Секој што ја читал „Фаренхајт 451“ од Реј Бредбери се згрозувал од помислата илјадници книги да бидат горени и уништувани. Мрачната дистописка приказна за дистописко општество во кое книгите исчезнуваат преку уништување е една од најзначајните книги на 20 век, но ретко кој можел да го замисли тоа во реалноста. Замислете милиони книги, од современи романи до одамна распродадени изданија, кои се купуваат само за да им се отсечат кориците, страниците да се скенираат, а хартијата потоа да заврши на рециклирање. Тоа не е сцена од научнофантастичен роман, туку практика што во последните денови предизвика жестоки дебати во книжевниот свет.
Според статијата на „Вашингтон пост“, објавена врз основа на судски документи од тужбата против компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“ (Anthropic), компанијата купувала милиони физички книги, ги скенирала со индустриски машини и потоа ги уништувала, со цел да создаде дигитална база за тренирање на својот модел „Клод“ (Claude). „Вашингтон пост“ велат дека во еден интерен документ за стратешко планирање на компанијата, а кој бил објавен како дел од судските списи се наведува:
„Проектот „Панама“ е нашиот обид преку деструктивно скенирање да ги дигитализираме сите книги во светот. Не сакаме да се дознае дека работиме на ова.“
Компанијата се согласила да исплати 1,5 милијарди долари за спогодбено решавање на случајот минатиот август. Но, одлуката на окружниот судија да ги објави бројните документи од судската постапка појасно ја разоткри ревносната кампања на „Антропик“ за прибирање книги. И иако точниот број на скенирани книги и вкупниот трошок за проектот се редактирани во судските документи, сепак „Вашингтон пост“ открива дека во предлог-проектот на компанијата што подоцна соработувала со „Антропик“ се наведува дека компанијата за вештачка интелигенција барала искусен партнер за услуги за скенирање документи, кој во период од шест месеци би дигитализирал меѓу 500.000 и два милиони книги.
Зошто компаниите го прават тоа?
Причината е едноставна: физичките книги често претставуваат висококвалитетен извор на текст кој не е „загаден“ со содржина создадена од вештачка интелигенција. Наместо да се потпираат на интернет-страници, компаниите за вештачка интелигенција купуваат печатени изданија, ги дигитализираат и ги користат како материјал за обука на своите модели. Според „Вашингтон пост“, во документ од јануари 2023 година, еден од коосновачите на „Антропик“ изнесол став дека обучувањето на моделите за вештачка интелигенција врз книги може да ги научи „како добро да пишуваат“, наместо да го имитираат „нискоквалитетниот јазик на интернетот“.
Законски дозволено, но етички спорно
Во САД, федерален суд оцени дека скенирањето на законски купени книги за интерна употреба при тренирање на модели за вештачка интелигенција може да претставува „фер употреба“ (fair use). Но истата постапка не ги затвори етичките прашања. Многу автори, издавачи и книжари предупредуваат дека проблемот не е само авторското право, туку и културното наследство. Особено загрижува можноста да исчезнат ретки, одамна распродадени или историски вредни изданија кои, еднаш уништени, повеќе не можат да бидат заменети. Освен во САД, Велика Британија и Австралија, продавачите на ретки книги во Холандија исто така се соочуваат со нагло зголемен број масовни нарачки, за кои се сомневаат дека ги прават компании што развиваат вештачка интелигенција. Иако немаат цврсти докази за тоа, тие стравуваат дека овие ретки изданија се купуваат со цел да бидат уништени и искористени за обука на модели за вештачка интелигенција.
„Гардијан“ разговараше со претставници на книжарници и трговци со ретки книги во Австралија, кои велат дека забележале необични масовни нарачки на стари и тешко достапни книги. Дел од нив веќе почнале внимателно да проверуваат кој ги купува нивните изданија, стравувајќи дека тие нема да завршат во нечии библиотеки, туку во процес на дигитализација и уништување. Други пак, се на два ума. Еден мал продавач на книги за „404 Media“ изјавил дека во април неговата продажба нагло се зголемила, од најмногу дваесетина книги неделно на неколку стотици. Тој е речиси сигурен дека купувачите се компании што развиваат вештачка интелигенција, бидејќи нарачуваат случаен избор на книги, при што сите имаат ISBN-броеви. Тој додава дека неговиот магацин е исполнет со ретки и одамна распродадени изданија, што значи дека некои од купените книги би можеле да бидат меѓу последните преостанати примероци, кои потоа се уништуваат за потребите на нивната дигитализација.
„Имам измешани чувства во врска со сето ова“, изјавил книжарот за „404 Media“. „Од една страна, финансиски ми одговара, а воедно ми помага да се ослободам од старите залихи што инаку тешко би се продале. Мојата понуда, која вклучува многу книги од странство и изданија на странски јазици, е особено погодна за ваквите купувачи. Од друга страна, не ми се допаѓа крајната намена на овие книги, ниту фактот што ретки и тешко достапни изданија завршуваат уништени.“
Од друга страна, веб-порталот „Футуризам“ вели дека оваа практика станала толку распространета што одредени етаблирани продавачи на книги се обидуваат да профитираат од бумот на вештачката интелегенција, повикувајќи се на статија на „404 Media“, во која се наведува дека компанијата „ISBNdb“, која се претставува како сопственик на „најголемата база на податоци за книги во светот“ и истакнува дека „најдобрите податоци за обука на вештачката интелигенција се наоѓаат на полиците со книги“. Со тоа, компанијата ги претставува печатените книги како извор на висококвалитетен и автентичен текст, незагаден од неквалитетните содржини генерирани со вештачка интелигенција, кои веќе преплавија голем дел од интернетот, а сè почесто се појавуваат и во поновите книги. Ова донекаде е и многу иронично, имајќи предвид дека на компаниите не им се допаѓа што голем дел од содржините се генерирани со вештачка интелигенција, а сепак уништуваат и пиратираат книги за да ја хранат истата таа вештачка интелигенција.
