Што читаше Кафе и книги во август?

Дојде септември, еве го на нашиот праг. За некои ова значи враќање во училишните клупи, за некои враќање од летната магија и враќање на секојдневните обврски. Но, есента значи и бавна транзиција кон прекрасните есенски денови кои се магични за читање. Па како и секој месец, прочитајте ги стандардните препораки со најдобрите книги што ги прочитав изминатиот месец.

Вегетаријанка“ – Хан Канг

Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 4.5/5
Осврт
: Хан Канг е авторка од Јужна Кореја, која ја доби Нобеловата награда за книжевност во 2024 година и со тоа стана првата писателка од Јужна Кореја која ја добила оваа престижна награда. Не бев многу запознаета со нејзиното творештво, па затоа кога дознав дека е преведена и на македонски јазик, веднаш решив да се запознаам со нејзиното творештво. „Вегетеријанка“ е неверојатна приказна, прекрасно напишана, прозата е извонредна. Се работи за едно необично и луцидно дело, кое се фокусира на навидум обичната и „досадна“ Јонг-хе, која целиот живот го живее според правилата и нормите и еден ден, откако сонува еден чуден сон, решава да престане да јаде месо и храна од животинско потекло.

Приказната е раскажана од три различни агли и е поделена на три главни делови раскажани од различни ликови: сопругот на Јонг-хе, нејзиниот зет (сопругот на нејзината сестра) и нејзината сестра. Откако го исфрла целото месо од куќата, нејзиниот сопруг, кој и самиот вели дека не е нешто посебно призврзан за неа, почнува да се плаши од нејзиното однесување и го известува нејзиното семејство кое решава да примени радикални чекори за да ја натераат да јаде месо.

Приказната е неверојатно раскажана, малку луцидна, малку надреална, човек има чувство како самиот да е во сон додека ја чита приказната, а она што е многу интересно е што секој ја раскажува приказната на Јонг-хе од нивна перспектива, но Јонг-хе никогаш самата не ја изнесува својата приказна, освен преку она што нам ни го кажуваат другите ликови во дијалозите со неа. Многу интересна приказна, се издвојува од останатите што ги читав и долго откако ја прочитав размислував за неа.

Неверојатно бистри суштества“ – Шелби ван Пелт

Издавачка куќа: БАТА ПРЕС
Оцена: 4.5/5
Осврт:
Доколку сакате убави и пријатни приказни, кои ќе ве разнежнат, а на моменти и трогнат, ова е полн погодок за вас. Приказната ја следи Това, вдовица која работи во локалниот аквариум како хигиеничарка. Таа живее повлечен живот, а нејзиниот живот е полн со трагедии откако нејзиниот син трагично загинал во бродска несреќа. Таа таму се спријателува со локалниот октопод од аквариумот Марселус и постојано си разговара со него иако не знае дека тој може да ја чуе и всушност ја разбира што кажува. Од друга страна, во градот се појавува Камерон, млад дечко, кој е изгубен во животот, кој пораснал со неговата тетка откако неговата мајка го напуштила. Тој доаѓа во малиот град да го пронајде својот татко. Откако Това ја повредува ногата, Камерон ја заменува во аквариумот и тие создаваат една неверојатна искрена врска.

Истовремено, ние ја гледаме и страната на октоподот Марселус, кој во голем дел е и наратор на приказната и кој веќе е стар и се приближува до крајот на неговиот живот. Оваа приказна неверојатно ми остави впечаток, иако ликовите се соочуваат со тешкотии, се потсетуваат и тие, а и ние како читатели, дека луѓето се она што ни е потребно, дека човек не може да заборави што му се случило, но може да создаде и изгради силни врски и дека поддршката и заедницата што ја создаваме е неверојатно важна. Дефинитивно ви ја препорачувам оваа книга, а откако ќе ја прочитате, погледнете го и одличниот филм направен според книгата кој веќе го препорачав на блогот.

Танцот на среќните сенки“ – Алис Манро

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 4/5
Осврт
: Ми тргна месецов да се дружам со добитници на Нобеловата награда за книжевност и уживав во тоа. Алис Манро е канадска писателка која ја доби Нобеловата награда за книжевност во 2013 година, а ова издание беше еден од моите Саемски улови.

