Што читаше Кафе и книги во мај?

Дојде јуни, а тоа значи дека летото ни е пред врата. Тоа е одличен период за читање, особено кога ќе започнат летните одмори. Доколку ви треба инспирација за читање, можеби ќе ја најдете меѓу денешните препораки.

Деца“ – Иво Андриќ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт
: Иво Андриќ е еден од најдобрите писатели кои излегле од Балканот. Иако сите најмногу го препознаваме по „Мостот на Дрина“, и останатите негови дела заслужуваат подеднакво внимание. „Деца“ е едно многу интересно дело, се работи за збирка раскази, но сите ги спојува една иста нишка – детството. Секој расказ е раскажан од гледна точка на дете и честопати се фокусира на моментот кога луѓето ја губат невиноста на детството и ја преминуваат таа линија кон возрасниот живот, честопати преку тешки лекции.

Она што ми остави силен впечаток е со какво сочувство Андриќ им пристапува на децата. Тој ги третира како луѓе, со свои чувства, сфаќања, ставови, но и маки, болки и страдања. Тој всушност неколку пати ги нарекува „мали луѓе“ – укажувајќи дека децата минуваат низ многу преобразби, го набљудуваат светот околу себе и неизбежно се допрени од искуствата и работите околу нив, иако возрасните честопати ги отфрлаат нивните страдања, бидејќи се „само деца“ и дека работите што ги мачат се „детски работи“. Андриќ преку овие раскази исто така ќе ве врати и назад во вашето детство, прозата е толку убава и расказите толку впечатливи, што самите ќе отпатувате назад во времето и ќе препознаете голем дел од чувствата, стравовите и двоумењата на некои од ликовите во расказите, дури и вашето детство да било сосема поинакво.

Има нешто во прозата на Андриќ што прави човек да се стопи во она што го чита, да му разбуди вистински емоции и воедно да предизвика неверојатно сочувство за луѓето опфатени во расказот, а во оваа збирка тоа можеби е и уште поистакнато бидејќи детството е период кој е можеби периодот кој најмногу остава печат врз нас како личности, па тука Андриќ маестрално пристапува на детството како тема, како период и како нишка која останува долго со нас, дури и кога сме заборавиле голем дел од настаните од детството.

Есента на еден живот“ – Бернхард Шлинк

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4.5/5
Осврт
: Уште од кога постои човештвото, луѓето секогаш биле обземени со смртноста и со човековиот живот. Што значи животот? Која е неговата смисла? Во текот на секојдневниот живот, обземени со обврските и сето она што ни го одзема вниманието, ретко кога размислуваме за нашиот живот и неговата смисла. Најчесто луѓето се приморани да се соочат со својата смртност кога ќе се соочат со некој тежок момент во нивниот живот, а овој роман на Бернхард Шлинк токму тоа и го истражува и тоа на еден многу човечки и меланхоличен начин.

Главниот лик е Мартин, човек кој има 67 години и се соочува со терминална дијагноза што значи дека неговиот живот ќе заврши. Тоа го приморува да размислува малку подлабоко за неговиот живот и што сака да остави зад себе кога веќе ќе го нема. Особено го врзува ова со неговата многу помлада жена и неговиот син кој уште од во градинка. Неговото семејство исто така е приморано да се соочи со фактот дека ќе го загубат сопругот и таткото и како ќе продолжат без него. Сето ова води кон тензии, многу тага, но и многу интроспекција. Се работи за една многу искрена и трогателна книга.

Книгата е тажна, но е тивка. Нема големи декларации и драма, само една тивка интроспекција, дури и она што е драматично е придушено, што ги прави сите настани уште повпечатливи и реални. Читателот едноставно се соживува со Мартин и неговите блиски, длабоко поттикнувајќи ја сопствената емпатија, но истовремено е и приморан да си постави тешки прашања и на самиот себеси и за тоа што значи животот за него. Одлично напишана книга, топла препорака!

