Од чија перспектива ја читаме приказната?

Перспективата преку која читаме една приказна може целосно да го промени начинот на кој ја доживуваме. Прво, второ или трето лице – секој избор му дава различна блискост на читателот со ликовите, но истовремено носи и свои можности и ограничувања. Во оваа кратка лекција на TED-Ed, преку примери од Вирџинија Вулф, Ралф Елисон, Итало Калвино, Казуо Ишигуро и Џастин Торес, се објаснува како функционираат различните гледни точки во книжевното раскажување и како една иста приказна може сосема да се преобрази во зависност од тоа кој ја раскажува.

Извор: Ben White за Unsplash

„Јас сум невидлив човек.“

„Госпоѓа Даловеј рече дека самата ќе ги купи цвеќињата.“

„Штотуку почнувате да го читате новиот роман на Итало Калвино.“

Овие три почетни реченици, од „Невидливиот човек“ на Ралф Елисон, „Госпоѓа Даловеј“ на Вирџинија Вулф и „Ако една зимска ноќ некој патник“ на Итало Калвино, воспоставуваат три различни гледни точки. Кој ја раскажува приказната и од чија перспектива се едни од најважните одлуки што ги носи еден автор. Раскажана од поинаква гледна точка, една приказна може целосно да се преобрази.

Да ја земеме, на пример, оваа бајка:

„Златокоса, Златокоса“, извика принцот, „спушти ја косата.“ Златокоса ја расплете косата и ја спушти низ прозорецот. Принцот се искачи по нејзините долги прамени до кулата.

„Златокоса“ обично се раскажува на овој начин, со раскажувач кој се наоѓа надвор од приказната. Оваа гледна точка се нарекува раскажување во трето лице.

Но „Златокоса“ може да ја раскажува и некој од ликовите во приказната – раскажувач во прво лице:

„Крајот од долгата коса на Златокоса тупна пред моите нозе. Се фатив за неа и почнав да се искачувам… Уф! Не можев да се отплеткам. Прамени коса ми се лепеа насекаде по телото, залепени за мојата испотена кожа.“

Во раскажувањето во прво лице, приказната може драматично да се промени во зависност од тоа кој лик е раскажувачот. Да речеме дека наместо принцот, раскажува Златокоса:

„Се надевам дека сфаќа колку време е потребно за да се расплетат седум и пол метри коса“, си помислив.
АУЧ! Ќе бидам искрена – мислев дека скалпот ќе ми се одвои од черепот. „Можеш ли да се качуваш малку побрзо?“, извикав.

Во второ лице, раскажувачот му се обраќа директно на читателот:

Тој го повикува твоето име. Сака да ја спуштиш косата. Само што заврши со плетењето, ама што да се прави – и онака не ти доаѓаат многу посетители.

Перспективите во трето, прво и второ лице имаат свои посебни можности и ограничувања.

Па, како да изберете гледна точка за својата приказна?

Ограничувањата не мора нужно да бидат нешто лошо – тие можат да помогнат приказната да биде пофокусирана или да истакнат одредени нејзини елементи. На пример, раскажувачот во трето лице нужно е малку оддалечен од ликовите. Но тоа може да биде предност во приказни во кои чувството на дистанца е важно. Раскажувачот во трето лице може да има ограничена перспектива, што значи дека останува близок до мислите и чувствата на еден лик, или може да биде сезнаечки, односно да се движи од умот на еден лик во умот на друг и на читателот да му открива повеќе информации.

Приказната раскажана во прво лице создава блискост меѓу читателот и раскажувачот. Но истовремено е ограничена од она што го знае самиот раскажувач. Тоа може да создаде неизвесност, бидејќи читателот ги дознава информациите истовремено со ликот. Раскажувачот во прво лице не мора нужно верно да го претставува сопственото искуство – тој може да биде заблуден или неискрен.

Во романот „На крајот од денот“ на Казуо Ишигуро, Стивенс, остарен британски батлер во 1956 година, се присетува на долгите години поминати во служба, но не успева да ги признае недостатоците на човекот кому му служи. Пукнатините во неговото раскажување на крајот го насочуваат вниманието на читателот кон недоволно признаените слабости на културата и класниот систем во кои тој живее.

Романот „Ние, животните“ на Џастин Торес започнува со раскажувач во прво лице множина:

„Бевме шест раце што грабаат, шест нозе што тропаат; бевме браќа, момчиња, три мали кралеви вплеткани во борба за повеќе.“

Некаде на средината од приказната, гледната точка се менува во прво лице еднина, од „ние“ преминува во „јас“, додека момчињата растат и еден од браќата почнува да се чувствува отуѓено од другите.

Второто лице е поредок избор. Тоа бара од писателот да го наведе читателот привремено да ја остави настрана својата недоверба и да стане некое друго „ти“. Ставањето на читателот во перспективата на еден лик може да создаде чувство на итност и неизвесност. Но понекогаш второто лице се користи за да го оддалечи раскажувачот од сопствената приказна, наместо да го доближи читателот до неа. Во таквите случаи, раскажувачите во второ лице се нарекуваат себеси „ти“, наместо „јас“.

Писателите постојано експериментираат со нови варијации на гледната точка во раскажувањето. Новите технологии за виртуелна и проширена реалност би можеле уште повеќе да ги прошират можностите за вакви експерименти. Ако ги поставиме луѓето на одредена гледна точка во виртуелниот простор, како би можеле да го промениме начинот на кој ги раскажуваме и ги доживуваме приказните?

Во продолжение погледнете го и одличното видео:

Leave a comment