Мишел Фуко е еден од најпознатите француски филозофи на 20 век, чии книги и денес се предмет за дебати во светот на филозофијата. Со цел подобро да го разбереме неговиот живот и творештво, денес на блогот претставуваме едно видео од The School of Life кое накусо се осврнува на неговиот живот и најважни книги, а во продолжение можете да го прочитате и транскриптот на македонски јазик.

Мишел Фуко (1926–1984) беше француски филозоф и историчар на 20 век, кој целата своја кариера ја посвети на темелна критика на моќта на модерната буржоаска капиталистичка држава, вклучувајќи ги полицијата, судството, затворите, лекарите и психијатрите. Неговата цел беше да открие како функционира моќта, а потоа да придонесе за нејзино преобразување во насока на една марксистичко-анархистичка утопија. Иако поголемиот дел од животот го помина во библиотеки и универзитетски семинарски сали, тој беше длабоко посветена револуционерна личност, која уживаше огромна популарност во елитните интелектуални кругови во Париз. Жан-Пол Сартр му се восхитуваше, но тој сè уште има и бројни следбеници меѓу студентите во просперитетните делови од светот.
Неговото потекло, за кое бил исклучително неволен да зборува и настојувал по секоја цена да ги спречи новинарите да го истражуваат, било исклучително привилегирано. И двајцата негови родители биле многу богати и потекнувале од долг родослов на успешни хирурзи во Поатје, во западниот дел на централна Франција. Неговиот татко, доктор Пол Фуко, за Мишел ќе стане олицетворение на сè што подоцна ќе го мрази кај буржоаска Франција.
Мишел добил типично образование за припадник на високата класа. Посетувал елитни језуитски училишта, бил олтарско момче, а неговите родители се надевале дека ќе стане лекар. Но, Мишел не бил како другите момчиња. Почнал да се самоповредува и постојано размислувал за самоубиство. За време на студиите, ја украсувал својата соба со слики на сцени на мачење од Франсиско Гоја. Кога имал 22 години, се обидел да изврши самоубиство, по што татко му, против неговата волја, го принудил да се лекува кај најпознатиот француски психијатар, Жан Делеј, во болницата Сент-Ан во Париз. Лекарот мудро заклучил дека голем дел од страдањето на Мишел произлегува од тоа што морал да ја крие својата хомосексуалност, а особено интересот за екстремен садомазохизам, од осудувачкото општество.
Постепено, Фуко станал дел од подземната геј-сцена во Франција, се вљубил во дилер на дрога, а потоа започнал врска со трансвестит. Во голем дел од своите дваесетти години живеел во Шведска, Полска и Германија, каде што чувствувал дека неговата сексуалност ќе биде помалку ограничена. Во исто време, Фуко напредувал во француската академска хиерархија. Пресвртниот момент во неговиот интелектуален живот дошол во летото 1953 година, кога имал 27 години и бил на одмор со својот партнер во Италија.
Таму ја открил книгата на Фридрих Ниче „Ненавремени размислувања“, која го содржи есејот „За користа и штетата од историјата за животот“. Во овој есеј Ниче тврди дека академиците го изопачиле начинот на кој треба да се чита и изучува историјата. Тие создавале впечаток дека историјата треба да се проучува незаинтересирано, само за да се дознае како навистина било во минатото. Но Ниче жестоко ја отфрла оваа идеја. Според него, нема никаква смисла минатото да се изучува само заради минатото како такво. Единствената причина да се проучува историјата е во неа да се пронајдат идеи, концепти и примери што можат да ни помогнат подобро да живееме денес. Ова откритие интелектуално го ослободило Фуко повеќе од што било дотогаш. Веднаш го сменил правецот на својата работа и одлучил да стане особен вид филозофски историчар – човек кој ќе се враќа во минатото за да помогне во решавањето на најитните прашања на сопственото време.
Осум години подоцна бил подготвен да го објави делото што денес се смета за негово прво ремек-дело: „Лудилото и цивилизацијата“ (1961)
Вообичаеното гледиште е дека денес лицата со ментални заболувања ги третираме многу похумано отколку во минатото. Ги сместуваме во болници, им даваме лекови и за нив се грижат високообразовани експерти. Токму ова гледиште Фуко сакал да го разурне во „Лудилото и цивилизацијата“. Во книгата тој тврди дека за време на Ренесансата положбата на луѓето со ментални нарушувања всушност била подобра отколку подоцна. Тие не биле сметани за „луди“, туку за различни. Се верувало дека поседуваат посебна мудрост бидејќи ги покажуваат границите на разумот. Во некои средини биле дури и почитувани и можеле слободно да се движат. Но, како што покажале неговите историски истражувања, во средината на 17 век се појавил нов однос кон ментално болните, кој систематски ги медицинализирал и институционализирал. Наместо да живеат покрај другите луѓе, тие биле одделувани од семејствата, затворани во душевни болници и третирани како личности што мора да се „излечат“, наместо едноставно да бидат прифатени како различни.
