Четири клучни дела од Џејмс Џојс што треба да ги прочитате!

Нашироко славен како еден од најголемите писатели на дваесеттиот век, ако не и на сите времиња, Џејмс Џојс славно изјавил дека, пишувајќи го своето ремек-дело „Улис“ (1922), „вметнал толку многу загатки и енигми што професорите ќе бидат зафатени со векови расправајќи што сум сакал да кажам, а тоа е единствениот начин да си се обезбеди бесмртност“.

Во овој текст на Кетрин Дент, м-р по книжевни студии на 20. и 21. век, таа вели дека иако неговите густо алузивни и стилски експериментални дела навистина ги држат „професорите зафатени со векови“, неговото творештво релативно малку се чита надвор од академските кругови. Сепак, иако делата на Џојс понекогаш можат да бидат предизвикувачки, тие се исклучително наградувачки за трпеливи и внимателни читатели. Па така, м-р Дент за „The Collector“ подетално ги разгледува четирите главни прозни дела на Џојс и развојот на еден од најголемите книжевни стилисти на сите времиња.

Даблинци“ (1914)

„Даблинци“ е збирка раскази во (барем на површината) реалистички стил, првпат објавена во 1914 година, во време кога ирскиот национализам бил на својот врв. Иако Џојс се спротивставувал на британското колонијално владеење во Ирска, тој исто така бил противник и на национализмот, за кој сметал дека создава културна стагнација во неговата татковина. Оттука, чувството на стагнација и атрофија е присутно низ целата збирка.

Фокусирајќи се на животите на припадниците на средната класа во Даблин, збирката е структурирана така што се движи од детство, преку адолесценција и зрелост, до јавниот живот, завршувајќи со широко антологизираниот расказ „Мртвите“. Иако обработува теми како детската вера, адолесцентната желба и личниот неуспех, ликовите на Џојс се поврзани преку градот што го нарекуваат свој дом.

Иако „Даблинци“ често се смета за наједноставното дело на Џојс, всушност е речиси невозможно да се категоризира поради неговата тематска и стилска хетерогеност. Важно е да се напомене и дека тоа е единственото дело на Џојс во кое се користат наводници, и тоа не по негова волја. Во ракописите, Џојс ги избегнувал наводниците (како што прави и во другите три дела спомнати овде) и дури изразил желба тие да не се појавуваат во печатените изданија. Сепак, неговиот издавач, Грант Ричардс, кој прифатил да ја објави збирката откако други издавачи, меѓу кои и „Маунсел и Компанија“, одбиле поради страв од тужби за клевета (бидејќи многу ликови се засновани на вистински жители на Даблин), ја поништил таа одлука.

Портрет на уметникот како млад човек“ (1916)

Модернистички Künstlerroman (уметнички роман или роман за станување уметник, м.з), дебитантскиот роман на Џејмс Џојс, „Портрет на уметникот како млад човек“, најпрво бил објавуван во продолженија во книжевното списание „Егоист“ на Езра Паунд, од 2 февруари 1914 до 1 септември 1915 година. Паунд првпат се запознал со творештвото на Џојс откако В. Б. Јејтс му ја испратил поемата „Слушам војска“ за вклучување во неговата антологија „Des Imagistes“ во 1913 година. Толку бил воодушевен од стилот на Џојс што лично му напишал писмо, а Џојс возвратил испраќајќи му го првото поглавје од тогаш недовршениот роман. Само врз основа на тој извадок, Паунд се согласил да го објави романот, што го поттикнало Џојс да го доврши делото. Откако имал потешкотии да најде британски издавач за романот, Паунд помогнал и во организирањето на неговото објавување во САД, кај издавачот Б. В. Хјубш. Романот бил објавен на 29 декември 1916 година.

Романот произлегол од претходно дело, „Стивен Херој“, на кое Џојс работел од 1904 година, но го напуштил во 1907, откако напишал 25 од планираните 63 поглавја. Наместо тоа, тој го преработил материјалот во „Портрет на уметникот како млад човек“, напуштајќи го традиционалниот реалистички стил во корист на радикална форма на слободен индиректен говор и сведувајќи го обемниот „Стивен Херој“ ( само ракописот бил 914 страници) на само пет поглавја.

Како Џојс црпел инспирација од реалните луѓе и места во Даблин за „Даблинци“, така и ликот Стивен Дедалус (протагонистот на романот) го моделирал според себе. (Всушност, Џојс некои од своите рани есеи и раскази ги потпишувал со псевдонимот Стивен Дедалус.) И Џојс и Дедалус се родени во Даблин, во имотно ирско семејство од средната класа, и биле школувани од језуитите, сè додека долговите на таткото не го принудиле семејството да се пресели од предградијата во градот. И двајцата студирале на Универзитетскиот колеџ Даблин и дошле до заклучок дека, за да го остварат својот потенцијал како писатели, мора да ја напуштат Ирска и да заминат во континентална Европа. Името Дедалус добива посебно значење ако се чита во контекст на митот за Дедал и Икар од „Метаморфози“ на Овидиј (од каде Џојс го зема и епиграфот на романот). Додека Дедал му пркоси на кралот на Крит изработувајќи шуплива дрвена крава за Пасифаја, токму неговиот син Икар го избира новиот пат што води кон падот, навестувајќи ја решеноста на Стивен да си го изгради сопствениот пат, со сите слободи и опасности што тоа ги носи.

