Почеток на мај, убаво време, одличен период за нови книги и нови предлози. Освен тоа, во тек е Саемот на книга, па таму имате плејада од книги што можат да бидат дел од вашата домашна библиотека.
Традиционално, како и секоја недела, ви ги давам новите пет предлози за читање. Како и секоја недела, книгите се добитници на Пулицеровата награда. Можеби некоја од нив ќе ве инспирира да ја побарате на Саемот за книга. А воедно, може да се потсетите и на претходните делови (тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука) доколку ви се потребни и други идеи.
Па да почнеме…
1. „Неговото семејство“ – Ернест Пул

~ „Се прашувам дали ќе биде исто со нашите деца како што беше и со нас. Без разлика колку долго ќе живее секое од нив, зарем тие нема да чувствуваат дека нивните животи, за разлика од нашите, се незавршени и дека се само на почетокот? Се прашувам колку далеку ќе одат. И кога нивните деца ќе пораснат, ќе биде исто и за нив. Незавршени животи. О, драга, какви деца сме сите ние…“ ~
Ова е првата книга што ја добила Пулицеровата награда за белетристика. Иако Пулицеровата награда започнала да се доделува во 1917 година, првиот роман што ја добива Пулицеровата награда за белетристика е „Неговата фамилија“ во 1918 година. Ова е приказна што ни го доловува ликот на Роџер Гејл, вдовец кој се обидува да се справи со начинот на кој неговите деца и внуци се прилагодуваат на општеството кое постојано се менува.
„Неговата фамилија“ е приказна за шеесетгодишен човек од Њујорк кој прави ретроспектива на својот живот и животот на неговите три ќерки. Секоја од ќерките претставува различен тип: едната е материјалистка, другата е посветена на општествените движења, а третата живее среќен и безгрижен живот. Роџер Гејл се препознава себеси во секоја од нив. Приказна за фамилијата, за тоа како се справуваме со општеството и книга за родителот и неговите бескрајни грижи за своите деца.
2. „Мед во рогот“ – Харолд Ленор Дејвис

Оваа книга ја добила Пулицеровата награда во 1936 година. Се работи за книга што ги опфаќа фармерските денови во Орегон, во периодот од 1906 до 1908 година. Зборува за растењето на еден сирак, Клеј Калверт, но и за судењата на пионерите кои дошле во Орегон во потрага по американскиот сон. Низ ликовите кои Клеј ги среќава, авторот нè запознава со различни професии на луѓето од тој период.
3. „Градот“ – Конрад Рихтер

Третата книга од трилогијата „Земја што се буди“ ја доби Пулицеровата награда во 1951 година и ја следи преобразбата на Охајо од првичната дивина и хаос, до земјата на фармерите, сè до создавањето на модерната индустриска цивилизација, и тоа сè во текот на животниот век на еден човек. Оваа трилогија му ја донесе славата на Рихтер и го стави на пиедестал како еден од најдобрите автори на историска драма. Трилогијата ги содржи уште и деловите: „Дрвата“ и „Полињата“ и ја следи миграцијата на фамилијата на Лукет од Пенсилванија до Охајо.
4. „Ќерката на оптимистот“ – Еудора Велти

~ „Мистеријата за тоа колку малку ги знаеме другите луѓе не е поголема од мистеријата за тоа колку многу ги знаеме. “ ~
Оваа роман ја доби Пулицеровата награда во 1973 година и се концентрира на една млада жена која оди во Њу Орлеанс за да се грижи за нејзиниот татко по тешка операција. Тој не успева да се опорави од операцијата и полека умира, додека таа му чита дела од Дикенс. Втората жена на татко ѝ, Феј, е помлада од неа и не може да се справи со целата ситуација, па ја остава Лаурел сама во куќа полна со спомени, каде таа се навраќа на нејзиниот живот, нејзините родители и размислува за животот.
5. „Кралевите на Мамбото свират љубовни песни“ – Оскар Хиуелос

~ „Среќен сум кога страдам.“ ~
Ова книжевно дело е за кубанските имигранти, браќата и музичари, Нестор и Цезар Кастиљо кои се доселуваат во Њујорк во 50-ти години на 20 век. Книгата ги опишува последните часови од животот на Цезар, додека седи во хотелска соба, пиејќи алкохол и слушајќи снимки од неговиот бенд. Случките и луѓето кои биле дел од неговиот живот му се вртат во глава и се потсеќа на минатото, патот кон славата, неговите девојки, неговиот брат, животот како имигрант во Америка и целиот сјај и тага на неговиот живот. Книгата ја доби Пулицеровата награда во 1990 година.

[…] Како и секоја недела, така и оваа недела продолжувам со предлог – листата за читање од редот на книги кои добиле Пулицерова награда. Претходните изданија можете да ги прочитате тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука. […]
LikeLike
[…] ги тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука и […]
LikeLike
[…] ги: тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, […]
LikeLike