Што читаше Кафе и книги во април?

Си замина април и влегуваме во еден нов месец, со многу можности и денови за читање! Доколку размислувате што сакате да читате, можеби токму овие препораки ќе ве инспирираат!

Кула крај море“ – Влада Урошевиќ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт:
Секогаш уживам во прекрасна македонска поезија и секогаш уживам кога го читам Влада Урошевиќ, без оглед дали му ја читам поезијата или прозата. „Кула крај море“ е нова поетска збирка издадена од „Антолог“ и беше дел од мојот „саемски улов“. Особено впечатливо ми беше тоа што песните од оваа збирка досега не биле објавени во една поетска збирка. Збирката содржи 76 песни поделени во пет тематски циклуси.
Како и речиси секогаш, Урошевиќ и во овие песни ве носи на едно прекрасно поетско патување, со прекрасни стихови, теми и метафори. Кога ги читате неговите стихови едноставно имате чувство дека влегувате во магични светови и неверојатни авантури. Многу од темите во оваа збирка се појавуваат и во други негови збирки и дела, но некако делуваат свежо, ново, погледнати од друг агол и погледнати од нова светлина.
Ќе уживате во секој нов ред и секој стих, секој тематски циклус носи нешто ново и нешто волшебно, нешто обично, а сепак малку магично. Прекрасен микс на теми и стихови и од срце ви ја препорачувам оваа збирка.

„Песни“ од Дилан Томас

Издавачка куќа: ПНВ Публикации
Оцена: 5/5
Осврт:
Дилан Томас веројатно е еден од најпознатите велшки поети кој за жал починал многу млад, но има извршено неверојатно влијаени врз светската поезија. Ова ми е првпат да го читам на македонски јазик и морам да кажам дека изданието е одлично! Изборот и препевот е на Даниела Спироска и морам да кажам дека и изборот на песни е одличен, но и самиот препев. Некои од песните тука ги прочитав за првпат, но некои од нив ми се некои од омилените песни.
Поезијата на Дилан Томас е неверојатна затоа што успева кај читателот или читателката да создаде неверојатен пејсаж или слика и да ве натера многу сликовито да си создадете претстава за она што го зборува во своите песни. Покрај тоа, има една неверојатна ранливост и длабочина во неговите стихови кои ќе ве натераат да размислувате за сопствената смртност, детство, ќе ве предизвика и натера да почувствувате интензивни емоции. Голем дел од поезијата му е проткаена со меланхолија, но и едно чувство на мирен, но цврст отпор. Покрај тоа, во оваа збирка е вклучен и Поетскиот манифест, текст кој е составен од одговори на неколку прашања кои му биле поставени на Томас.
И секако, морам да кажам дека оваа збирка ја содржи и маестралната „Не оди во таа добра ноќ мирно и кротко“ (Do Not Go Gentle into That Good Night), која ми е генерално меѓу топ десет омилени песни и многу често ја препрочитувам. Неверојатна ода за поривот и повикот да се даде отпор кон смртта. Прекрасна збирка која дефинитивно треба да ја прочитате, но и одлично издание за во вашата домашна библиотека.

Испреплетени лози“ – Џулијан Меклејн

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Доколку сте љубители на драми и Италија, ова е дефитивно одлична книга за вас. Се работи за еден навистина одличен роман, со интересни ликови и заплет, кој ќе ве држи заинтересирани до самиот крај, бидејќи ќе се приврзете за ликовите и нивните судбини. Фиона е млада жена која во поголемиот дел од својот живот живее со огромен товар на своите плеќи, бидејќи мајка ѝ пред да почине ѝ открива дека нејзиниот татко со кој пораснала цел живот, всушност и не е нејзиниот биолошки татко. Таа молчеливо живее со оваа тајна, но еден ден добива повик и дознава дека биолошкиот татко починал во Италија и дека треба да појде таму за отворање на тестаментот.
И покрај првичниот шок, таа решава да оди затоа што сака да открие нешто повеќе за човекот што никогаш не го запознала, но и да дознае повеќе за историјата на нејзината мајка и нејзиното семејство. Секако, таа дознава дека има и полубрат и полусестра кои се лути што треба да го делат наследството со сестра за која не ни знаеле дека постои. Приказната се движи напред-назад, меѓу сегашноста на Фиона и минатото на нејзината мајка и татко. Одлична приказна, бидејќи навлегува во чувствителни тематики и семејни динамики и преку секој од ликовите читателот размислува за животот и колку тој може да биде тежок и комплициран и дека многу ретко работите се црно-бели.

Достоевски во Сибир го чита Хегел и бликнува во солзи“ – Ласло Фелдењи

Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 4.5
Осврт
: Оваа книга носи еден многу необичен наслов и дефинитивно вреди да се прочита. Се работи за едно кусо филозофско дело кое брои нешто помалку од 70 страници, но секоја поента е директна и конкретна и ќе го прочитате речиси во еден здив. Фелдењи на многу остроумен и интелигентен начин дава една критика на Хегеловата филозофија особено во поглед на неговото разбирање на историјата, со тоа што го спротиставува на филозофијата и творештвото на Достоевски и неговите лични голготи преку неговиот престој во Сибир.
Фелдењи тргнува од претпоставката дека Достоевски при издржување на казната во Сибир налетал на делото на Хегел, „Предавањата за филозофијата на светската историја“ и замислува всушност каков би бил одговорот на Достоевски, кој може да се најде во неговите дела. Фелдењи го критикува остриот и рационален пристап на Хегел и размислува за позиционирањето на страдањето и Бог и нивното место во западната филозофија и западниот начин на живот, земајќи ја филозофијата на Хегел како основа на неговата критика, но истовремено дава и поширок коментар за западната филозофска мисла. Сето тоа го прави на многу сочувствителен и интелигентен начин, засновајќи најголем дел од својата критика на основа на животот и творештвото на Достоевски, гледајќи ги како еден вид бунт кон материјалниот и остар рационализам.

Менсфилд парк“ – Џејн Остин

Издавачка куќа: НАМПРЕС
Оцена:4.5/5
Осврт
: Џејн Остин е една од најпознатите писателки во историјата. Таа дефинитивно е најпозната по нејзиното ремек-дело „Гордост и предрасуди“, кое со векови е инспирација за претстави, филмови, серии и нови книги, но таа има и други романи кои се исто така шармантни и забавни. „Менсфилд парк“ е едно од нејзините помалку популарни дела, но дефинитивно го заслужува вашето внимание.
Главната хероина во овој роман е младата Фани Прајс, која живее тежок и сиромашен живот, но еден ден нејзината мајка ја испраќа да живее кај нејзините сестри на имотот Менсфилд парк. За разлика од нејзината мајка, едната нејзина сестра се омажила во добро ситуирано семејство, а другата нејзина сестра живее со нив во истата околија. Тие ја земаат Фани Прајс да живее со нив и таа расте со своите братучеди и братучетки, но таа развива најсилен однос со нејзиниот братучед Едмунд кој најдобро ја разбира од сите. Ние го гледаме развивањето на Фани Прајс од мало и исплашено девојче до возрасна млада жена, заедно со сите згоди и незгоди на целото семејство.
Фани не е карактеристична хероина: таа е тивка, повлечена, во голем дел од романот се чини како да е позадински лик, но токму во тоа е моќта на Џејн Остин, да ни покаже дека и оние што се тивки и мирни заслужуваат да ги видат своите приказни раскажани и дека понекогаш тивкото достоинство и цврстите принципи се она што заслужува почит и среќен крај.

Leave a comment