не знаев како би умрел,
ако таа не се родеше.

Кога ја љубев Дениција,
Како да учествував во создавањето
На првата Македонска Држава.

По прилогот и рецитирањето на „Кога ја љубев Дениција“, документарецот повторно се навраќа на Матеја Матевски и неговите размислувања и осврт кон творештвото на Петре М. Андреевски:

Петре Андреевски е редок наш писател кој пред сѐ со „Дениција“, потоа со „Пиреј“ и другите дела стана наш вистински семеен писател, бидејќи интересирањето за неговото творештво се искажува над четири децении и тоа продолжува и ја одбележува постојано својата нагорнина. Поголемо признание за еден писател од тоа не може да се замисли. Мене ми е драго што тоа можам да го констатирам, затоа што бев радосен што можев да го следам неговото творештво од почеток и што, со секое негово дело високите вредности на тоа творештво можам да ги потврдувам. Сета таа негова проза е исткаена од стварноста и од вистината, сета е исткаена од преданието, од приказната, од сонот, од фантазијата. На тој начин, тој ткае, гради, искрева еден богат белетристички опус, полн со сензибилитетот, јазикот, на вистински значаен и голем автор. Сета негова литература извира и увира во неговиот јазик кој е целосно во него. Сето богатство на јазичната лексика, речиси незаблежано во нашата литература, говорот и мудроста на тој јазик, неговата интелектуалност и неговиот исказ на чувствувањето и на мислењето. Ние немаме многу писатели кои се толку длабоко, толку богато и толку надарено враснати во богатството, во раскошот и во убавината на македонскиот јазик.

Тука завршува разговорот со Матевски и потоа нараторката повторно се навраќа на еден цитат од „Пиреј“ и кус вовед во следниот сегмент.

„Животот е една една голема угорница, а уште поголема удолница по која трчам. Цел живот трчаме за да го откриеме нејзиниот крај, нејзиниот газер. Кај што ќе заврши и нашето тркалање. Нашето постојано паѓање. Пред малку само трчавме еден кон друг: и од една страна има наши луѓе и од другата страна има наши луѓе. А и сите луѓе на светот се наши луѓе. А навалуваат еден кон друг. Околу нас само куршуми фицкаат, ама ни еден не ме погаѓа. “

Книжевното дело на академик Петре М. Андреевски е сублимат на менталната и духовната сосотојба на човекот од нашето поднебје. Тоа е чиста и едноставна уметност со инспиративни врутоци од животот, каде сонот и магијата се црпат од душата на народот. Поетската магија на Петре М. Андреевски е растеж на душевната згуснатост, стремеж за длабоко душевно доживување од сугестивната лирика, и не само во неговата поезија, туку и во неговата проза.

По овој дел од прилогот, продолжуваат размислите на Петре М. Андреевски околу македонската литература и целта на книжевноста:

Ние имаме литература со која можеме да се пофалиме и пред светот, имаме што да му покажеме на светот, но како мало јазично подрачје, ние многу тешко можеме да се пробиеме, тоа е случај со сите мали литератури… иако јас сметам дека нема мала и голема литература, има мали и големи писатели. Сега се случува еден парадокс. Како се множат издавачки куќи, така се затвораат книжарници. Денеска нема кај да купиш книга, нема кај да побараш. Па дури, веројатно тоа е така, паралелно си оди едно со друго, така го отуѓивме и читателот, го оддалечивме од книгата, го оддалечивме и од писателот, го оддалечивме и писателот од тие амбиции да ги постигне тие светски стандарди, вредности, ако има такви вредности. Јас не верувам дека има, бидејќи секој човек носи онолку вредност колку што се неговите сили и колку што е неговиот талент. Нема талентиран човек со исклучителна дарба, божја дарба, има само талент, работа и вкус. Тоа го спомнува и еден нобеловец, каков што беше Андриќ, тој вели вака во една пригода: „Не знам колку човекот да е талентиран, ако нема вкус, неговиот талент не може да се реализира, никој нема да го прими“. Значи сѐ треба да се приспособи и спрема луѓето, затоа што ние пишуваме за луѓето и спрема сите слоеви луѓе, не само за една категорија луѓе. Научниците нека пишуваат за една категорија луѓе, есеистичарите исто така, но литературата не смее да заборави на ниеден слој, на ниеден социјален сталеж, на ниедна интелектуална скала од општеството. Од најобичниот работник до највисокиот интелектуалец, треба книгата подеднакво да ја прифаќаат. Ако тие две категории, највисоката и најниската, не ја прифаќаат подеднакво книгата, јас мислам таа книга е неуспешна.

После овој дел од разговорот следи уште едно рецитирање на Славко Нинов, овојпат на песната „Тоа таму“.

Тоа таму – Петре М. Андреевски

Што бараше да одиш таму,
кога знаеше дека тоа не е таму
и дека оттаму ништо не се гледа.

Што чинеше дека чиниш:
кај што никој во ништо не верува,
кај што никој на никој не му преправа,
кај што никој никому не прозборува.

Не попушти и кога те напушти часот
и кога виде на чија страна е законот
и на чија страна се сите.

Зар не помисли дека твоето време
веќе е изминато, веќе е изменето
и дека тоа таму нема за потаму.

Што бараше тогаш таму:
кај што никој никого не чека,
кај што никој ништо не кажува,
кај што никој никого не познава.

Таму беше сè јасно и опасно
и оттаму веќе немаше каде
и оттаму веќе немаше како.

Што бараше да си го бараш
кога сето тоа беше загубено
и кога никаде немаше ништо
.

И, сега, ај кажи ми сега:
што му можеш на тоа што не го гледаш,
и што ти може тоа што не те гледа,
кога никој на никого не се сеќава.

И за крај на разговорот, Петре М. Андреевски се фокусира на она што е најголем фокус во неговото пишување:

Ако искрено зборуваме, мене повеќе ме интересира, темните страни на мојот човек, на мојот јунак, на мојот херој, како сакате да го наречеме, и воопшто ако сакате, на мојот народ, сакам да ги откривам темните страни, односно да ги маркирам, да ги идентификувам, да ги изнесувам на виделина. Затоа што ако не ги маркирам, ако не ги дијагностицирам, ако не ги посочам, тие никогаш нема да ја добијат онаа вистинска светлина, а јас сакам да ги изнесам на светлина, затоа што иако ги опишувам така како што ги опишувам, но јас сакам да им дадам, врз нивната тешка дебела сенка да поставам една уште подебела светлина и потрајна светлина. Јас дури и кога пишувам за смртта, практично пишувам за животот. Смртта е само еден рационален дел од животот. Смртта е една неминовност, но јас за смртта никогаш не пишувам без да го елаборирам, без да го раскажам вистинскиот живот на нашиот човек. Јас всушност сакам да го прикажам нашиот човек онаков каков што е, со сите темни страни и со сите светли страни, но преку темната страна мислам дека повеќе ќе го доближам до светлата.

На крајот на овој разговор и еден вид на видео портрет на Петре М. Андреевски, нараторката дава еден одличен заклучок:

Книжевното дело на академик Петре М. Андреевски е дел од катализаторската функција на македонската книжевност, што неизоставно треба да ја оствари, а тоа е сѐ почесто да добива поприроден тек во свеста дека книжевното љубопитство на нашите читатели се освојува со примамливи литературни дела. Во тие предели на сончевата Македонија, на високо место под сонцето е и името на Петре М. Андреевски.

Во продолжение погледнете и го слушнете одличниот портрет и разговор со Петре М. Андреевски и Матеја Матевски.

Leave a comment