Како Сингапур ќе ги наградува граѓаните што читаат?

Што ако државата ве наградува затоа што секој ден сте одвоиле петнаесет минути за читање? Сингапур реши да ја испроба токму оваа идеја. На 6 септември 2026 година, Националниот библиотечен одбор на Сингапур започна нова петгодишна национална иницијатива чија цел е читањето да стане секојдневна и доживотна навика.

Идејата е едноставна: секој кој ќе се вклучи во предизвикот треба да чита најмалку 15 минути дневно и го означи тоа на платформата CrowdTask SG. Преку таканаречениот предизвик ReadSG, учесниците можат да поставуваат лични цели, да создаваат читателски серии и да собираат виртуелни поени и монети. А монетите имаат и парична вредност. За евидентирана сесија од најмалку 15 минути читателот добива 20 виртуелни монети. Со собрани 1.000 монети може да се добие еден сингапурски долар. Тоа значи дека се потребни 50 дневни читателски сесии за да се заработи еден долар.

Сумата, се разбира, е симболична. Целта не е луѓето да заработуваат од читањето, туку преку малата награда и елементите преземени од игрите да се поттикне создавањето навика за читање. Пилот-фазата на предизвикот ќе трае од 6 септември до 31 декември 2026 година, по што програмата ќе се развива врз основа на искуствата и реакциите на корисниците.

Читањето како „мускул“

Зад необичната идеја стои еден многу посериозен проблем: сè потешко остануваме долго време сосредоточени на еден текст. Од Националниот библиотечен одбор предупредуваат дека во дигиталниот свет сè повеќе се свртуваме кон кратки содржини што можат брзо да се прелистаат, наместо кон подолго и концентрирано читање. Токму затоа мотото на ReadSG е „Зајакни го својот читателски мускул“.

Според идејата зад кампањата, читањето функционира слично како вежбањето: ако редовно го практикуваме, ја зајакнуваме способноста да се концентрираме, да примаме и разбираме информации, критички да размислуваме и да ја користиме имагинацијата. Петнаесет минути намерно се поставени како лесно достижна цел. Тоа е време што може да се најде додека се патува со јавен превоз, додека се чека автобус, за време на паузата за ручек или непосредно пред спиење.

Иницијативата е особено интересна затоа што доаѓа од земја која има исклучително добри резултати во читачката писменост. Но, проблемот што Сингапур се обидува да го реши не е едноставно дали луѓето умеат или воопшто нешто читаат. Истражување на Националниот библиотечен одбор покажало дека 89 проценти од возрасните читаат нешто повеќе од еднаш неделно, но само 28 проценти читаат книги. Во време кога секојдневно читаме пораки, наслови, објави на социјалните мрежи и кратки резимеа, ReadSG се обидува да го врати она поинакво читање: бавното, фокусирано читање што бара да останеме со еден текст подолго од неколку секунди.

Национален месец на читањето

ReadSG е поширока иницијатива од самиот предизвик со виртуелните монети. Таа беше започната во рамките на првиот Национален месец на читањето во Сингапур, а програмата вклучува низа настани и активности посветени на книгите и читателската култура. Меѓу нив е и програмата „Читањето во време на расеаност“, која се занимава токму со местото на читањето во современата „економија на вниманието“, како и голема акција за подарување книги. Иницијативата има и хуманитарна страна. Преку програмата Read for Good, минутите поминати во читање се претвораат во заедничка цел со која се собираат средства за добротворни организации.

Најинтересното кај сингапурскиот експеримент не се парите бидејќи еден долар по педесет дена читање тешко дека некому ќе му биде вистински финансиски мотив. Но идејата поставува многу поголемо прашање: како повторно да создадеме навика за длабоко читање во свет во кој вниманието постојано ни го прекинуваат известувања, видеа, пораки и бесконечно скролање? Сингапур се обидува со само петнаесет минути дневно. Можеби токму во тоа е поентата – наместо амбициозната одлука дека „треба повеќе да читаме“, да започнеме со петнаесет минути во кои телефонот ќе почека, а книгата нема.

Извор 1: National Library Board Singapore/ReadSG
Извор 2: Guardian
Извор 3: CNN

Leave a comment