Објавен конкурсот за необјавена поетска збирка „Антево перо“!

Одлична можност за сите поети и поетеси и оние што сакаат да пишуваат поезија! Објавен е конкурсот за доделување на наградата „Антево перо“ за 2026 година, востановена во чест на творештвото на еден од најзначајните македонски поети, Анте Поповски.

Доколку имате необјавен поетски ракопис или сте во процес на пишување, погледнете ги пропозициите и условите за пријавување за наградата.

Наградата „Антево перо“ за 2026 година се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис). Покрај наградата „Антево перо“, се доделуваат и придружни награди, „Антев златник“ и „Антев часовник“. Комисијата го задржува правото да не ги додели придружните награди. На Конкурсот можат да се јават сите автори кои имаат необјавен поетски ракопис на македонски јазик, без разлика на националноста, возраста, литературниот „стаж“ или државата во која живеат. Со оглед на тоа што покрај наградата „Антево перо“, на Конкурсот се доделува и наградата „Антев часовник“, Комисијата препорачува творците кои се помлади од 25 години, да наведат дека спаѓаат во оваа категорија на автори, но според објавата за конкурсот, возраста воопшто нема да влијае на Комисијата при распределба на наградите, односно доколку Комисијата оцени дека некој од младите автори има збирка која заслужува да ја добие наградата „Антево перо“, возраста воопшто нема да биде елиминаторен услов.

Наградата се состои во непрофитно објавување на поетскиот ракопис, со назнака на името на наградата на корицата од книгата, и со отстапување на комплетниот тираж (300 примероци) на авторот, а книгата ќе биде квалитетно претставена и промовирана со посебен осврт од истакнат литературен творец во рамките на Mеѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

Пристигнатите ракописи ќе ги разгледува тричлена Комисија, во состав: проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка, писателка и книжевна критичарка), д-р Атина Цветаноска, (книжевна истражувачка, книжевна критичарка и херменевтичарка) и Виолета Танчева-Златева, поетеса, раскажувачка, есеистка, преведувачка и лекторка. Синовите на Анте Поповски – Жорж и Александар, во својство на основачи на Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО, имаат право на вето на одлуката на Комисијата, доколку сметаат дека делото кое Комисијата сака да го награди е под достоинството на поетското творештво на Анте Поповски, или го навредува јавниот и естетскиот вкус.

Ракописите треба да бидат напишани во Times New Roman, фонт 12, кирилско писмо и да бидат испратени во електронски формат pdf или word на електронската адреса: manifestacijaantevopero@gmail.com заклучно со 5 август 2026 година. Поетските ракописи создадени со помош на вештачка интелигенција нема да бидат земени предвид. Кандидатите можат ракописот да го достават под свое име и презиме, или под шифра. Во вториов случај, авторството го докажуваат со копија од ракописот, по објавувањето на резултатите.

Докополнитно, во објавата се вели дека кандидатите не мора да го чекаат последниот рок, затоа што Комисијата ќе ги прегледува ракописите сукцесивно, онака како што пристигнуваат, а одлуката за доделување на наградата ќе биде соопштена во втората половина на месец август 2026 година.

Извор: Официјална страница на Антево Перо на Фејсбук

Leave a comment