Поголемиот дел од луѓето веќе се вратија од летните одмори, но се чини дека летните жештини сепак некако ги држат луѓето дома. Додека чекаме да попуштат жештините, покрај книгите, секогаш можете да се опуштите и со некоја серија или филм. Денес на блогот прочитајте три предлози за интересни серии од три различни жанрови кои ќе ви понудат забава, а некои од нив можеби и ќе ве поттикнат и на дискусија и размислување.
Ќе те најдам (I Will Find You, 2026)

Каде можете да ја гледате: НЕТФЛИКС
Опис: Доколку сте љубители на трилери и крими-приказни со многу пресврти, ова е одлична серија за вас. Писателот Харлан Кобен е еден од најпознатите писатели на трилери и пред некое време започна соработка со Нетфликс за екранизација на неговите книги, па ова е еден производ на нивната соработка. Приказната се фокусира на Дејвид Буроуз кој веќе пет години е во затвор за убиството на неговиот син. Тој тврди дека е невин, но е правосилно осуден и се чини дека веќе се помирил со својата судбина. Неговата сопруга се развела од него и се премажила, а тој одбива каква било посета од неговите родители. Сето тоа се менува кога во затворот доаѓа Рејчел Милс, сестрата на неговата поранешна сопруга, која му покажува слика на која се гледа едно дете кое многу личи на неговиот син. Она што ги подгрева неговите надежи е белегот на неговиот образ кој е многу специфичен. Истовремено чудни работи почнуваат да се случуваат во затворот и се чини дека некој сака да го види мртов.
Тој успева да избега од затворот и решава да го пронајде својот син или да ги пронајде одговорите, макар и завршил мртов. Нему му се придружува и Рејчел Милс која исто така е решена да го најде нејзиниот внук. Неверојатно заразна серија, доколку сакате трилери, нема да можете да се одлепите од екранот и постојано ќе се прашувате што ќе се случи следно. Одлична актерска екипа и неверојатно сценарио, на моменти секако малку премногу филмско, но навистина уживав во секоја епизода.
Надвор од кампусот (Off Campus, 2026 -)

Каде можете да ја гледате: AMAZON PRIME VIDEO
Опис: Доколку сакате љубовни романи и љубовни приказни, ова е одлична серија за вас. За разлика од многуте серии од овој тип што излегоа во минатото, ова е приказна со одлични актери, одлична глума и со неверојатна убава енергија што дефинитивно ќе ве расположи, насмее и разнежни, особено ако сте романтични души. Се работи за екранизацијата на популарниот книжевен серијал „Надвор од кампусот“ на Ел Кенеди, а оваа прва сезона се фокусира на првата книга од серијалот, насловена како „Договорот“, книга која всушност и веќе беше препорачана на блогот.
Приказната се фокусира на Греам и Хана, двајца студенти кои не можат да бидат поразлични. Хана е срамежлива и интровертна, која сонува да изгради музичка кариера и има симпатии кон еден музичар кој свири во кафулето во кое работи, а Греам е суперѕвезда, популарно момче и најперспективниот хокеар на универзумот. Тие воопшто не се ни движат во исти кругови, но кога Греам никако не може да положи еден предмет, тој ѝ предложува договор на Хана. Таа ќе му помогне да го положи предметот, а за возврат тој ќе ѝ помогне да биде посамоуверена и да го освои дечкото што ѝ се допаѓа. Симпатична приказна, одлична хемија меѓу актерите, но и начинот на кој се развива целата приказна. Освен тоа, и споредните ликови се одлично развиени, па додека гледате ќе се приврзете и за нив, а се надеваме дека втората сезона ќе излезе наскоро и ќе ги видиме приказните и на останатите ликови од друштвото.
Лице од интерес (Person of Interest, 2011 – 2016)

Каде може да ја гледате: НЕТФЛИКС
Опис: „Лице од интерес“ е постара серија и можеби голем дел од вас веќе ја гледале, но во годините кога се даваше некако не ми кликна и дури сега кога ја видов на Нетфликс решив да ѝ дадам шанса и дефинитивно не се разочарав. Доколку сакате возбудливи криминалистички приказни и акциони филмови/серии, ова е одлична серија за вас. Приказната ни го претставува Џон Рис, кој на почетокот се чини дека е бездомник и без некаква цел во животот. Но сето тоа се менува одеднаш му приоаѓа мистериозниот милијардер и, како што ќе се покаже, компјутерски гениј Харолд Финч, кој создава напреден систем за вештачка интелигенција способен да предвиди кои луѓе наскоро ќе бидат вмешани во насилно злосторство, но не знае дали тие ќе бидат жртва или извршители на злосторството. Финч е решен да ги спречи злосторствата и затоа сака да го ангажира Џон, кој е поранешен војник и агент на ЦИА, кој по одредени трауматични настани, речиси едвај постои.
Па така, тие создаваат едно необично партнерство и откако ќе го дознаат „лицето од интерес“, се обидуваат да го спречат злосторството и да спасат што е можно повеќе животи. Со текот на времето, на еден или друг начин, им се придружуваат и други ликови, работејќи за општиот интерес. Она што ми остави особен впечаток додека ја гледав серијата е тоа што иако завршила пред десетина години, таа е неверојатно релевантна со оглед на темите што ги истражува: масовниот надзор, моќта на вештачката интелигенција и опасностите од тоа кој ја контролира. Што кога напредните технологии паѓаат во раце на луѓе што сакаат да ги злоупотребат? Дали има позитивни страни од тоа што постојано сме надгледувани и снимани во секој момент од нашите животи? Самата серија жанровски е сместена некаде помеѓу научна фантастика и криминалистички трилер, но во неа има многу филозофија, одлично сценарио и неверојатна глума. Дури се чини во многу аспекти била и многу пред времето кога била снимана и емитувана и делува неверојатно свежо и речиси воопшто не е застарена.