Били Бад, морнар“ – Херман Мелвил

Издавачка куќа: СЛОВО
Оцена: 4.5/5
Осврт:
Херман Мелвил е неверојатно моќен писател, кој е најпознат по неговото ремек-дело „Моби Дик“ (веќе препорачано на блогот). Неговото длабоко познавање на морнарството и пловидбите е вткаено во неговите приказни и читателот секогаш го носи во неверојатни авантури. „Били Бад, морнар“ е дело кое е постухмно објавено, бидејќи иако го започнал, никогаш не го довршил.

Се работи за многу кусо четиво што ќе го прочитате на едно седнување и дефинитивно вреди да се прочита. Приказната се фокусира на младиот и наивен Били Бад, морнар кој почнува да плови со воениот брод „Храбриот“. Били е простодушен и весел млад човек, сакан и прифатен меѓу своите морнари и кој многу внимава да не ги прекрши строгите правила на бродот. Но, наскоро Били се соочува со едно тешко обвинение и е наклеветен дека преводи некаков бунт на бродот и е зафатен во мрежа на интриги кои го фаќаат неподготвен.

Прозата е прекрасна, стилот на пишување неверојатен, Мелвил честопати директно разговара со нас читателите, се чувствувате како да разговарате со писателот, а не дека сте само неми читатели и набљудувачи на она што тој ви го раскажува. Дополнително, сочувството со кое Мелвил ја гради приказната и својот главен лик прави и вие да сочувствувате и длабоко да се поврзете со едно младо момче кое простодушно и наивно влегува во животот, без да биде свесен за злобата и зависта на луѓето околу себе.

Џенем“ – Евгениј Замјатин

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 4.5/5
Осврт
: Евгениј Замјатин е најпознат по неговиот дистописки роман „Ние“, кој на одреден начин се смета и за основоположник на современиот дистописки роман, но тој исто така бил и одличен сатиричар и набљудувач на состојбите, а „Џенем“ е еден одличен доказ за тоа. Замјатин со неговото остро око ги забележува, исмејува и изложува на виделина тесноумните и затворени умови во мали места, каде озборувањата и интригите се најголема разонода, но тоа знае да има и далекусежни последици.

Главен лик во оваа приказна е Андреј Иванич, млад и надежен дечко кој добива служба во некое далечно и малечко место, што би се рекло отишол „џенем“. Во потрага по забава и возбуда тој се запознава со околните луѓе и семејства и развива одредени односи со нив. Тој е во потрага по возбуда и набрзо лесно се вклопува во целата таа атмосфера, иако попрво би бил на некое друго место.

Замјатин на површина ги вади сите човечки слабости, зависти и недостатоци, сите вткаени во неговите ликови, но го прави тоа на еден човечки начин, правејќи да ги гледаме работите во еден поширок контекст. Покрај тоа, книгата е куса, па ќе ја прочитате во еден здив.

Тео од Голден“ – Ален Ливај

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3/5
Осврт:
Доколку сакате топли и човечки приказни, приказни за љубовта, пријателството и важноста луѓето да се грижат едни за други – ова е одлична книга за вас. Приказната се врти околу мистериозниот Тео кој еден ден одеднаш се појавува во малиот град Голден и решава да помине некое време таму. Во едно кафуле тој забележува ѕид со 92 портрети на различни луѓе од градот и тоа ја буди љубопитноста за нив. Тој решава да ги купува портретите и да им ги подарува на луѓето кои се насликани на тој портрет. Тоа му дава и можност да се запознае со нив и да ги дознае нивните приказни и истовремено да направи добро дело. Притоа и создава различни пријателства.

Но, никој не може да открие што се крие зад овие добродетелства и добри гестови, Тео е повлечен кога станува збор за својот живот и никој не може да извлече од него каква е неговата приказна, па дури ни кое е неговото презиме. Се работи за една топла и убава приказна.

Според мене, приказната има многу поголем потенцијал и сите односи се малку површни, како и целокупните пораки, а и ликовите не се многу развиени, но доколку сакате доза на позитивна енергија и пораки, оваа книга ќе ви го даде сето тоа.

Leave a comment