Истата филозофија лежи во основата на неговата следна значајна книга: „Раѓањето на клиниката“ (1963)
Овојпат неговата цел била медицината во поширок контект. Фуко систематски ја оспорува идејата дека медицината со текот на времето станала похумана. Тој признавал дека денес располагаме со подобри лекови и терапии, но сметал дека во 18 век се појавил професионалниот лекар како нова фигура на моќ, личност која пациентот секогаш го гледа преку она што Фуко го нарекува „медицински поглед“ (medical gaze). Овој поим означува дехуманизирачки пристап во кој пациентот повеќе не е човек, туку збир од органи. Под медицинскиот поглед човекот станува само неисправен бубрег или заболен црн дроб, наместо целосна личност што треба да се сфати во својата целина.
Следното големо дело на Фуко е: „Надзор и казна“ (1975)
Во ова дело тој повторно ја преиспитува модерната државна казнена политика. Вообичаено се смета дека современиот затворски систем е многу похуман од времето кога луѓето биле јавно бесени на градските плоштади. Фуко не се согласувал со тоа. Според него, проблемот е што денешната моќ изгледа благонаклона, но не е таква, додека во минатото нејзината суровост била очигледна и затоа поттикнувала јавен отпор и бунт. Фуко забележува дека во минатото телото на осуденикот за време на јавна егзекуција можело да стане предмет на сочувство и восхит, додека егзекуторот можел да стане симбол на срамот. Јавните егзекуции често доведувале и до немири во поддршка на осудениците. Со појавата на современиот затвор, сè почнало да се случува зад затворени врати, далеку од очите на јавноста. Луѓето повеќе не можеле да ја видат, а со тоа ниту да ѝ се спротивстават на државната моќ. Токму затоа, според Фуко, современиот казнен систем бил уште побрутален и попримитивен.
Последното негово големо дело е: „Историја на сексуалноста“ (1976–1984)
И овде Фуко повторно го применува истиот пристап. Тој се спротивставува на уверувањето дека денес сме целосно ослободени и опуштени кога станува збор за сексуалноста. Напротив, тврди дека уште од 18 век сексуалноста постојано се медицинализира, препуштајќи им се на експерти, истражувачи и научници. Живееме во добата на она што тој го нарече scientia sexualis – „наука за сексуалноста“. Фуко со носталгија се навраќа кон културите на античкиот Рим, Кина и Јапонија, каде што, според него, преовладувала ars erotica („еротска уметност“), чија цел не била да ја анализира и класифицира сексуалноста, туку да го продлабочи уживањето во неа. Уште еднаш, модерноста, според него, погрешно се претставува како напредок, иако всушност донела губење на спонтаноста и имагинацијата.
Последниот том од ова дело Фуко го пишувал додека умирал од СИДА од која заболел во бар во Сан Франциско. Починал во 1984 година, на 58 години. Трајниот придонес на Фуко лежи во начинот на кој нè научи да гледаме на историјата. Постојано ни се кажува дека многу современи институции направиле огромен напредок, а дека минатото било многу полошо, како на пример во образованието, медиумите и комуникациските системи.
Фуко нè повикува да се ослободиме од самозадоволниот оптимизам кон сегашноста и да увидиме дека во минатото постоеле вредности што денес сме ги изгубиле. Тој не сакал да нè претвори во носталгичари. Неговата намера била да ги извлечеме поуките од минатото за да го подобриме сегашниот начин на живот. Професионалните историчари често биле многу критични кон неговите дела. Тие тврделе дека делата содржат историски неточности и постојано укажувале на документи што Фуко не ги протолкувал правилно. Но Фуко не се стремел кон апсолутна историска прецизност. За него историјата била складиште на идеи од кое треба да земаме инспирација, а не музеј што мора беспрекорно да се зачува.
Тој нè охрабрува критички да ги преиспитуваме доминантните идеи и институции на нашето време, истражувајќи ги нивното потекло и историскиот развој. Фуко направи нешто навистина извонредно: повторно ја направи историјата животно важна и филозофски богата. Токму затоа тој и денес може да биде инспирација за нашите сопствени проекти.
Во продолжение погледнете го и видеото:
