Поранешниот американски претседател Барак Обама е познат како голем љубител на книгите и посветен и страстен читател. Во голем дел од неговите интервјуа и објави, тој зборува за книги и автори, па така тој неговата страст ќе ја преточи во подкаст. Деновиве излезе соопштение за јавност во кое се најавува новиот книжевен подкаст во кој Обама ќе зборува за книгите што оставиле трајна трага врз него и го обликувале неговиот поглед на светот. Подкастот, насловен како „Одлична книга со Барак Обама“ (A Great Book with Barack Obama), ќе започне на 24 септември 2026 година на платформата Audible, а е создаден во соработка со продукциската компанија на Барак и Мишел Обама, „Higher Ground“.

(извор: Audible)
Серијалот ќе има шест епизоди, а секоја од нив ќе биде посветена на една книга што имала особено значење за Обама. Во разговор со гости, чии имиња допрва ќе бидат објавени, тој ќе истражува како овие дела влијаеле врз неговото размислување за семејството, верата, расата, политиката и Америка.
Во соопштението, Обама вели:
„Добрите книги отсекогаш ми помагале да откријам кој сум и во што верувам. Шесте книги претставени во овој серијал ме следат во текот на целиот мој живот, а секоја од нив има нешто да нè научи за човечкото искуство. За овој подкаст поканив неколку пријатели заедно да истражиме зошто овие книги толку силно одекнуваат во нас, како можат да го обликуваат нашето разбирање за самите себе и за другите и зошто книжевноста денес е поважна од кога било. Се надевам дека слушателите ќе бидат поттикнати да откријат, или одново да откријат, книги што ќе го променат начинот на кој се гледаат себеси и светот.“
Шесте книги што ги избра Обама
Меѓу делата за кои ќе се разговара во подкастот се најдоа некои од најзначајните романи и есеи на 20 век:
„Идниот пат оган“ – Џејмс Болдвин
Објавена во 1963 година, книгата содржи два есеи во кои Болдвин пишува за расизмот, религијата и расните односи во САД. Денес се смета за едно од неговите највлијателни дела и за еден од клучните текстови за разбирање на американското општество во времето на движењето за граѓански права.
„Песната на Соломон“ – Тони Морисон
Романот од 1977 година ја следи потрагата на Мејкон „Милкмен“ Дед по сопственото семејно минато. Преку неговата приказна, Морисон ги истражува наследството, идентитетот, семејството и афроамериканското историско искуство. Ова е и едно од делата со кои Морисон го зацврсти своето место меѓу најважните американски писатели на 20 век.
„Сите убави коњи“ – Кормак Макарти
Првиот дел од т.н. „Гранична трилогија“ на Макарти, објавен во 1992 година, е приказна за младиот Џон Грејди Кол, кој заминува од Тексас кон Мексико во потрага по еден свет што веќе исчезнува. Романот ги спојува темите за слободата, насилството, љубовта и созревањето.
„Галад“ – Мерилин Робинсон
Добитник на Пулицеровата награда за фикција во 2005 година, романот е напишан како долго писмо на остарениот свештеник Џон Ејмс до неговиот мал син. Тоа е тивка и длабоко интимна книга за верата, смртноста, семејството, простувањето и смислата на секојдневниот живот.
„Сите луѓе на кралот“ – Роберт Пен Ворен
Политичкиот роман од 1946 година, добитник на Пулицеровата награда, ја раскажува приказната за подемот и падот на харизматичниот политичар Вили Старк. Инспириран делумно од политичката кариера на Хјуи Лонг, романот поставува прашања за моќта, идеализмот, корупцијата и моралните компромиси во политиката.
„Крпач, кројач, војник, шпион“ – Џон ле Каре
Еден од најпознатите шпионски романи на Ле Каре, објавен во 1974 година, го следи Џорџ Смајли во неговата потрага по советски двоен агент во врвот на британската разузнавачка служба. Зад шпионскиот заплет се крие мрачно истражување на лојалноста, предавството и политичките и личните идеали.
Обама како читател
Изборот на книжевниот подкаст не е сосема неочекуван. Обама со години јавно зборува за својата љубов кон книгите и редовно ги објавува своите летни и годишни листи со препораки за читање, кои привлекуваат големо внимание кај читателите и издавачите, а некои од нив беа објавени и на блогот (види: тука, тука и тука). Овојпат, наместо да препорачува претежно нови наслови, тој се навраќа на книги што го придружувале во различни периоди од животот и, како што вели, му помогнале да разбере кој е и во што верува. Со овој подкаст, според соопштението, Обама сака да потсети и на нешто што во времето на кратките дигитални содржини лесно се губи – способноста на една книга да остане со читателот со години и да го промени начинот на кој размислува за себеси и за светот.
Извор: Audible / Higher Ground.
