Од 13 до 15 септември 2026 година, Скопје повторно ќе стане место каде што се среќаваат различните јазици, приказни и книжевни традиции на Балканот. Меѓународниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ годинава го одбележува своето 14. издание, носејќи во градот писатели, издавачи и книжевни професионалци од регионот.

Меѓу годинашните гости се Драган Великиќ, Дијана Чули, Блаже Миневски, Габриела Бабник, Николај Терзијски, Христина Радовиќ Андриќ и Мајк Дауни, кои низ разговори и книжевни средби ќе ѝ се претстават на скопската публика. Во центарот на годинашното издание е еден од најзначајните современи српски писатели, Драган Великиќ, добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес во развојот на книжевноста на Балканот. Наградата ќе му биде врачена на свеченото затворање на фестивалот, на 15 септември.
Но „ПРО-ЗА Балкан“ не е само низа на настани и дискусии, бидејќи преку програмата „Скопје фелоушип“, фестивалот создава простор за поврзување на авторите, преведувачите, издавачите и литературните агенти и за патување на балканските приказни надвор од границите на јазикот на кој се напишани.
По трите главни фестивалски вечери, книжевната приказна продолжува со дополнителна програма до 19 септември, исполнета со промоции, филмска проекција и книжевно-музички настани. Целосната програма можете да ја погледнете тука, а на официјалниот настан на Фејсбук можете да следите повеќе информации.
Уште една септемвриска недела во која Скопје која ќе потсети дека, и покрај сите наши разлики, Балканот можеби најдобро се разбира преку приказните што ги раскажува.
