Што читаше Кафе и книги во септември?

Септември беше малку хаотичен месец за блогот, па така за жал и немав многу време (како обично за читање). Сепак, не може да се случи да не се дружам со книгите, па така денес на блогот можете да ја прочитате листата со препораки за читање од книгите што ги прочитав во септември.

„Книга на песните“ – Хајнрих Хајне

Издавачка куќа: МАГОР
Оцена: 5/5
Осврт
: „Книга на песните“ е најпознатата збирка поезија на германскиот романтичар Хајнрих Хајне, за првпат објавена во 1827 година. Јас не бев многу запознаета со неговото творештво, освен со негова позната изрека „Онаму каде што палат книги, ќе палат и луѓе“, и отсекогаш посакував да прочитам нешто повеќе, па сосема случајно го најдов ова издание на Саем на книга и веднаш решив да го додадам во мојата домашна библиотека.

Есен е прекрасно време за читање поезија, па затоа и топло ви ја препорачувам оваа стихозбирка која навлегува во различни животни теми, а и самиот препев е одличен. Збирката е поделена на неколку делови и секој од нив се фокусира на различни теми: младоста, невозвратената љубов.

Стиховите се едноставни и директни и ме потсетија по којзнае кој пат дека поезијата може да биде едноставна, без многу накитувања и украсувања, а сепак директно да погоди во центарот. Темите се едноставно, но многу универзални и секој може да се поврзе со она што е искажано. Топла препорака, дефинитивно најдобрата книга што ја прочитав месецов!

„Лето во Тоскана“ – Лори Нелсон

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Доколку ја сакате Италија и доколку сакате семејни приказни и драми, ова е одлична книга за вас. Приказната започнува со приказната на Емилија која работи во пекарницата на нејзиното семејство, но честопати е игнорирана и ставана во втор план, особено бидејќи е „втората ќерка“. Така дознаваме дека семејството Фонтана со векови е „прогонувано“ од проклетството според кое ниту една второродена ќерка нема да се омажи и да најде љубов.

Емилија не обрнува многу внимание на тоа, но кога добива покана од нејзината баба, т.е сестрата на нејзината родена баба, која со години е отуѓена од семејството, со неа да отпатува во Италија за да ја скршат клетвата, Емилија решава за првпат во животот да направи нешто непромислено. Емилија и нејзината братучетка Лучана се качуваат на авион со Полина и иако се полни со сомнеж и скептицизам, сепак, дознавајќи за минатото на Полина и шетајќи низ прекрасните предели на Италија, тие дознаваат многу работи за семејството, за нивните односи, за мајката на Емилија, но учат и за себеси и пронаоѓаат нешто во себе за што не ни знаеле дека постои.

Интересна приказна, интересни ликови. Делови од крајот се малку неуверливи, затоа и ја намалив оценката, но доколку сакате ваков тип на приказни, дефинитивно ќе уживате.

„Одбраната на Лужин“ – Владимир Набоков

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 3/5
Осврт:
Владимир Набоков е еден од најпознатите руско-американски писатели кој дефинитивно е најпознат по неговото дело „Лолита“, но неговата проза и творештво има прилично голем опсег. „Одбраната на Лужин“ е интересно и многу специфично дело, кое особено ќе им се допадне на љубителите на шахот.

Лужин е шаховски генијалец. Уште од многу млади години се заљубува во шахот и се чини како тоа да е единствената негова судбина. Тој станува светски познат како „чудото од дете“ и шахот станува дел од неговото битие, до тој степен што шахот презема контрола врз целиот негов живот, туркајќи го и кон она што може да се нарече опсесија. Лужин е опседнат со тоа да го победи неговиот шаховски ривал што не успеал да го победи досега и тоа го води кон некои неверојатни состојби.

Иако е многу специфичен, тој сепак се поврзува со една жена која е помлада од него и која решава да се омажи за него иако сите се против тоа, особено нејзината мајка, која смета дека Лужин е чуден и непријатен. Но, таа стои цврсто до Лужин и се труди да му го олесни животот колку што може повеќе, иако и самата е свесна дека шахот е неразделен дел од Лужин и многу малку работи можат да добијат место во неговиот живот.

Прозата е одлична, тука повторно на површина излегува мајсторството на перото на Набоков, иако Лужин е лик што на многумина може да им биде напорен и на моменти да им биде тешко да го следат низ приказната која нема некој класичен заплет.

„Скок во забранети води“ – Али Хејзелвуд

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 3/5
Осврт:
Али Хејзелвуд ми е една од омилените писателки на романтични комедии бидејќи секогаш во нив вклучува хумор, интересна динамика и интересни ликови. Имајќи го предвид нејзиното претходно искуство, ликовите се секогаш на некој начин поврзани со наука, па тоа ја прави да биде уникатна во својот пристап. Затоа бев многу среќна кога дознав дека ќе добиеме уште едно издание на македонски јазик и веднаш земав да ја прочитам.

Приказната се фокусира на Скарлет Вандермир, студентка на Стенфорд и натпреварувачка во скокови во вода, која планира да се запише на медицински факултет и се чини дека работите ѝ се сосема испланирани. Таа е срамежлива и интеровертна, но истовремено чува тајна што малкумина ја знаат. По повредата на рамото при еден скок, таа се труди да се врати назад во форма, а истовремено патиштата ѝ се испреплетуваат со Лукас Бломквист – капитен на пливачкиот тим, еден од најпопуларните студенти и (поранешно) момче на една од девојките од нејзиниот пливачки тим. Излегува дека тие двајцата имаат заеднички теми и интереси и навлегуваат во територија од која нема назад.

За жал, иако ја запознав со голем ентузијазам, сепак мислам дека оваа книга на Хејзелвуд не може да се спореди со нејзините останати хитови како „Љубов, теоретски“, „Љубовни неврони“ и „Љубовна хипотеза“, книги кои многу ми се допаднаа. Самата приказна и ликови некако не ми легнаа, а и дел од опишаните теми едноставно не ми се дел од интересите. Сепак, доколку сакате романтични комедии, дајте и шанса. Имајте предвид дека има малку повозрасни теми во книгата и не е соодветна за лица помлади од 18 години.

Leave a comment