Легендарната љубовна приказна на Оноре де Балзак и неговата анонимна критичарка…

Во март 1832 година, францускиот писател Оноре де Балзак добил писмо на својата адреса во Париз. Поштенскиот печат бил од Одеса, Украина, но на писмото немало адреса на испраќачот. Се разбира, го отворил, а внатре нашол критика за својот најнов роман, „Шагринска кожа“. За жал, ова писмо исчезнало со текот на времето, „што е дотолку пожално“, пишува биографот на Балзак, Греам Роб, „бидејќи тоа без сомнение е најважното писмо што Балзак некогаш го добил“.

Сепак, од одговорот што Балзак подоцна го испратил може да се заклучи дека во писмото биле остро критикувани „цинизмот и атеизмот“ во неговиот последен роман, како и начинот на кој ги претставувал жените, кои биле „прикажани како злобни чудовишта“. Авторката на писмото го повикувала да се врати кон повозвишените идеи од „Сцени од приватниот живот“, со нивните „ангелски жртви“. Писмото било потпишано едноставно со „L’Étrangère“, т.е „Туѓинката“.

Трогнат, заинтригиран и импресиониран, а како што забележува Роб, Балзак бил и мошне чувствителен на какви било обвинувања за нерелигиозност, писателот објавил мал оглас во весникот „Газет де Франс“ (Gazette de France), надевајќи се дека пораката некако ќе стигне до неговата анонимна критичарка. Во изданието од 4 април истата година се појавила неговата загадочна порака:

„Г. де Б. го прими писмото што му беше испратено на 28 февруари. Жали што му беше оневозможено да одговори и, иако неговите желби не се од таква природа што би можеле да бидат објавени овде, се надева дека барем неговото молчење ќе биде разбрано.“

Не е познато дали авторката на писмото некогаш ја видела оваа порака, но таа повторно му пишала на Балзак. Нејзиното име било Евелина Хањска – полска грофица, мажена за многу постар маж и голема почитувачка на делата на Балзак. Потекнувала од семејство со силна наклонетост кон книжевноста; нејзината сестра Каролина, впрочем, била љубовница на Пушкин, а и самата Евелина била страсна читателка на Балзак. Особено ѝ се допаѓал начинот на кој тој ги прикажувал жените – сè до „Шагринска кожа“. Но, како образована благородничка, решила дека може нешто да преземе во врска со тоа и така станала Туѓинката.

Туѓинката повторно му пишала на Балзак во мај, а потоа уште неколкупати во текот на истата година. Госпоѓа Хањска организирала приватен курир за да можат директно да си испраќаат писма, но Балзак истовремено бил принуден да пишува и lettres ostensibles, односно „писма за показ“, кои требало да создадат впечаток дека таа всушност се допишува со семеен пријател. Уште од самиот почеток од нивната преписка, Балзак бил маѓепсан од неа. Почнал да фантазира за таа таинствена принцеза. Ѝ напишал дека галопира низ просторот и лета кон таа непозната земја „во која живеете Вие, туѓинке, единствената припадничка на својот род…“

„Ве замислував како една од оние неизбежно несреќни останки на еден народ што бил разбиен и расеан по целиот свет, можеби прогонет од небото, но чии припадници имаат свој јазик и чувства својствени само за нивниот род и поинакви од оние на другите луѓе.“

Таа му возвратила во сличен дух:

„Вашата душа опфаќа векови, господине; Вашите филозофски идеи изгледаат како плод на долгогодишно проучување, созреано со времето; а сепак ми велат дека сè уште сте млад. Би сакала да Ве запознаам, но чувствувам дека и нема потреба од тоа. Ве познавам преку сопствениот духовен инстинкт; Ве замислувам на свој начин и чувствувам дека, кога би Ве здогледала, би извикала: ‘Тоа е тој!’ Вашата надворешност веројатно не ја открива Вашата блескава фантазија; потребно е нешто да Ве возбуди, да се разгори светиот оган на генијот, за да се покажете онаков каков што навистина сте. А Вие сте токму онаков каков што чувствувам дека сте – човек кој ги надминува другите во познавањето на човечкото срце.“

Продолжиле да разменуваат љубовни писма, без воопшто да се сретнат. Постепено дознавале сè повеќе еден за друг и, иако таа долго време тврдела дека никогаш нема да се сретнат, кога во септември следната година пристигнала во Франција заедно со сопругот, сепак не можела да одолее. Договориле средба во Безансон, на шеталиште со поглед кон езеро. Ниту еден од нив не бил разочаран. Според Греам Роб, Балзак подоцна велел дека „се родил во септември 1833 година“, а за љубовта кон Хањска напишал:

„Сите мои други страсти беа само капар за оваа.“

Нивната љубовна врска продолжила, главно од далечина, сè до смртта на сопругот на госпоѓа Хањска во 1841 година. Но, дури ни тогаш работите не биле едноставни. Конечно, на 14 март 1850 година, по речиси две децении преписка, исчекување и пречки, тие се венчале. Нивната брачна среќа, сепак, траела кратко – Балзак починал во август истата година.

Извор: The Literary Hub

Leave a comment