Сол Белоу (10 јуни 1915 – 5 април 2005) беше канадско-американски писател, кој е познат по неговите интересни и проникливи размислувања и неговите одлични приказни и ликови кои внимателно ги ткаеше. Тој на македонската публика ѝ е познат по романите „Херцог“ и „Подарокот од Хамболт“, роман за кој ја доби Пулицеровата награда во 1976 година и кој беше препорачан на блогот. Истата година тој ја добил и Нобеловата награда за „човечкото разбирање и суптилната анализа на современата култура што се обединети во неговото дело.“ Шведската академија му оддаде признание за неговата способност да спои возбудлива авантура со длабоки филозофски размислувања за отуѓеноста и животната сила на современиот живот. Денес на блогот прочитајте го неговото Нобелово предавање одржано на 12 декември 1976 година.

Пред повеќе од 40 години бев многу своеглав студент. Имав навика да се запишам на некој предмет, а потоа најголемиот дел од читањето да го посветам на сосема друга област. Така, кога требаше вредно да работам на предметот „Пари и банкарство“, јас ги читав романите на Џозеф Конрад. Никогаш не сум имал причина да зажалам поради тоа. Можеби Конрад ме привлекуваше затоа што на некој начин наликуваше на Американец –-беше Полјак откорнат од својата татковина, кој пловел по егзотични мориња, зборувал француски и пишувал на англиски јазик со извонредна сила и убавина. За мене, дете на имигранти кое порасна во едно од имигрантските маала на Чикаго, тоа беше сосема природно. На крајот на краиштата, тој беше Словен кој станал британски поморски капетан, добро го познавал Марсеј и пишувал на англиски јазик со некаков ориентален призвук. Но, во животот на Конрад немало многу необичности. Неговите теми се непосредни и јасни – верноста, командувањето, традициите на морето, хиерархијата, кревките правила што ги следат морнарите кога ќе ги погоди тајфун. Тој верувал во силата на тие навидум кревки правила, како што верувал и во својата уметност.
Неговите ставови за уметноста се едноставно изложени во предговорот на романот Црнецот од „Нарцис“. Таму вели дека уметноста е обид да му се оддаде највисока правда на видливиот универзум; дека настојува во тој универзум, и во материјата и во животните факти, да го пронајде она што е суштинско, трајно и основно. Методот на писателот за достигнување на суштината се разликува од методот на мислителот или научникот. Тие, според Конрад, го спознаваат светот преку систематско испитување. Уметникот, пак, на почетокот се има само самиот себе. Тој се спушта во својата внатрешност и токму во тие осамени предели до кои стигнува ги наоѓа „условите на својот повик“. Конрад пишува дека уметникот се обраќа „на оној дел од нашето битие што е дар, а не стекнато својство; на способноста за восхит и чудење… на нашето чувство за сожалување и болка, на скриеното чувство на заедништво со сето создание – и на суптилното, но непобедливо уверување во солидарноста што ја поврзува осаменоста на безброј срца… што го обединува целото човештво – мртвите со живите и живите со оние што сè уште не се родени.“
Оваа страсна изјава е напишана пред околу осумдесет години и можеби денес сме склони да ја примиме со одредена доза современ скептицизам. Јас припаѓам на генерација читатели што добро ја познаваше долгата листа на благородни или барем благородно звучни зборови – зборови како „непобедливо уверување“ или „човештво“ – кои писатели како Ернест Хемингвеј ги отфрлаа. Хемингвеј зборуваше во име на војниците што се бореа во Првата светска војна, инспирирани од Вудро Вилсон и други надмени државници, чии големи зборови мораа да се мерат со замрзнатите трупови на младите луѓе што ги поплочуваа рововите. Младите читатели на Хемингвеј беа уверени дека ужасите на дваесеттиот век ги разболеле и ги уништиле хуманистичките верувања со своето смртоносно зрачење. Затоа си велев дека треба да ѝ се спротивставам на реториката на Конрад. Но никогаш не мислев дека греши. Тој ми се обраќаше непосредно. Поединецот, обземен од чувства, изгледаше слаб – чувствуваше само сопствена слабост. Но ако ја прифатеше таа слабост и својата одвоеност од другите, ако се спуштеше во себе и уште повеќе ја продлабочеше својата осаменост, тогаш откриваше дека е солидарен со другите изолирани суштества.