Според „Футуризам“, повикувајќи се на „404 Media“, ISBNdb, компанија која некогаш беше насочена кон тоа да им помага на библиотеките, дистрибутерите и книжарниците полесно да пронаоѓаат и продаваат книги, денес им овозможува на компаниите за вештачка интелигенција да купуваат огромни количества книги – од 1.000 до дури еден милион примероци по нарачка. Дополнително, компанијата им ветува на своите клиенти дека нивните набавки ќе останат доверливи, очигледно свесна за контроверзноста што ја предизвикува оваа практика, особено по случаите со „Антропик“ и „Мета“. „Проблемот со јавната перцепција е реален“, се наведува на веб-страницата на ISBNdb. „Наслов од типот „Компанија за вештачка интелигенција уништи два милиони книги“ сигурно нема да предизвика симпатии кај јавноста.“
Не е само „Антропик“
„Антропик“ е компанијата чии практики станаа јавни преку судските документи, но таа не е единствената што се соочува со правни предизвици. Според „Ројтерс“, „Мета“, „OpenAI“ и други големи компании за вештачка интелигенција се предмет на тужби од автори и издавачи, кои тврдат дека нивните дела биле користени без дозвола за тренирање на модели за вештачка интелигенција. Ројтерс“ известува дека неодамна, неколку издавачки куќи, заедно со авторот Скот Туроу, поднеле колективна тужба каде тврдат дека „Мета“ незаконски присвоила милиони нивни дела и без дозвола ги користела за обука на своите јазични модели. Сепак „Мета“ ги отфрлува обвинувањата, и како што истакнува „Ројтерс“, велат дека вештачката интелигенција поттикнува трансформативни иновации, продуктивност и креативност, како за поединците, така и за компаниите. Од компанијата најавиле дека „енергично ќе се бранат“ од тужбата.
Издавачите, пак, тврдат дека „Мета“ незаконски присвоила дела од различни жанрови, од учебници и научни трудови до романи, меѓу кои „Петтата сезона“ од Н. К. Џемисин и „Дивиот робот“ од Питер Браун, и ги користела за обука на своите модели за вештачка интелигенција. Тие бараат судот да ја одобри тужбата како колективна постапка во име на поширока група носители на авторски права, како и да досуди паричен надомест, чиј износ засега не е прецизиран. Марија Паланте, претседателка на „Здружението на американските издавачи“:
„Масовното кршење на авторските права од страна на „Мета“ не претставува јавен напредок, а потенцијалот на вештачката интелигенција никогаш нема целосно да се оствари ако технолошките компании им даваат предност на пиратските извори наместо на науката, знаењето и имагинацијата“.
За многумина, книгата не е само текст што може да се претвори во дигитален документ. Таа е физички предмет што носи историја, траги од времето, лични спомени и поврзаност со таа книга, но и културна вредност која не може целосно да се прекопира со скенер. Затоа дебатата денес не се сведува само на тоа како се обучуваат моделите на вештачка интелигенција, туку и на прашањето што сме подготвени да жртвуваме во името на технолошкиот напредок.
И тука се наметнува и прашањето: Кој ќе ги заштити книгите од вештачката интелигенција? Кој, ако не ние, читателите и читателките, со нашата страст и љубов кон пишаниот збор, преку читање на печатени книги и споделување на љубовта кон книжевноста. Отсекогаш сум го сакала дистопискиот жанр, но не верував (или одбивав да верувам) дека и ние самите би можеле да се најдеме директно во центарот на една таква дистописка приказна. Каде и да се движи светот, знам само дека книгите секогаш ќе опстојат. Низ милениумите преживувале поплави, пожари, цензури и диктатури. Сите тие што пробуваа да ги уништат денес не постојат, а книгите се тука. Или како што вели Михаил Булгаков во „Мајсторот и Маргарита“: „Ракописите никогаш не горат!“ Освен тоа, во „Фаренхајт 451“, група на луѓе решија да пружат отпор на уништувањето на книгите со тоа што ги учеа напамет за да продолжат да живеат и да ги раскажуваат на другите луѓе. Ние можеби не мораме да ги учиме на памет, но со поддржување на вистинската уметност, вистинските писатели, а не „промптови“ на вештачка интелигенција – ќе ги спасиме!
Извори:
- The Washington Post – Inside an AI start-up’s plan to scan and dispose of millions of books.
- The Guardian – Australian booksellers raise alarm over destruction of rare titles to feed AI.
- Reuters – Major publishers sue Meta for copyright infringement over AI training.
- Futurism – AI Companies Are Buying Antique Books, Ingesting Their Contents to Train Models, and Then Destroying Them at Incredible Scale