Улис“ (1922)

1922 година се смета за врв на книжевниот модернизам, со објавувањето на „Собата на Џејкоб“ од Вирџинија Вулф, „Пуста земја“ од Т. С. Елиот и „Улис“ од Џојс. Критичарот Морис Биби го опишал „Улис“ како „демонстрација и синтеза“ на книжевниот модернизам и широко се смета за еден од најдобрите, ако не и најдобриот, романи на дваесеттиот век. „Улис“ претходно бил објавуван во продолженија во списанието „Краток осврт“ од март 1918 до декември 1920 година, но пред неговото објавување како роман тој завршил на суд во САД поради наводна непристојност. Исходот од судскиот процес практично ја забранил објавата на романот во САД, но делото целосно било објавено во Париз во 1922 година од Силвија Бич, Американка во прогонство.

Џојс првпат се сретнал со ликот на Улис (латинизираното име на Одисеј) како дете, преку „Авантурите на Улис“ од Чарлс Ламб, адаптација на „Одисеја“ на Хомер. Иако романот следи еден ден од животот на Леополд Блум (16 јуни 1904) во Даблин, неговата структура ја следи онаа на Одисеја, од сопствената Телемахија (фокусирана на Стивен Дедалус) до завршното поглавје „Пенелопа“, раскажано од перспектива на Моли Блум. Покрај тоа, Улис е и еп за човечкото тело, при што на секое поглавје му е доделен одреден орган од човечкото тело. Романот е поделен на три книги и 18 епизоди, што значи дека и човечкото тело и Хомеровата шема можат само несовршено да се мапираат врз делото. И покрај тоа, тематскиот опсег, алузивната сложеност и стилската виртуозност на „Улис“ остануваат ненадминати.

Финегановото бдеење“ (1939)

Објавен во 1939 година, „Финегановото бдеење“ е монументално дело на книжевниот модернизам. Длабоко експериментално и, според многумина, речиси непробојно поради своите јазични особености, романот истовремено се смета за едно од најважните и најтешките дела на дваесеттиот век, мешајќи стандарден англиски со хиберно-англиски, сложени зборови и џојсовски неологизми.

Романот се состои од седумнаесет поглавја поделени во четири дела. Првиот дел е најобемен (осум поглавја), вториот и третиот имаат по четири, додека четвртиот, кој Џојс го нарекувал епилог, содржи само едно кратко поглавје. Делото е замислено како циклус: последната реченица ја довршува првата. Почнува со бдеењето над телото на Финеган, носач на вар, кој загинал паѓајќи од скала. За време на бдеењето избувнува тепачка, а кога малку виски ќе го попрска телото, Финеган се крева од мртвите и мора повторно да биде „смирен“ од ожалостените, кои го убедуваат дека подобро му е мртов отколку жив.

Сместено претежно во Чапелизод, предградие на Даблин, делото ги прикажува нивните соништа, користејќи го специфичниот јазик на Џојс за да ја долови граничната состојба меѓу будност и сон. Под влијание на фројдовската психоанализа, соништата во раниот дваесетти век биле сфатени како носители на длабока смисла, а преку нив Џојс истражува историја, желба, срам, престап, неуспех и конфликт – притоа преосмислувајќи што сè може да биде романот.

Делото важи за тешко за читање, но и пишувањето на „Финегановото бдеење“ станувало сè понапорно за Џојс. Некои од неговите поранешни поддржувачи, како Езра Паунд и неговиот брат Станислаус, почнале да ја губат вербата во новиот правец на неговото творештво. Пишувањето дополнително било забавено поради смртта на неговиот татко во 1931 година, загриженоста за менталното здравје на ќерката Лусија и сопственото нарушено здравје.

Всушност, Џојс починал само дваесет месеци по објавувањето на Финегановото бдеење, по операција на перфориран дуоденален чир во Цирих. Иако имал само 58 години, зад себе оставил монументално книжевно дело и денес се смета за еден од најзначајните писатели на сите времиња. Неговите дела, исклучително инвентивни и бескрајно алузивни, се награда за внимателно читање и препрочитување, откривајќи нови слоеви значење со секоја средба. Затоа, никогаш немало подобро време од сега да се чита Џојс.

Извор: The Collector.

Leave a comment