Дали некогаш сте слушнале за писателот Џек Хилтон? А за делото „Калибан вреска“? Веројатноста за тоа е многу мала, бидејќи овој роман со децении фаќал прашина во библиотеките и ретко кој му обрнувал внимание, сѐ додека еден млад човек случајно не ја собрал од полиците на една библиотека. Денес на блогот прочитајте ја интересната приказна за тоа како едно книжевно ремек-дело било повторно откриено и како стигнало до неговото повторно издавање. Текстот бил објавен во 2024 година во списанието „Њујоркер“, а истиот е дело на Сајмон Паркин, писател и чест соработник на списанието „Њујоркер“. Неговите книги ги вклучуваат „Островот на извонредните заробеници“ и „Забранетата градина“.

(слика на Кемка Ајоку за „Њујоркер“)
Во 2021 година, Џек Чедвик, дваесет и седумгодишен шанкер и хонорарен го-го танчер, разгледувал книги на полиците во Библиотеката на работничкото движење, во близина на Манчестер, кога забележал впечатлива корица. Рачно нацртаната илустрација прикажувала скелет што клечи како да се моли, со рацете испружени напред. Чедвик не знаел ништо ниту за книгата „Калибан вреска“, ниту за нејзиниот автор, Џек Хилтон. Но текстот целосно го обземал. Пред затворање на библиотеката, по неколку часа сосредоточено читање, ја затворил книгата и ја прашал библиотекарката што може да му каже за авторот. Многу малку, одговорила таа, само дека по кратка книжевна кариера, Хилтон исчезнал.
Едно пребарување на Гугл на Чедвик му дало делови од биографијата. Хилтон се родил на почетокот на дваесеттиот век во Олдам, близу Манчестер, во целосна сиромаштија. Седум од неговите браќа и сестри починале пред да наполнат две години; само тројца доживеале зрелост. На дванаесет години почнал да работи во локална памучна фабрика. Потоа, лажејќи за својата возраст, се пријавил во војска и се борел во суровите ровови на северна Франција. Хилтон ја преживеал војната, се вратил во Англија и, по период на бездомништво, се приклучил на движење за работнички права во Рочдејл. Неговите говори на митинзи набрзо го одвеле во затвор. Кога една судска наредба му забранила понатамошна агитација, се свртел кон пишувањето.
Хилтон, кој во тоа време работел како гипсар, немал ниту книжевно образование ниту амбиции. „Не можев да напишам зборови со три слога,“ подоцна изјавил. „Речениците немаа смисла. Не знаев што е ред.“ Но неговиот ментор во Работничкото образовно здружение препознал жесток талент и испратил примерок од неговото пишување до еден издавач. Уредникот побарал уште. Ракописот што следел бил еден вид рана автофикција. Тој опишувал детство поминато во фабрика, бедата на војната и затворот, како и тешкотиите на скитничкиот живот, спојувајќи мемоари, поезија и полемика во лабава нарација. Оценката на самиот Хилтон била пооголена: „повраќање на содржината на утробата од човек што бил прегазен од општеството.“
Објавена во март 1935 година, книгата „Калибан вреска“ на Џек Хилтон набргу стекнала признание. Џорџ Орвел ја опишал како „духовита и необична“. В. Х. Оден, познат како строг критичар, ја пофалил „величествената реторика налик на ‘Моби-Дик’“. Како дело уникатно и по тон и по структура, тоа било и книга од маргинализиран автор во време кога англиската книжевност била доминирана од привилегираните слоеви. „Книги како оваа, што произлегуваат од вистински работници и претставуваат автентична работничка перспектива, се исклучително ретки и затоа особено важни,“ напишал Орвел, кој и самиот бил образуван на Итон. „Калибан вреска,“ продолжил тој, му дава глас на „обичното тивко мнозинство“.
Прозата на Хилтон ја носи двојната сила на огорченоста и тешкото искуство. Само сит писател, пишува тој во романот, има способност да создава „убави апстрактни зборови“ за природата. „Знаете како,“ имитира тој подбивно: „‘Небо од свиленкасто сино, украсено со златни бранчиња од сончеви нијанси, над ридови со зелено-кафеава величественост’… Ох, каква кал од метафори!“
Разгалените писатели, според Хилтон, создаваат празна и кревка проза. Нема замена за поучните рани на искуството:
„Пробајте го тоа, вие крутовратни пуританци. Стекнете некаква претстава за тоа какви се луѓето, надвор од вашиот мал стапичен круг. Бидете човек меѓу ‘избраните од Бога’, извалкајте се, судрете ги вашите вешти, еластични рапири со нивните палки; тогаш ќе видите дека само благонаклоноста на една класа ви дозволува да останете како марионета со средени нокти и жолтеникави ракавици.“
Сепак, непостојаната плима на книжевниот успех го одвела Хилтон токму кон тој „стапичен круг“. Тој добил стипендија за Оксфорд. Но неговата книга имала само едно издание, а издавачот „Кобден-Сандерсон“ не ја преживеал Втората светска војна. „Калибан вреска“ се изгубила меѓу растечкиот број на наслови што преминувале од еден издавач на друг низ низа преземања. Хилтон отсекогаш се чувствувал како „слемен“ аутсајдер во затворениот „книжевен свет“. Наскоро, повторно потонал во заборав.