Денес не чувствувам потреба речениците на Конрад да ги посипувам со скептична сол. Но постојат писатели за кои конрадовскиот роман – и сите романи од тој вид – засекогаш исчезнале. Завршени се. Таков е, на пример, Ален Роб-Грије, еден од водечките автори на француската литература и застапник на таканаречениот „тизам на предметите“ (choseisme). Тој пишува дека во големите современи дела, како Мачнина од Жан-Пол Сартр, Странецот од Албер Ками или Замокот од Франц Кафка, нема вистински ликови; во таквите книги не се среќаваат поединци, туку, да речеме, ентитети.
„Романот на ликовите“, вели тој, „целосно му припаѓа на минатото. Тој опишува една епоха: онаа што го означи врвот на поединецот.“ Ова не е нужно подобрување, признава Роб-Грије. Но тоа е вистината. Поединците се избришани.
„Нашето време повеќе е време на административни броеви. Судбината на светот веќе не се поистоветува, за нас, со подемот и падот на одредени луѓе или одредени семејства.“
Потоа објаснува дека во времето на буржоазијата на Балзак било важно човек да има име и карактер; карактерот бил оружје во борбата за опстанок и успех. Во тоа време, „нешто значело да се има лице во универзум во кој личноста претставувала и средство и цел на секое истражување“. Но, заклучува тој, нашиот свет е поскромен. Тој се откажал од семоќноста на личноста. Во исто време, тој е и поамбициозен, „затоа што гледа подалеку. Исклучивиот култ кон ‘човечкото’ му отстапил место на едно пошироко сознание, помалку антропоцентрично.“
Сепак, Роб-Грије нè утешува: пред нас се отвора нов пат и ветување за нови откритија.
Во прилика како оваа немам никаква желба за полемики. Сите знаеме што значи да се умориме од „ликовите“. Човечките типови станаа лажни и здодевни. Уште на почетокот на овој век Д. Х. Лоренс напиша дека ние, човечките суштества, со нашите инстинкти оштетени од пуританизмот, веќе не си се допаѓаме едни на други; физички си станавме одбивни. „Сочувствителното срце е скршено“, рече тој. А потоа отиде и чекор понатаму: „Смрдиме во ноздрите еден на друг.“ Освен тоа, во Европа влијанието на класиците со векови било толку силно што секоја земја има свои „препознатливи личности“, изведени од Молиер, Расин, Дикенс или Балзак. Навистина необичен феномен. Можеби ова е поврзано со прекрасната француска изрека: „Ако некој има карактер, тогаш тој е лош“ (S’il y a un caractère, il est mauvais). Таа нè наведува да помислиме дека неоригиналниот човечки род има тенденција да позајмува што му е потребно од погодни извори, исто како што новите градови често биле изградени од урнатините на старите.
Потоа, психоаналитичкото сфаќање на карактерот е дека тој претставува грда, крута формација – нешто со кое мораме да се помириме, а не нешто што можеме радосно да го прифатиме. И тоталитарните идеологии го напаѓаа буржоаскиот индивидуализам, понекогаш изедначувајќи го карактерот со сопственоста. Нешто од тоа може да се почувствува и во аргументите на господинот Роб-Грије. Непријателството кон личноста, кон лажните маски и лажното постоење, имало и политички последици. Но мене тука ме интересира прашањето за приоритетите на уметникот. Дали е неопходно, или добро, тој да започнува со историска анализа, со идеи или со системи?
