Март пристигна, а со тоа и најавите и желбите што побргу да дојде пролетта и сончевите денови, иако сите добро знаеме дека март знае да биде луд месец и честопати ни носи студени бранови. Но, без оглед на тоа дали надвор е сончево или студено, за љубителите на книги нема лош период за читање книги. Па, оттаму, доколку сте во потрага по инспирација за читање, во продолжение прочитајте ја стандардната листа со препораки за читање, составена од најдобрите книги што ги прочитав во февруари.
„И коњите ги убиваат, зарем не?“ – Хорас МекКој

Издавачка куќа: ИКОНА
Оцена: 5/5
Осврт: Неверојатна книга! Најдобра што ја прочитав месецов! Се работи за класик од 1935 година, за кого често читав и го гледав спомнуван во многу филмови, серии и написи, но никогаш не успевав да дојдам до него и конечно февруари беше месецот кога ми падна во рака. Возбудлива и интересна приказна, но истовремено и бавна и меланхолична, кој започнува со судењето на Роберт, кого го судат за убиството на неговата пријателка Глорија.
Додека ја чека пресудата за делото кое самиот го признал, тој размислува за сите околности кои го носат до овој момент. Тој ни раскажува за тоа како ја сретнал Глорија, како се пријавиле на еден маратонски натпревар по танцување и тука се одвива поголемиот дел од делото. Покрај нив, дознаваме и за другите ликови и натпреварувачи и добиваме една многу поширока сликата за времето во кое е издадена книгата. Неверојатна книга, има нешто помалку од 150 страници и се чита во еден здив, одлична анализа за човековата природа, општеството и после сè, со крај кој делува изненадувачки иако не е, но остава простор за многу интересни дискусии и дебати, размислување и интроспекција. Топла препорака!
„Смртта на Иван Илич“ – Лав Толстој

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт: „Смртта на Иван Илич“ е книга која за многумина (и за мене) беше дел од задолжителните лектири во средното училиште. Но, оттогаш помина многу време, па решив повторно да се навратам на ова четиво и да си го освежам помнењето, но и да видам како ќе ја доживеам содржината од овој аспект денес.
И морам да кажам дека овојпат некако длабоко ме потресе ова четиво на едно сосема поинакво ниво. Романот започнува со смртта на Иван Илич и како неговите колеги дознаваат за смртта од весниците. Потоа, Толстој нè навраќа на личноста и животот на Иван Илич сè до неговата смрт. Дознаваме за неговата младост, брак, служба, но и за сите мали детали што водат кон неговата болест и конечно до неговата смрт. Но, она што е највпечатливо во приказната е како е прикажан „внатрешниот живот“ на Иван Илич, особено кога почнува да се разболува, сè до неговите последни мигови.
Гледаме човек што е лут на светот, на себеси, исплашен и разочаран и кој не сака да се помири со смртноста и со смртта, кој најпрво се труди да ја игнорира, но кога веќе не може, почнува да го аналзира целиот свој живот. Една одлична анализа на човековата природа и како луѓето се справуваат со смртта, и сопствената, но и смртта на оние околу нив. Од емотивен аспект е и мачна, затоа што на одреден начин нè приморува и самите да размислуваме на тема која најчесто се обидуваме да ја избегнеме и да не се соочиме со неа, бидејќи е непријатна. Но, тоа е убавината на големите книги – ве тераат да се соочите со сите аспекти на човековиот живот, и добри и лоши и со тоа ве прават подобри и душевно побогати луѓе.
„Татковци и деца“ – Иван Сергеевич Тургенев

Издавачка куќа: АД ВЕРБУМ
Оцена: 4/5
Осврт: Месецов некако им се посветив на класиците, а „Татковци и деца“ ми беше долго време на листа за читање и конечно успеав да ја најдам. Се работи исто така за едно кусо дело кое се чита многу брзо, бидејќи стилот е едноставен и многу убав и цело време ви го држи вниманието.
Оваа приказна во својата основа се фокусира на минливоста на животот, на промената на генерациите, како и генерацискиот јаз кој се јавува помеѓу родителите и децата, родителите кои остануваат „заглавени“ во старите времиња (според нивните деца) и децата кои се на почетокот на животот и се свртени кон нови хоризонти, сосема поинакви од оние на нивните родители и роднини. Еден од главните ликови е Базаров, млад човек целосно посветен на науката, но кој недвосмислено е нихилист.
Нихилизмот е тема што често се провејува во руските дела од тоа време, како и неговото влијание врз младината, а и тука дефинитивно се начнува таа тема. Базаров е нихилист, не верува во ништо и никого, се спротиставува на авторитети, а таков е и неговиот пријател Аркадиј, но тие се сепак слични и различни, бидејќи во Аркадиј се борат и другите сензибилитети кои до некаде му го неутрализираат нихилизмот и тој честопати се труди да најде компромис и баланс со неговиот татко. Базаров честопати отворено искажува презир кон својата околина, а тоа го прави многу непопуларен меѓу одредени луѓе, особено чичкото на Аркадиј, кој се држи за старите вредности. Одлична книга и многу релевантна и за денешно време и тоа на многу начини.
„Фолиранти“ – Момо Капор

Издавачка куќа: ЛАГУНА
Оцена: 4/5
Осврт: Момо Капор е еден од најпознатите писатели од бившите југословенски простори и еден од карактеристичните писатели кој на одличен начин го доловува животот и културата од тие времиња, па така, оние живееле во тој период кога го читаат се потсетуваат на својата младост и можеби ги фаќа носталгија за нивнта младост, а оние што се родени после тој период, можат да добијат слика и тоа прилично силна и прецизна, за тоа какво било тоа далечно време на нивните родители и баби и дедовци.
Како што пишува и на самата корица, овој роман е „омаж на изгубените пријатели“, во кој главниот лик, кој веќе е во своите доцни 30-ти години, се сеќава на своите младешки денови и неговите двајца пријатели: Мима и Але. Приказната се развива бавно и полека, цело време се чувствува нишка на меланхолија и помеѓу раскажувањето за ова мала дружина, Момо Капор дополнително ни ја „црта“ и пошироката слика на една генерација, на едни млади студенти кои влегуваат во возрасниот живот, нивните навики, студентскиот живот, итн. Крајот е феноменално напишан и сосема ме фати неподготвена, но длабоко ме трогна. Книга што ќе ве замисли, трогне, насмее, ќе ви пробуди носталгија (за вашата сопствена младост). Топла препорака.
„Избрани песни“ – Радјард Киплинг

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 4/5
Осврт: Радјард Киплинг е еден од најлегендарните британски писатели и најмладиот добитник на Нобеловата награда за книжевност. Тој генерално е повеќе познат по неговата проза, но и по неговата неверојатна поема „Ако“.
Ова издание на „Полица“ вклучува одличен избор на поеми и стихови, а дополнително пред почетокот на поемите има и кус опис чисто за да ви даде контекст додека читате. Доколку ви се чита поезија, ова е одлично издание, кое исто така на одреден начин е историска капсула, затоа што одбраните поеми се полни со јазик, описи и контексти многу специфични за периодот во кој Киплинг живеел и творел.