Осум децении подоцна, кога Џек Чедвик, кој потекнува од работничко семејство, ја прочитал „Калибан вреска“, нејзината остра проза му звучела и блиска и современа. Тој решил да ја истражи можноста за повторно објавување. Еден пријател што бил писател го поврзал со Џон Мерик, уредник во „Версо букс“, кој исто така бил заинтересиран за Хилтон. Мерик го советувал Чедвик да го препише текстот, па Чедвик се вратил во библиотеката со лаптоп. Работата била бавна, а со едночасовно патување со автобус до дома, и непрактична.
„Во тоа време надгледував техно-клуб, останував буден речиси цел викенд, понекогаш работев на влезот, а истата вечер настапував како го-го танчер на сцена,“ се присетува тој. „Потоа, во текот на неделата работев на графички дизајн за еден синдикат. Навистина бев исцрпен.“ Чедвик ја убедил библиотекарката да ја скенира книгата за него. Откако добил позитивен тест за КОВИД-19 и останал дома, го завршил препишувањето за две недели.
Потоа, Џек Чедвик требало да го пронајде носителот на авторските права на книгата. Тој знаел дека Џек Хилтон бил двапати женет, но починал без деца во 1983 година. Не било јасно кому, ако воопшто некому, го оставил своето книжевно наследство. Чедвик се пријавил на генеалошка платформа и започнал да бара тестамент.
Тој не бил единствениот што се обидувал да го истражи животот и наследството на Хилтон. Во 2013 година, додека работел на докторска дисертација за работничката книжевност во дваесеттиот век, човек по име Џек Виндл посетил жена во Пјуси, Вилтшир, која тврдела дека му носела оброци на Хилтон кога живеел во селото. „Нејзината куќа беше полна со препарирани животни и нејзини уметнички дела,“ се сеќава Виндл. „И ми кажа дека токму таа го нашла Џек мртов.“ Но приказната подоцна се покажала како недоверлива (на жената подоцна ѝ била дијагностицирана деменција).
Чедвик ја продолжил потрагата, на крај проширувајќи ги критериумите. „Бидејќи и самиот сум Џек, знам дека ‘Џек’ често е скратена форма од друго име,“ ми рече тој. Конечно, пребарување под името „Џорџ“ дало резултат – извод од матичната книга на умрени за човек со истата година на раѓање како Хилтон. Во него, како адреса, не бил наведен Вилтшир, туку Олдам, родниот град на Хилтон. Едно сиво неделно утро, Чедвик се качил на воз до Олдам и започнал обиколка по пабови. Во секој бар во близина на домот на Хилтон, поставувал постери со својот телефонски број и насловот: „Дали се сеќавате на Џек Хилтон?“ Постерите ја содржеле единствената фотографија што Чедвик успеал да ја најде, објавена во списание на Универзитетот Мидлсекс во 1985 година, по повод смртта на писателот.

(извор: Њујоркер)
Во пабот Sportsman’s Arms, најблиску до домот на Хилтон, Чедвик му ја објаснувал својата потрага на газдата кога една постара жена се приближила одзади. „Мислам дека прислушкуваше,“ рече Чедвик. Таа жена кажала дека се сеќава на Хилтон и дека често пиел таму со пријател. „Погледна наоколу како да ги бара,“ вели Чедвик. „Потоа, од сеќавање, го спомена името на пријателот: Брајан Хасал.“
Чедвик е висок и мирен по природа, со тивка, благо анархична енергија. (Ми рече дека „се снаоѓа добро со брави“.) Пред да дипломира на Универзитетот во Кембриџ и се стекне со титулата магистер по економска и политичка социологија, работел на триесет и третиот кат на Британските трговски комори во Ченгду, Кина, зад биро зад кое биле закачени долги портрети на Тони Блер и Маргарет Тачер. Овој пат можел да го одведе, како и многу други елитни дипломци, кон кариера во меѓународната дипломатија. Но Чедвик сакал да патува под свои услови и се вратил во Манчестер, каде почнал да работи во барови и клубови. Неговото го-го сценско име е г-ца Чедвик (име што му го дале пријателите откако ја одбиле неговата прва алтер-его варијанта „Ен Ват“).