Марсел Пруст во Повторно пронајденото време (Le Temps retrouvé) зборува за сè поголемата наклонетост на младите и интелигентни читатели кон дела со возвишена аналитичка, морална или социолошка тенденција. Тој вели дека тие ги претпочитаат таквите автори пред Бергот (романсиерот од циклусот Во потрага по изгубеното време), затоа што им изгледаат подлабоки. „Но“, вели Пруст, „штом уметничките дела почнат да се судат преку расудување, ништо повеќе не е стабилно или сигурно; може да се докаже што и да посакате.“ Пораката на Роб-Грије не е нова. Таа ни кажува дека мора да се ослободиме од буржоаскиот антропоцентризам и да ги правиме оние возвишени работи што ги бара нашата напредна култура.
Карактерот?
„Педесет години боледување, смртната пресуда потпишана безброј пати од сериозни есеисти“, пишува Роб-Грије, „а сепак ништо не успеало да го симне од пиедесталот на кој го поставил деветнаесеттиот век. Денес тој е мумија, но сè уште устоличена со истата лажна величественост меѓу вредностите што традиционалната критика ги почитува.“ Насловот на есејот на Роб-Грије е За неколку застарени поими. И јас самиот сум уморен од застарени поими и од мумии од секаков вид, но никогаш не се заморувам од читањето на големите романсиери.
А што да правиме со ликовите во нивните книги?
Дали е неопходно да престанеме да го истражуваме карактерот? Може ли нешто што кај нив е толку живо денес да биде целосно мртво? Дали човечките суштества навистина стигнале до слепа улица? Дали индивидуалноста навистина толку многу зависи од историските и културните услови? И дали треба безрезервно да го прифатиме објаснувањето на тие услови што толку „авторитативно“ ни се нуди? Јас би рекол дека проблемот не лежи во суштинскиот интерес на човечките суштества, туку во самите идеи и толкувања. Нивната изветвеност и недоволност нè одбиваат. За да го откриеме изворот на тешкотијата, мораме да погледнеме во сопствените глави. Фактот дека смртната пресуда на карактерот „ја потпишале најсериозните есеисти“ значи само дека уште една група мумии – најпочитуваните водачи на интелектуалната заедница – прогласиле закон. Ме забавува помислата дека на овие сериозни есеисти им е дозволено да потпишуваат смртни пресуди за книжевни форми. Треба ли уметноста да ја следи културата?
Нешто тргнало наопаку. Нема причина зошто романсиерот да не се откаже од „карактерот“ ако таквата стратегија го поттикнува творечки. Но бесмислено е тоа да се прави врз теоретска основа дека е завршена епохата што го означила врвот на индивидуата и слично. Не смееме да ги претвораме интелектуалците во господари. Ниту ним не им правиме услуга ако им дозволиме да владеат со уметностите. Зарем, кога читаат романи, треба да наоѓаат во нив само потврда на сопствените ставови? Зарем затоа сме овде на земјата – за да играме такви игри? Како што еднаш рече Елизабет Боуен, ликовите не ги создаваат писателите. Тие веќе постојат и треба да бидат откриени. Ако не успееме да ги пронајдеме, ако не успееме веродостојно да ги претставиме, вината е наша.
Сепак, мора да се признае дека тоа не е лесна задача.
Можеби никогаш досега состојбата на човекот не била потешка за дефинирање. Веројатно се во право оние што велат дека се наоѓаме во рана фаза на една универзална историја. Масовно сме измешани едни со други и изгледа дека ја доживуваме вознемиреноста на нови состојби на свеста. Во Америка, во последните четириесет години, милиони луѓе добија „високо образование“ – благослов што во многу случаи е сомнителен. Во превирањата од шеесеттите години за првпат ги почувствувавме последиците од современите учења, концепти и чувствителности, како и продорноста на психолошките, педагошките и политичките идеи. Секоја година гледаме десетици книги и статии што им кажуваат на Американците во каква состојба се – текстови што изнесуваат интелигентни, плитки, претерани, сензационалистички или дури безумни тврдења. Сите тие ги одразуваат кризите во кои се наоѓаме, истовремено објаснувајќи ни што треба да направиме во врска со нив. Тие аналитичари се производ токму на истиот неред и збунетост за кои нудат рецепти.
