Необичната и ексцентрична Мадам де Стал…

Ана Луиз Жермен де Стал, попозната како Мадам де Стал, е извонредно фасцинантна личност чиј интелектуален круг се протегал од дружењето со основачите на САД уште во детството, па сè до нејзината улога во запознавањето на Англија и Франција со германското книжевно движење. Во збирките на Американското филозофско друштво се чуваат неколку материјали што директно се однесуваат на Мадам де Стал, како и повеќе писма поврзани со работата на нејзиниот сопруг како амбасадор, кој заедно со Бенџамин Френклин дејствувал во име на кралот на Шведска за признавање на независноста на САД. Во продолжение прочитајте го одличниот текст објавен на Американското филозофско друштво.

Ана Луиз Жермен Некер, бароница де Стал-Холштајн (позната како Мадам де Стал), околу 1815–1817 година, дело на Жозеф Бутон.
Извор: Royal Collection Trust
/American Philosophical Society

Де Стал е родена во април 1766 година како ќерка на Жак Некер, женевски банкар кој станал генерален директор на државната благајна на Луј XVI, и Сузан Некер (родена Киршо), прочуена домаќинка на интелектуален салон и основачка на болницата за деца „Некер“. Детството и тинејџерските години на Жермен де Стал минале во салонот на нејзината мајка, кој важел за еден од најпрестижните во тоа време. Токму таму таа се запознала со интелектуалци од цела Европа и од американските колонии, меѓу кои бил и Бенџамин Френклин. Нејзината мајка инсистирала на строго образование засновано врз принципите на Жан-Жак Русо, што подоцна силно влијаело врз нејзините книжевни дела и политички убедувања.

Кога имала 20 години, де Стал се омажила за баронот Ерик Магнус Стал фон Холштајн, шведски амбасадор во Франција. Благодарение на неговиот дипломатски статус, таа добила заштита што ѝ овозможила да организира сопствени интелектуални салони во периодот на општествените превирања што го придружувале избувнувањето на Француската револуција. На овие собири присуствувале Томас Џеферсон (член на Американското филозофско друштво од 1780 година) и Гувернер Морис, како и француски политичари како Талеран и Антоан Барнав.

Бракот, сепак, не бил исполнет со љубов, па Мадам де Стал имала и љубовни врски надвор од него. Баронот де Стал починал во 1802 година. Во 1816 година таа се омажила за Албер Жан Мишел де Рока, откако во 1812 година му го родила синот. Воедно, долги години била во врска со Бенжамен Констан, а се сметало дека нивната врска резултирала со раѓањето на нејзината ќерка Албертина (1797–1838).

По избувнувањето на Владеењето на теророт во 1792 година, кога првиот ден од Септемвриските масакри била изведена пред Максимилијан Робеспјер, де Стал била изведена од Париз и побегнала во домот на своите родители во Копе, Швајцарија. Таму, како и во Џунипер Хол во Англија, каде што четири месеци била дел од француската емигрантска заедница пред повторно да се врати во Швајцарија, продолжила да пишува и да се дружи со интелектуалци и политичари. До 1797 година повторно се вратила во Париз и го обновила својот салон.

Преку пријателството со Талеран, де Стал се запознала со Наполеон Бонапарта. Нивниот однос бил обележан со постојано непријателство. Таа сметала дека Франција треба да стане уставна монархија по примерот на Англија. Воедно, ги препознала амбициите и односот на Наполеон како тиранични и верувала дека тој бил непријателски настроен кон жените кои учествувале во јавниот интелектуален живот – особено кон оние што се спротивставувале на неговиот Континентален систем. На крајот, тоа довело до тоа Наполеон во 1803 година да ја протера од Париз и околината на период од десет години. Таа и нејзиното семејство отпатувале од Франција во Германија, а по смртта на нејзиниот татко во 1804 година повторно се населиле во Копе.

Приказ на средбата меѓу Мадам де Стал и Наполеон, од „Mémorial de Sainte-Hélène. Suivi de Napoléon dans l’exil“, 1842 година.
Извор: Национална библиотека на Франција/American Philosophical Society.

Жилиет Рекамје, уште една прочуена домаќинка на интелектуален салон и критичарка на Наполеон, била една од најблиските пријателки на де Стал. Таа престојувала кај неа во Копе додека се обидувала да се разведе од својот сопруг. Наполеон и неа ја протерал токму во периодот кога патувала кон домот на својата пријателка.

На веста за сопственото прогонство, Мадам де Стал наводно му рекла на Бонапарта:

„Ми подарувате сурова слава; ќе заземам една страница во вашата историја.“

До 1814 година, де Стал живеела во Швајцарија и Франција, а патувала и низ Источна Европа. За време на посетата на Лондон во 1814 година се запознала со англискиот аболиционист Вилијам Вилберфорс, по што до крајот на животот станала активна поборничка за укинување на ропството.

Починала на 14 јули 1817 година, оставајќи зад себе богато книжевно наследство, меѓу кое се издвојуваат бестселерот „Делфина“ (1812) и капиталното книжевно дело „За Германија“ од 1813 година, кое го претставило германскиот романтизам пред остатокот од Европа.

Меѓу материјалите што се чуваат во Американското филозофско друштво има и писмо од Мадам де Стал до државникот Бенџамин Вон, кој се населил во сојузната држава Мејн откако во 1794 година избегал од Британија поради обвинувања за предавство и заговор за француска инвазија. Вон го бранел ропството како дел од културата на Западните Инди, бидејќи богатството на неговото семејство потекнувало од поседување поробени луѓе и плантажи на Јамајка. Неговата подоцнежна поддршка за аболиционизмот повеќе била мотивирана од желбата да се смири поробеното население и да се избегне сценарио слично на Хаитиската револуција.

Писмото започнува со зборовите:

„Постои еден народ кој еден ден ќе стане навистина голем; мислам на Американците. Само една дамка го нарушува совршениот сјај на разумот што ја возвишува таа земја – ропството сè уште постои во јужните покраини. Но кога Конгресот ќе најде лек за тоа зло, како би можеле да им го одбиеме нашето најдлабоко почитување на институциите на Соединетите Американски Држави?“

Потоа таа ги осудува Британците поради палењето на „мирните градби, посветени на народното претставништво, на јавното образование и на развојот на уметностите и науките“ во Вашингтон, што укажува дека писмото најверојатно било напишано во есента или зимата на 1814 година.

Извор: Мелани Рајнхарт, American Philosophical Society (APS Library)

Leave a comment