Еден дождлив октомвриски ден, се сретнавме во Sportsman’s Arms. Просторот беше широк и речиси празен, дебел тепих ја пригушуваше музиката од џубоксот. Додека виткаше цигара, Чедвик ми раскажа дека ја пронашол адресата на Хасал преку „Златна книга“, потоа тропнал на неговата врата, а кога никој не одговорил, оставил белешка во поштенското сандаче. По еден месец чекање, „се откажал од надежта дека ќе слушне нешто.“ Потоа, кон крајот на летото, добил одговор од сопругата на Хасал, Мери. Таа објаснила дека нејзиниот сопруг неодамна починал и дека била во процес на преселба кога стигнало писмото на Чедвик. Мери се согласила да се сретнат и, додека јаделе крем-пити, Чедвик ѝ ја објаснил својата мисија.
„Беше многу заинтересиран, многу искрен, вистински господин,“ ми рече Мери. Таа добро и со симпатии се сеќаваше на Џек Хилтон. „Мојот сопруг беше многу близок со Џек, а Џек го третираше како син,“ рече таа. Хилтон поминувал голем дел од времето во домот на семејството Хасал, среќавајќи се со Брајан Хасал двапати неделно за да пијат, или во пабот Sportsman’s Arms или во друг паб со име Help the Poor Struggler. Тој бар бил во сопственост на Алберт Пјерпонт, еден од последните британски џелати, кој служел пиво таму кога не ги извршувал егзекуциите во затворот каде што некогаш бил затворен и Хилтон.
Мери рече дека Хилтон поголем дел од своето наследство му го оставил на нејзиниот сопруг, вклучително и неговиот папагал. (Таа го заменила кафезот, кој бил потемен од чад од цигарите на Хилтон, но по еден месец птицата умрела. „Мислам дека не ѝ одговараше новиот кафез,“ рече таа.) Сепак, таа не знаела ништо за книгата. „Мислев дека пишувал за списанија,“ ми рече. Се покажало дека, како вдовица на Хасал, таа сега ги поседува авторските права. Неколку недели подоцна, откако ја посетила библиотеката за самата да ја види книгата, ги префрлила правата на Џек Чедвик, под услов да направи сè што може за повторно објавување на „Калибан вреска“.
Набргу потоа, Чедвик напишал текст за локален весник за своите откритија. Приказната му донела покана да зборува на „Би-Би-Си Радио 4“, термин обично резервиран за познати автори со нови книги. Ник Скидмор, издавачки директор на „Винтиџ Класикс“, престижен издавач што издава книги на автори како Алиса Манро, Филип Рот, Ијан Мекјуан и Тони Морисон, бил дома во Бристол кога го слушнал емитувањето на радиото во кујната. Скидмор бил на шестмесечно татковско отсуство за да се грижи за својот син. „Си реков дека нема воопшто да се занимавам со издаваштвото,“ ми рече. Но енергијата и ентузијазмот на Чедвик му биле неодоливи. Очекувал да чуе дека изгубеното дело на Хилтон веќе ќе биде повторно објавено, но тоа не се случило.
Истиот ден, Скидмор му испратил порака на Чедвик на Твитер. Разговарале по телефон и, откако се вратил на работа, Скидмор им ја предложил книгата на своите колеги. „Целосно е жива и неверојатно искрена, нескротен глас,“ ми рече тој. Особено бил воодушевен од тоа како книгата ја поткопува „романтичната“, „вордсвортовска“ претстава за Англија. „Се вљубив кога стигнав до делот за скитништвото,“ рече. „Имав чувство дека Англија тргнала наопаку и дека индустрискиот систем ни одзема дел од човечноста. Тоа ми се виде неверојатно убаво и единствено.“ Наскоро бил склучен договор, при што Чедвик добил скромен хонорар за својот труд. По речиси деведесет години, „Калибан вреска“ повторно ќе биде објавена на почетокот на март. (текстот е објавен во „Њујоркер“ во февруари 2024 година, книгата била објавена во март 2024 година, м.з)
Ова е значајно повторно откритие. Исчезнувањето на Хилтон, ми рече Скидмор, создало „огромна празнина во нашето разбирање на британската книжевност“. Тој верува дека „Калибан вреска“ имала јасно влијание врз многу од политичките патописни дела што следеле. (Кога подоцна Џорџ Орвел бил ангажиран да ја напише „Патот до Виген Пир“, патопис за индустрискиот север, го прашал Хилтон дали може да го посети во Рочдејл.) Издавачката куќа „Винтиџ“ е отворена за објавување и на други дела од Хилтон; за Скидмор, нивното исчезнување ги открива општествените сили што го обликувале книжевниот канон. „Ова фрла светлина врз фактот дека сме запознаени само со одреден тип канон, а надвор од него постои цел свет, всушност многу светови, на алтернативни канони.“
Џек Чедвик, од своја страна, моментално живее во Колумбија и се надева дека ќе се врати во Англија за промоцијата на книгата. „Разговарам со поранешни паравоени лица во Меделин,“ ми рече неодамна. „Еден од нив има напишано книга. Не е објавена. Но е проклето фантастична.“