Како писател, јас размислувам за нивната крајна морална чувствителност, нивната желба за совршенство, нивната нетрпеливост кон недостатоците на општеството, трогателната и понекогаш комична безграничност на нивните барања, нивната вознемиреност, раздразливост, чувствителност, мекосрдечност, добрина, нивната грчевитост и непромисленоста со која експериментираат со дроги, терапии со допир и бомби. Поранешниот језуит Малаки Мартин, во својата книга за Црквата, го споредува современиот Американец со скулптурата на Микеланџело Заробеникот. Тој во неа гледа „недовршена борба за целосно ослободување“ од еден блок материја. Американскиот „заробеник“, вели Мартин, е оптоварен во својата борба од „толкувањата, опомените, предупредувањата и описите на самиот себе што му ги наметнуваат самопрогласените пророци, свештеници, судии и фабриканти на неговото страдање“.
Да одвоиме малку време за повнимателно да го разгледаме ова страдање.
Во приватниот живот – неред или речиси паника. Во семејствата – кај сопрузите, сопругите, родителите и децата – збунетост. Во граѓанското однесување, во личните лојалности, во сексуалните практики (нема да ја набројувам целата листа; веќе сме уморни од неа) – уште поголема збунетост. А со овој приватен неред оди и јавната збунетост. Во весниците читаме работи што порано нè забавуваа во научната фантастика. Њујорк тајмс пишува за смртоносни зраци и за руски и американски сателити што војуваат во вселената. Во ноемврискиот број на списанието Енкаунтер, еден толку трезвен и одговорен економист како мојот колега Милтон Фридман изјавува дека Велика Британија, поради јавната потрошувачка, наскоро ќе тргне по патот на сиромашни земји како Чиле. Тој е ужаснат од сопствената прогноза. Што? Земјата што е извор на онаа благородна традиција на слобода и демократски права што започна со Магна карта да заврши како диктатура?
„Речиси е невозможно некој што пораснал во таа традиција да го изговори тврдењето дека Велика Британија е во опасност да ги изгуби слободата и демократијата; а сепак тоа е факт!“
Токму со ваквите факти, кои нè соборуваат на земја, се обидуваме да живееме.
Ако дебатирав со професорот Фридман, можеби ќе го замолев да ги земе предвид отпорноста на институциите, културните разлики меѓу Велика Британија и Чиле, разликите во националниот карактер и традициите. Но мојата цел не е да влегувам во расправии што не можам да ги добијам, туку да ви го насочам вниманието кон страшните предвидувања со кои мораме да живееме, кон позадината на нередот и визиите за пропаст. Би помислил човек дека една таква статија е доволна за едно списание. Но на друга страница од Енкаунтер, професорот Хју Сетон-Вотсон го разгледува неодамнешниот преглед на Џорџ Кенан за американската дегенерација и нејзиното мрачно значење за светот. Опишувајќи го неуспехот на Америка, Кенан зборува за криминалот, распаѓањето на градовите, зависноста од дроги, порнографијата, површноста и падот на образовните стандарди. Тој заклучува дека нашата огромна моќ повеќе не значи ништо. Не можеме да го водиме светот, а поткопани од сопствената морална расипаност, можеби нема да можеме ниту да се одбраниме.