Се работи за нејзината прва збирка раскази кои тематски се фокусирани на животот во рурално Онтарио, во некои минати времиња, од младоста на Манро. Често ја гледаме неа како центар на приказните, нејзините сомнежи и доживувања, она што таа го забележувала и гледала околу себе. Приказните се прекрасно напишани, безмалку делуваат како некоја нишка која се надоврзува сама на себе, како разбранувани дрвја кои малку по малку откриваат дел од целокупниот пејсаж кој Монро го создава.

Приказните се вртат околу секојдневниот живот во рурално Онтарио, но токму таа секојдневност е најмоќна, преку истражувањето на секојдневниот живот Манро, но и ние како читатели откриваме многу за родовите улоги, за местото на поединецот, за стравовите, за невиноста на детските очи и како истата лесно се губи. Одлична збирка раскази, освен збирките на Господинов, не се сеќавам збирка раскази толку да ми остави впечаток.

Нештата што ги криеме од светлината“ – Луси Скор

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт:
Ова е вториот дел од книжевниот серијал за малиот град Нокмаут. За првиот дел веќе пишував на блогот, а во вториот дел ја дознаваме приказната за братот на Нокс – Неш, шерифот во Нокмаут, кој се справува со последиците од она што му се случи во првата книга. Тој поминува низ некаков вид депресија и анксиозност и токму тогаш до него се вселува Лина Солавита – темпераментната и живописна пријателка на Нокс, со која се запознавме во првиот дел. Уште од речиси првиот момент се појавуваат искри помеѓу нив, а се чини дека таа знае како да му помогне да се справи со неговите панични напади.

Но, од друга страна, Неш е човек што сака да создаде семејство, а Лина не се врзува со никого. Како би можело да функционира тоа? Покрај тоа, никој не знае што работи Лина и очигледно е дека и таа има свои тајни што се закануваат да ѝ ја уништат блискоста со Неш. Покрај тоа, тука се враќаат и останатите ликови од Нокмаут, па тоа ја прави книгата уште позабавна.

Мене лично овој дел повеќе ми се допадна од првиот дел, бидејќи Неш е многу поинтересен лик од Нокс, а неговите страдања се вистински и реални, a односот меѓу него и Лина е многу интересен. А, иако Лина изгледа диво и недостапно, како што ја дознаваме нејзината приказна, сфаќаме што се крие зад сите тие ѕидови.

Оваа книга ме натера да помислам на тебе“ – Либи Пејџ

Издавачка куќа: САКАМ КНИГА
Оцена: 3/5
Осврт:
Ова е добра книга за сите љубители на книги, бидејќи целата премиса е заснована на книги и љубовта кон книгите. Матилда Најтингејл, или нагалено Тили, отсекогаш била интровертен книжевен молец или книжевно глувче. Таа дури и работи како уредник во издавачка куќа и уредува биографии на познати личности и целиот живот ѝ се врти околу книгите. И љубовта кон нејзиниот сопруг, Џо. Но, Џо добива тешка дијагноза и починува кратко по нивната венчавка и таа едноставно не може да се справи со тоа. Престанува да чита и ја губи нејзината радост и ентузијазам.

Еден ден, добива еден чуден повик од една мала книжарница од нивното маало, а сопственикот и кажува дека Џо ѝ оставил подарок. Таа дознава дека Џо, пред да почине, направил договор со сопственикот на книжарницата, да пакува и секој месец да ѝ дава на Тили по една книга која е придружена со писмо од Џо. Најпрво таа не сака да се справува со тоа, бидејќи ѝ е премногу болно, но потоа се препушта на авантурата и во целиот тој процес одново ја наоѓа љубовта кон читањето, но и одново почнува се пронаоѓа себеси.

Книга за тагата, жалењето, љубовта кон книгите и пријателствата. Покрај тоа, целата книга изобилува со референци за читање и книги. На моменти малку ми делуваше празна, некако самиот стил на пишување е малку површен и мислам дека самата премиса има многу поголем потенцијал, но вреди да се прочита. Особено ќе им се допадне на оние што ја сакаат книгата „П.С. Те сакам“, бидејќи има многу слични паралели.

Leave a comment