Книгата „Пустинско срце: петнаесет години во Авганистан“ од Ана Пејчинова, во издание на „Или-Или“, која предизвика голем интерес кај читателите ова лето, ќе биде претставена пред скопската публика на 17 септември, во 20 часот, во „Лабораториум“, а со авторката Ана Пејчинова ќе разговараат Наташа Атанасова и Александар Маџаровски.

Пејчинова живеела и работела во Авганистан, цели 15 години – од првите години по падот на талибанскиот режим до 2021 година. Од тоа долго и необично искуство произлегува „Пустинско срце“, лично и непосредно сведоштво за една земја во постојана историска пресвртница, но пред сè е книга за луѓето што живеат во сенката на војната. Во книгата, големите политички и воени настани се само дел од приказната. Пејчинова пишува и за секојдневниот живот, стравот и хуморот, гостопримството и насилството, семејствата, пријателствата и човечките судбини. Така пред читателот се појавува еден сложен, противречен и жив Авганистан – многу подалеку од поедноставените претстави за земјата што вообичаено ги добиваме од дистанца.
Токму затоа „Пустинско срце“ претставува ретко сведоштво во македонската книжевност: приказна на една Македонка која била непосреден сведок на настани што ја одбележаа поновата светска историја. Пејчинова не пишува за Авганистан како некој што го посетил или го набљудувал од страна, туку како човек што таму живеел и работел цели петнаесет години.
Ана Пејчинова (1973) е родена во Скопје, а нејзиниот творечки и професионален пат ги опфаќа книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој. Студирала, работела и патувала во триесетина земји на пет континенти. Дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1995 година, докторирала на Катедрата за компаратистика при Карловиот универзитет во Прага во 2002 година, а во 2006 година магистрирала политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта.
Работела и како психолошки советник во Прага и Скопје, а околу две децении била ангажирана во рамките на Обединетите нации и УСАИД, најчесто во воени и кризни региони, меѓу кои Авганистан, Ирак, Пакистан, Египет и Конго. Работела како менаџер и советник за стратешки комуникации во областа на меѓународниот развој и хуманитарната помош.
Извор: Официјален настан на Фејсбук