Професорот Сетон-Вотсон пишува:
„Ништо не може да го одбрани едно општество ако неговите сто илјади највлијателни мажи и жени – и оние што одлучуваат и оние што го обликуваат мислењето на оние што одлучуваат – се решени да капитулираат.“
Толку за капиталистичката суперсила. А што е со нејзините идеолошки противници? Ги прелистувам страниците на Енкаунтер и наидувам на кратка студија од Џорџ Вотсон, предавач по англиска книжевност на Кембриџ, за расизмот на левицата. Тој нè потсетува дека Хиндман, основачот на Социјалдемократската федерација, ја нарекол Јужноафриканската војна „војна на Евреите“; дека Сидни и Беатрис Веб понекогаш изразувале расистички ставови (како што пред нив правеле и Џон Раскин, Томас Карлајл и Томас Хенри Хаксли); дека Фридрих Енгелс ги сметал помалите словенски народи во Источна Европа за контрареволуционерен етнички отпад. На крајот, Вотсон цитира јавна изјава на Улрике Мајнхоф од западногерманската „Фракција на Црвената армија“, дадена на судско сослушување во 1972 година, во која таа одобрува „револуционерно истребување“. За неа, германскиот антисемитизам од времето на Хитлер бил суштински антикапиталистички. „Аушвиц“, наводно изјавила таа, „значел дека шест милиони Евреи биле убиени и фрлени на отпадот на Европа поради тоа што биле – парични Евреи (Geldjuden).“ Ги споменувам овие расисти од левицата за да покажам дека за нас не постои едноставен избор меѓу децата на светлината и децата на темнината. Доброто и злото не се распоредени симетрично по политички линии.
Но поентата е јасна. Ние сме изложени на сите можни стравови. Пропаѓањето и падот на сè е наш секојдневен кошмар; вознемирени сме во приватниот живот и мачени од јавните прашања. А што е со уметноста и книжевноста? Па, околу нив се крева силна врева, но ние не сме целосно потчинети на неа. Сè уште сме способни да мислиме, да разликуваме и да чувствуваме. Почистите, посуптилни и повозвишени човечки дејности сè уште не им подлегнале на бесот и бесмислицата. Барем не засега. Книгите и понатаму се пишуваат и се читаат. Можеби е потешко да се допре до вртлогот што го носи умот на современиот читател, но сепак е можно да се пробие низ бучавата и да се стигне до тивката зона. А во таа тивка зона можеби ќе откриеме дека тој побожно нè очекува. Кога компликациите се зголемуваат, се зголемува и желбата за суштинското. Бескрајниот циклус на кризи што започна со Првата светска војна создаде еден особен тип човек – човек кој преживеал страшни и чудни нешта и кај кого може да се забележи намалување на предрасудите, отфрлање на разочарувачките идеологии, способност да се живее со различни облици на лудило и огромна жед за одредени трајни човечки добра – како што се вистината, слободата или мудроста. Не мислам дека претерувам. Има многу докази за тоа. Распаѓање? Да, секако. Многу нешта се распаѓаат. Но истовремено минуваме и низ еден необичен процес на прочистување. И тоа трае веќе долго време.
Кога повторно го отворам Прустовото Повторно пронајдено време, гледам дека тој бил сосема свесен за тоа. Неговиот роман, кој го прикажува француското општество за време на Големата војна, ја става на испит силата на неговата уметност. Без уметноста, инсистира Пруст – без да ги избегнува ниту личните ниту колективните ужаси – ние не можеме да се спознаеме ниту себеси ниту другите. Само уметноста продира низ она што гордоста, страста, интелигенцијата и навиката го изградуваат од сите страни – привидните стварности на овој свет. Постои и друга стварност, вистинската, која ја губиме од вид. Таа друга стварност постојано ни испраќа сигнали, но без уметноста не можеме да ги примиме. Пруст ги нарекува тие сигнали наши „вистински впечатоци“. Тие вистински впечатоци, тие упорни интуиции, без уметноста ќе останат скриени од нас и ќе ни остане само „терминологија за практични цели, која погрешно ја нарекуваме живот“.
Лав Толстој ја изразил истата мисла на многу сличен начин. Книга како Смртта на Иван Илич исто така ги опишува тие „практични цели“ што ни ги сокриваат и животот и смртта. Во своите последни страдања, Иван Илич станува поединец, вистински „лик“, токму така што ги руши тие прикривања, така што продира низ „практичните цели“ и ја согледува вистината зад нив.
