Пишувањето на Томас Клејтон Вулф денес е донекаде паднато во заборав, а за тоа барем делумно е виновна и лошата среќа. Иако многу писатели со текот на времето влегуваат и излегуваат од книжевниот канон, само малкумина имале несреќа да бидат потиснати од попопуларни автори со исто презиме. Навистина, Том Вулф, авторот на „Огнот на суетите“, можеби благодарение на чистата снага на интернет-пребарувачите, придонел за тоа повторното откривање на Томас Вулф, родум од Северна Каролина и еден од мајсторите на модернизмот од почетокот на 20 век, да оди малку побавно. Но, дали конечно дојде времето на оригиналниот Томас Вулф?

За време на својот живот, Вулф, кој се свртел кон романите откако неговите драми се покажале предолги за практично да можат да бидат поставени на сцена, бил своевидна книжевна ѕвезда. Неговиот автобиографски роман за созревањето „Погледни го својот дом, ангеле“ наишол на толку големо признание што името на младиот писател од американскиот Југ честопати се споменувало во ист здив со Ернест Хемингвеј, Ф. Скот Фицџералд и Вилијам Фокнер. Всушност, Фокнер отворено го поддржувал творештвото на Вулф, нарекувајќи го еден од „најспособните писатели на генерацијата“. Меѓу почитувачите на Вулф бил и Синклер Луис, првиот Американец што ја добил Нобеловата награда за литература, кој во своето нобеловско предавање зборувал за потенцијалот на Вулф да стане „еден од најголемите светски писатели“.
И покрај речиси невидените пофалби што ги добивал за време на животот, неговиот углед почнал да опаѓа речиси веднаш по неговата прерана смрт во 1938 година, на само 37 години. Овој пад на популарноста ги оставил неговите романи, вкупно четири, од кои повеќето со прустовска должина, како и драмите и расказите, да се борат за читатели и за свое место во книжевноста. По смртта на Вулф и последователното бледнеење на неговата слава, дури и Фокнер го преиспитал своето мислење за неговото творештво, споредувајќи ги романите на Вулф со „слон што се обидува да танцува хучи-кучи“. Причините поради кои Вулф ја изгубил наклонетоста на книжевната јавност и денес се предмет на расправа. Некои сметаат дека агресивните уреднички интервенции врз неговите ракописи го ослабнале ефектот на неговиот единствен стил, а со тоа и шансите неговото дело да ја задржи својата долговечност. Други, пак, се прашуваат дали книгите едноставно и не биле толку добри уште од самиот почеток.
Какви и да биле причините, влијанието на Вулф врз книжевноста на 20 век, иако со текот на времето станувало сè поневидливо, се покажало како исклучително силно и трајно. Неговиот особен спој на епско раскажување, автобиографија и модернистички стил како да постоел на еден уникатен американски книжевен крстопат: раскошниот тек на свеста на Вилијам Фокнер споен со истрајното, проникливо набљудување карактеристично за Херман Мелвил и Натаниел Хоторн. Токму затоа, неговото влијание може да се препознае во делата на писатели како Бети Смит, Филип Рот и Пет Конрој.
Меѓу најистакнатите почитувачи на Вулф бил и еден од најзначајните писатели на бит-генерацијата, Џек Керуак. Иако бил помалку заинтересиран за епски дела со прустовски размери, Керуак во голема мера црпел од препознатливиот спој на автобиографија и проза во тек на свеста кај Вулф, создавајќи така некои од своите најсакани дела, меѓу кои „На пат“ и „Дарма скитниците“.
Додека книжевните и стилските иновации на Вулф оставиле трага врз бит-движењето, неговите согледувања за општеството влијаеле врз претставниците на Новото новинарство. Хантер С. Томпсон, на пример, современик на „другиот“ Том Вулф, познат по „Огнот на суетите“, всушност го презел изразот „страв и гадење“ (fear and loathing) од едно од делата на Томас Вулф.
Влијанието на Вулф најсилно се чувствува во прозата од средината на 20 век која, слично како и неговата, настојува заплетите извлечени од стварноста да ги спои со еден вид формален романтизам. Но, неговото влијание се проширило и во областа на научната фантастика. Реј Бредбери бил голем почитувач на творештвото на Вулф, и тоа може да се забележи во неговото пишување. Иако Бредбери често се смета за писател чија сила пред сè лежи во големите и смели идеи, кога неговото творештво ќе се разгледа во контекст на Вулф, станува јасно дека посветеноста на авторот на „Фаренхајт 451“ кон самиот писателски занает премногу често останува незабележана.
Со оглед на тоа што читателската публика во последниве децении, се чини, повторно им се враќа на обемните романи од кои генерации средношколци научиле да стравуваат: од „Бесконечна шега“ на Дејвид Фостер Валас до „Чешларот“ на Дона Тарт, можеби конечно дојде време Томас Вулф повторно да го заземе своето место во канонот на американската книжевност. А кога тоа ќе се случи, можеби само ќе сфатиме дека, благодарение на длабоката трага што ја оставил врз современата книжевност, Томас Вулф никогаш вистински не бил заборавен.