Пруст сè уште успеваше да одржи рамнотежа меѓу уметноста и разурнувањето, инсистирајќи дека уметноста е животна потреба, голема независна стварност, магична сила. Но веќе долго време уметноста не е поврзана, како што била некогаш, со главното човечко претпријатие. Историчарот Едгар Винд во својата книга Уметност и анархија ни кажува дека Хегел уште одамна забележал дека уметноста повеќе не ги ангажира централните енергии на човекот. Тие енергии сега биле насочени кон науката – кон „немилосрдниот дух на рационалното истражување“. Уметноста се преселила на периферијата. Таму формирала „широк и блескаво разновиден хоризонт“. Во ерата на науката луѓето и понатаму сликале и пишувале поезија, но, според Хегел, колку и да изгледале величествено боговите во современите уметнички дела и колкава и да била достоинственоста и совршенството што можеле да се најдат „во претставите на Бог Отецот и на Дева Марија“, тоа веќе не било од корист: ние повеќе не клечевме пред нив. Помина долго време откако колената се свиткуваа во побожност. Досетливоста, смелото истражување и свежината на пронаоѓањето ја заменија уметноста на „директната релевантност“.
Според Хегел, најзначајното достигнување на оваа чиста уметност било тоа што, ослободена од поранешните обврски, таа повеќе не била „сериозна“. Наместо тоа, ја издигнувала душата преку „спокојството на формата над секоја болна вмешаност во ограничувањата на стварноста“. Не знам кој денес би можел да изнесе такво тврдење за уметност што ја издигнува душата над болните соочувања со стварноста. Ниту сум сигурен дека токму духот на рационалното истражување во чистата наука денес ги ангажира централните енергии на човекот. Центарот, барем привремено, изгледа е исполнет со кризите што ги опишував. Во деветнаесеттиот век постоеја европски писатели кои не сакаа да се откажат од поврзаноста на книжевноста со главното човечко битие. Самата помисла на тоа би ги шокирала Толстој и Достоевски.
Но на Западот дојде до разделба меѓу големите уметници и пошироката публика. Тие развија изразен презир кон просечниот читател и буржоаската маса. Најдобрите меѓу нив јасно гледаа каква цивилизација создала Европа – блескава, но нестабилна, ранлива и осудена да биде затекната од катастрофа, како што забележува историчарот Ерих Ауербах. Некои од тие писатели, вели тој, создавале „чудни и нејасно застрашувачки дела или ја шокирале јавноста со парадоксални и крајни ставови. Мнозина од нив не се труделе да го олеснат разбирањето на она што го пишувале – било од презир кон публиката, од култ кон сопствената инспирација или од извесна трагична слабост што ги спречувала истовремено да бидат едноставни и вистинити.“
Во дваесеттиот век нивното влијание остана доминантно, бидејќи, и покрај привидот на радикализам и иновација, нашите современици всушност се многу конзервативни. Тие ги следат водачите од деветнаесеттиот век и се држат до старите мерила, толкувајќи ги историјата и општеството речиси на истиот начин како што биле толкувани тогаш. Што би правеле писателите денес ако им текнеше дека книжевноста може повторно да ги ангажира тие „централни енергии“? Ако сфатеа дека се појавила огромна желба за враќање од периферијата кон она што е едноставно и вистинито? Се разбира, не можеме да се вратиме во центарот само затоа што го посакуваме тоа. Но можеби е важно што некој нè посакува таму. А силата на кризата е толку голема што можеби ќе нè повика назад кон таков центар. Сепак, препораките се бескорисни. Не може да им се кажува на писателите што треба да прават.
Имагинацијата мора сама да си го пронајде патот. Но човек може искрено да посака тие – односно ние – да се вратиме од периферијата. Ние, писателите, не го претставуваме човештвото доволно веродостојно. Каква слика Американците даваат за самите себе? Какви слики за нив создаваат психолозите, социолозите, историчарите, новинарите и писателите? Во некаква договорна дневна светлина тие се гледаат себеси преку претстави што ни се очајно добро познати. Тие слики на „договорната дневна светлина“, толку здодевни и за Роб-Грије и за мене, потекнуваат од современиот поглед на светот. Во нашите книги ги внесуваме потрошувачот, државниот службеник, навивачот, љубовникот, гледачот на телевизија. А во таа дневна верзија нивниот живот е еден вид смрт. Постои и друг живот, што извира од упорното чувство за тоа што навистина сме; чувство што ги негира овие дневни формулации и лажниот живот – смртта во животот – што тие ни ја создаваат.
Зашто тоа е лага, и ние го знаеме тоа. Нашиот таен и нејасен отпор кон неа не може да престане, бидејќи тој отпор произлегува од упорни интуиции. Можеби човештвото не може да поднесе премногу стварност, но не може да поднесе ни премногу нестварност, ниту премногу злоупотреба на вистината. Немаме високо мислење за самите себе. Не размислуваме доволно широко за тоа што сме. Нашите колективни достигнувања толку многу нè „надминале“ што се оправдуваме покажувајќи кон нив. Токму млазниот авион, со кој ние обичните луѓе го прелетавме Атлантикот за четири часа, ја отелотворува вредноста што можеме да ја побараме за себе. А потоа слушаме дека настапува затворањето на градините на Западот, дека крајот на капиталистичката цивилизација е на повидок. Пред неколку години Сирил Коноли напиша дека сме на прагот на „целосна мутација, која не може да се опише само како колапс на капиталистичкиот систем, туку како таква промена во самата природа на стварноста што не можеле да ја замислат ниту Карл Маркс ниту Зигмунд Фројд“.
Тоа значи дека сè уште не сме доволно намалени; мораме да се подготвиме да станеме уште помали. Не сум сигурен дали ова треба да се нарече интелектуална анализа или анализа од страна на интелектуалец. Катастрофите се катастрофи. Би било поглупаво од глупаво да ги нарекуваме победи, како што се обидуваа да направат некои државници. Но јас сакам да укажам на фактот дека во интелектуалната заедница постои значителен инвентар на ставови што стекнале углед и авторитет – претстави за општеството, човечката природа, класата, политиката, полот, умот, физичкиот универзум и еволуцијата на животот. Малкумина писатели, дури и меѓу најдобрите, си дале труд повторно да ги преиспитаат тие ставови и ортодоксии. Кај Џејмс Џојс или Д. Х. Лоренс тие ставови само светат посилно отколку кај помалите автори; тие се присутни насекаде и речиси никој сериозно не ги оспорува.
Од дваесеттите години наваму, колку романсиери повторно го прочитале Лоренс и понудиле поинаков поглед на сексуалната моќ или на влијанието на индустриската цивилизација врз човечките инстинкти? Речиси цел век книжевноста се служи со истиот фонд идеи, митови и стратегии. „Најсериозните есеисти во последните педесет години“, вели Роб-Грије. Да, навистина. Есеј по есеј, книга по книга, ги потврдуваат најсериозните мисли – бодлеровски, ничеански, марксистички, психоаналитички и така натаму – на тие најсериозни есеисти. Она што Роб-Грије го вели за карактерот може да се каже и за овие идеи: за сите вообичаени тврдења за масовното општество, дехуманизацијата и останатото.
Колку сме уморни од нив. Колку лошо нè претставуваат. Сликите што ни ги нудат не личат на нас ништо повеќе отколку што ние личиме на реконструираните влекачи и чудовишта во музеј на палеонтологија. Ние сме многу поподвижни, поразновидни, подобро обликувани. Во нас има многу повеќе. Сите го чувствуваме тоа. Што е денес во центарот? Во овој момент тоа не се ниту уметноста ниту науката, туку човештвото кое, во збунетост и нејасност, одлучува дали ќе опстане или ќе потоне. Целиот човечки род – сите без исклучок – е вклучен во таа драма. Во такво време е неопходно да се олесниме, да се ослободиме од товарите, вклучувајќи ги товарите на образованието и сите организирани баналности; да донесуваме сопствени судови и да вршиме сопствени дела.
Конрад беше во право кога се обраќаше кон оној дел од нашето битие што е дар. Тој дел мораме да го бараме под урнатините на многубројните системи. Неуспехот на тие системи може да донесе благословено и неопходно ослободување од формулите, од прецизно дефинираната и погрешно насочена свест. Сè почесто ги отфрлам како обични респектабилни мислења ставовите што долго време сум ги имал – или сум мислел дека ги имам – и се обидувам да откријам според што навистина сум живеел јас и според што живеат другите.
Што се однесува до Хегеловата уметност, ослободена од „сериозноста“ и сместена на маргините, која преку спокојството на формата ја издигнува душата над болното соочување со ограничувањата на стварноста – такво нешто денес не може да постои, не додека трае оваа борба за опстанок. Но тоа не значи дека луѓето што се вклучени во таа борба поседуваат само примитивна човечност, без култура, и дека ништо не знаат за уметноста. Напротив. Самите наши пороци, нашите осакатувања, покажуваат колку сме богати со мисла и култура. Колку многу знаеме. Колку многу дури и чувствуваме. Борбата што нè потресува нè тера да поедноставуваме, да преиспитуваме, да ја отстраниме трагичната слабост што им пречела на писателите – и на читателите – истовремено да бидат едноставни и вистинити.
Писателите уживаат голема почит. Интелигентната публика покажува извонредно трпение кон нив, продолжува да ги чита и да поднесува разочарување по разочарување, чекајќи од уметноста да го чуе она што не го слуша од теологијата, филозофијата или општествената теорија, и што не може да го добие ниту од чистата наука. Од борбата што се води во самиот центар произлегла една огромна и болна копнежливост за пошироко, пофлексибилно, попотполно, покохерентно и посеопфатно објаснување за тоа што сме ние, човечките суштества; кои сме и за што служи овој живот. Во центарот човештвото се бори со колективните сили за својата слобода, а поединецот се бори со дехуманизацијата за да ја зачува својата душа. Ако писателите повторно не влезат во центарот, тоа нема да биде затоа што центарот е веќе заземен. Не е. Тие се слободни да влезат. Ако го посакаат тоа.
Суштината на нашата вистинска состојба, нејзината сложеност, нејзината збунетост и нејзината болка – ни се открива само во мигови, во она што Пруст и Толстој го нарекувале „вистински впечатоци“. Таа суштина се открива, а потоа повторно се сокрива. Кога ќе исчезне, нè остава повторно во сомнеж. Но никогаш не изгледа дека ја губиме врската со длабочините од кои доаѓаат тие мигови на откровение. Чувството за нашите вистински сили – сили што ни се чини дека ги црпиме од самиот универзум – исто така доаѓа и си заминува. Не сакаме многу да зборуваме за тоа, затоа што немаме што да докажеме, затоа што нашиот јазик е недоволен и затоа што малкумина се подготвени да ризикуваат и да зборуваат за такви нешта. Би морале да кажат: „Постои дух.“ А тоа е табу. Затоа речиси сите молчат за тоа, иако речиси сите се свесни за неговото постоење. Вредноста на книжевноста лежи токму во тие повремени „вистински впечатоци“. Романот постојано се движи напред-назад меѓу светот на предметите, дејствијата и појавите и оној друг свет од кој доаѓаат овие „вистински впечатоци“ и кој нè поттикнува да веруваме дека доброто за кое толку упорно се држиме – и покрај злото, толку тврдоглаво – не е илузија.
Никој што поминал години пишувајќи романи не може да не биде свесен за ова. Романот не може да се спореди со епот или со монументалните дела на поетската драма. Но тој е најдоброто што можеме да го создадеме во овој момент. Тој е еден вид доцно засолниште, скромна колиба во која духот наоѓа прибежиште. Романот е поставен меѓу неколку вистински впечатоци и мноштвото лажни впечатоци што го сочинуваат најголемиот дел од она што го нарекуваме живот. Тој ни кажува дека за секое човечко суштество постои разновидност на постоења; дека единственото постоење е делумно илузија; дека тие многубројни постоења значат нешто, се стремат кон нешто, исполнуваат нешто. Романот ни ветува смисла, хармонија, па дури и правда. Она што го кажа Конрад беше вистина: Уметноста се обидува да го пронајде во универзумот, и во материјата и во фактите на животот, она што е суштинско, трајно и непроменливо.
